Кризата во Македонија е можност за нови сили

Колумна на Ерван Фуере

Кога земјата ќе излезе од сегашната криза граѓанското општество ќе има шанса да одигра значајна улога во создавањето на поинакво општество.

Додека премиерот Никола Груевски и неговите министри и понатаму седат во нивните фотелји, во македонското општество се појавуваат нови сили кои, во иднина, можат да донесат позитивни промени.

Ова беше евидентно во последниве неколку месеци со растечкото крешендо на оние кои го кренаа гласот против обидите на власта да ги замолчи. Почнувајќи од студентите и професорите кои се спротивставија на реформите во образованието, до граѓаните кои протестираа против заплашувањата на владеачката партија и нејзините политики на поделби и контрола врз медиумите, се создаде ново чувство на еманципација кое досега беше потиснато од авторитарната контрола на режимот.

Импресивниот собир на илјадници граѓани кои протестираа на улиците низ Скопје на 17 мај против владата, беше еден од оние клучни моменти што се надевам ќе бидат запаметени како пресвртна точка за подобра иднина на Македонија.

Тоа беше најголемиот протест на граѓани во 23 годишната историја на Македонија, што обедини многу луѓе од сите краишта на земјата и од сите етнички групи и претставуваше вистинско славење на моќта на народот.

Пркосејќи им на заплашувачките тактики на владата, многу организации оформија граѓанска платформа, заедно со Студентскиот пленум и видни невладини организации и се приклучија кон опозициските партии и обичните граѓани во центарот на Скопје, за да го отфрлат постоечкиот режим и бруталната сила на актуелната политика. Тие беа придружувани и многумина од македонска дијаспора кои ја согледуваат огромната штета што владејачката партија му ја нанесе на имиџот на Македонија.

Наместо да ја слушне пораката што ја испратија граѓаните, владејачката партија продолжува да користи речник на агресија и да тврди дека „не се предава“, како што рече самиот Груевски на бината на контра – митингот на 18 мај.

Премиерот уште еднаш покажа дека тој и неговата партија не можат да прифатат различните мислења. Неговото одбивање да се овозможи целосна и транспарентна истрага за скандалот со прислушувањето е еднакво на признавање вина за содржината на објавените разговори.

Не е ни чудо што кај граѓаните расте отпорот кон оваа власт, како и определбата на граѓаните да продолжат да кампуваат пред Владата.

Иако влијанието на овие протести на долг рок останува да се види, сепак, тие одбележуваат нова фаза во македонското политичко тело, што е добар знак откако земјата ќе излезе од сегашната криза.

Секако, многу ќе зависи од тоа дали досегашниот постигнат моментум ќе може да се одржува во иднина.

Опозициските партии сфатија дека силата на нивните протести зависи од просторот што им се обезбедува на граѓанските организации, вклучително и на Студентскиот пленум. Нивните здружени гласови играат значајна улога во преодниот периодпроцеси, откако актуелната владејачката структура ќе даде оставка. Тоа може да придонесе за појава на нови политички сили, кои нема да бидат извалкани од корупцијата од минатото, создавање нови политички структури и нов пристап кон политиката со консензус во општеството, кое е толку длабоко поделено поради страв и заплашување од сегашниот режим.

Оваа коалиција на сили за промени, може да понуди одлепување од минатото и да осигура дека граѓанското општество никогаш повеќе нема да биде маргинализирано и предмет на понижувачки напади од влада решена да ја наметне својата волја.

Досега, дали се работеше за развој и усвојување на законите или во процесот на следење на владините реформи, значајниот придонес на граѓанските организации беше систематски игнориран, или уште полошо, дискредитиран од владејачката партија.

Отстапувањето критички простор за цивилното општество, вклучително и на академската и бизнис заедница во привремениот процес може да биде поттик за многу организации, за да се изгради заедничка платформа.

Додека нивните специфични приоритети се разликуваат, барањата за правично судење, почитување на владеењето на правото, независноста на медиумите и нулта толеранција за корупцијата се елементите што ги обединуваат.

ЕУ, заедно со ОБСЕ, можат да обезбедат вредна поддршка и совети во овој процес.

Жално е што комесарот Хан, со тоа што не најде време при посетата на 2 јуни да се сретне со граѓанската платформа, со што ја загуби можноста да ја согледа нивната витална улога во оваа критичка фаза и патот на земјата кон излез од актуелната криза.

Искуството од другите општества кои излегуваат од конфликт и од длабоки внатрешни поделби покажа дека колку повеќе граѓанското општество е вклучено во развојот на политиката и градењето консензус на национално ниво, толку е поголемо чувството кај мнозинството граѓани дека ја контролираат насоката во која земјата ќе се движи.

Тоа исто така обезбедува поголема одговорност на новата влада и политичките лидери, и функционален систем на „проверки и рамнотежи“.

Пред сè, овие нови сили би можеле да бидат гаранти за општество засновано на правда, каде што човечкото достоинство е почитувано над сè друго, каде што толеранцијата и сочувството, наместо стравот и заплашувањето, стануваат правило, и каде што луѓето веќе не се категоризираат како „предавници“ или „непријатели на државата“, поради нивните независни ставови.

Но, за да се случи тоа, Груевски и неговите министри мораат да си одат. И што порано си одат, тоа е подобро за македонската иднина и за исполнување на аспирациите на граѓаните. Секоја друга опција, како останување на премиерот и неговите министри во нивните фотелји, додека државата се подготвува за предвремени избори, само ќе ја пролонгира агонијата.