Ѓубриња до крај

Полициската интервенција во ЈП „Комунална хигиена“ и (како што беше соопштено) полициската заштита на нивните камиони додека го собираат насобраното ѓубре во македонската метропола, како и решението на градоначалниците на општините Кисела Вода и Аеродром да го истурат „доброволно“ собраното ѓубре од нивните општини пред портите на депонијата „Дрисла“, а не таму каде што треба, суштински гледано, се илустративни примери за (не)функционирањето на еден руиниран политички систем, во каков што живееме.

Овие примери не отвораат никакви нови прашања. А уште помалку нудат одговори. Напротив.

Случувањата со јавната хигиена во градот, која, да се разбереме, никогаш не била во некоја завидна кондиција, само ја запечатуваат гнилоста на политичкиот систем, кој одамна функционира без трошка компетентност и уште помалку одговорност.

Шумот од политизирани и преполитизирани информации околу „Комунална хигиена“ не може и не остава простор за можност со кое било ниво на објективност да се тврди што било околу „ѓубретарската катаклизма“ на градот.

По принципот на приказната со заплашување со волкот, знаете онаа каде што овчарчето им довикува на соселаните „волк, волк…“, сѐ додека волкот навистина не му се појави, секој протест, секој глас, секој шум… тука се толкува како политичка, платеничка, удбашка или не знам каква инсталација. И навистина не е јасно кога волкот ќе ти зачука на портите.

Што бараше полицијата пред и во „Комунална хигиена“? Кого и што штитеше? Јавниот ред и мир? Јавното добро? Некој уништуваше нешто? Кој беше загрозен? Или го штитеше јавното здравје, загрозено од ѓубрето?

Она што јас можев да го сфатам од достапните информации и шумови е дека поводот за бунтот ли, штрајкот ли, бојкотот… на вработените, било тоа што директорката Косана Николиќ Мазнева отпуштила десетмина вработени. Натаму следеше информација дека луѓето, наводно, не се појавувале на работа, а примале плата, па затоа биле отпуштени. Потоа следеше друга информација дека тие константно ја држеле третата смена, која носела финансиски бенефити, а некои од нив и тогаш не се појавувале на работа.

Моето чувство е дека јавноста премногу бргу и премногу лесно се фати на ваквите образложенија. Прво, мислам дека ниту еден работник нема да ризикува да си го загрози сопственото работно место за да застане во одбрана на некој што не доаѓа на работа, а прима плата. Второ, како е можно дури и претседателот на нивната синдикална организација (инаку човек со повеќедецениско работно искуство во истата фирма), да биде отпуштен од работа со овие десетмина, затоа што воопшто не се појавувал на работното место. Та, белки, вработените не би го избрале за синдикален водач, ако воопшто не го познаваат. И, трето, како тоа се отпуштаат вработени со објавување список на отпуштените на огласна табла. (И јас ја слушнав директорката на некој видеоклип каде што се заканува дека ќе стави уште 200 луѓе „на огласна табла“).

Политичките партии, како што тоа и се очекуваше, веднаш намирисаа „политичка крв“ во случувањата и веднаш почнаа да се обвинуваат за политички манипулации. И додатно да ја заматуваат водата. Тука првенствено мислам на главната владејачка партија СДСМ и главната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, додека ДУИ (засега) „мудро“ молчи.

Но, што бараше полицијата пред и во „Комунална хигиена“? Кого и што штитеше? Јавниот ред и мир? Јавното добро? Некој уништуваше нешто? Кој беше загрозен? Или го штитеше јавното здравје, загрозено од ѓубрето? И зошто интервенираше со резултат, како што наведуваат медиумите, од тројца повредени и четворица приведени?

Претпоставувам дека една варијанта од образложенијата ќе биде дека штрајкот на вработените во „Комунална хигиена“ бил нелегален, односно не бил по прописите – првин преговори, па медијација, па не знам што, па може, ама не мора да значи… Па затоа полицијата била викната да интервенира.

Токму тој „нелегален“ момент на штрајкот на луѓето од „Комунална хигиена“ за мене е еден од најбитните моменти во овие случувања. Во оваа држава, во која наводната „левичарска“ влада „мртва ладна“ (или што би рекла директорката Мазнева во споменатиот видоклип: „мртва сериозна“) воведува 60-часовна работна недела, работничките права се одамна врамени во „простор без простор“.

Таканаречениот лев центар што е моментално на власт тврдокорно стои зад правилата што сам ги воведува за репрезентативни синдикални претставници и за штрајк, кој практично не може да се случи поради законските пречки. И ако некако успее да се организира, тогаш тој ќе се случи барем еден или два месеца подоцна од директниот повод. А десната страна сесрдно ги поддржува во ова отапување на барањата за легитимни права. Токму затоа сме сведоци на премногу протести по улиците на Скопје, а премалку штрајкови.

Мене лично најгротескно ми прозвучи информацијата дека полицијата ќе ги заштитува камионите на ЈП „Комунална хигиена“ додека го собираат (пре)насобраниот комунален смет по градот. Од кого? Мислат ли дека скопјани ќе излезат на улица и ќе ги спречуваат комуналците да го исчистат ѓубрето од нивната најблиска околина? Всушност, вистинското прашање гласи: мислат ли воопшто нешто?

Директорката Николиќ-Мазнева се закани дека ќе поднесе кривични пријави против сите што ја опструирале работата на ЈП „Комунална хигиена“. Колку што разбрав, веќе поднела против некои од нив. Претпоставувам дека тоа ќе бидат пријави за загрозување на јавното здравје.

Случувањата со јавната хигиена во градот, која, да се разбереме, никогаш не била во некоја завидна кондиција, само ја запечатуваат гнилоста на политичкиот систем, кој одамна функционира без трошка компетентност и уште помалку одговорност

Во тој случај, треба да поднесе пријави и против градоначалниците на општините од Град Скопје. Првенствено против оние што го истурија сметот пред „Дрисла“, затоа што со тоа реално го загрозуваат јавното здравје, а потоа против сите други што се осмелиле неовластено да го креваат сметот од скопските улици. И јавно да изјавуваат дека сакаат да го урнат статутот на Град Скопје, со тоа што ќе бараат затворање на ЈП „Комунална хигиена“ и, како замена, отворање општински комунални претпријатија.

Ако не преземе  Косана Мазнева мерки против градоначалниците на скопските општини затоа што јавно бараат укинување на нејзината фирма, тогаш е беспредметно да презема мерки против кој било вработен таму, бидејќи никој од нив, реално не истапува со идеја таа фирма да се затвори.

Лично немам ништо против оваа идеја. Ама, искрено, немам ништо ни за. Токму искуството со ЈП „Комунална хигиена“ не ми дава за право да верувам во искреноста на политичките носители на власта. Врз база на кои квалитети, по ѓаволите, Косана Николиќ Мазнева е избрана за директор на „Комунална хигиена“? Што и каде научила, на пример, за одвојување на отпадот? За рециклажа, не сакам ни да зборувам. Знае ли како ѓубрето се претвора во енергија? Видела ли како Цирих, на пример, функционира со своето ѓубре?

Но, ајде да кажеме дека далеку е Швајцарија, ама може ли да ја контролира сопствената фирма. За почеток, без асистенција на полицијата. Знае ли да ги сослуша вработените и нивните проблеми?

Не, се разбира. Затоа што кај нас, на сите можни нивоа, се поставуваат, именуваат, избираат… само партиски кадри. Затоа што верноста на партијата е единствениот квалитет што поминува во оваа држава.

И затоа нема трошка одговорност. Кога во Стајковци и на обиколницата ќе ни се исподават луѓе, за тоа е виновен дождот што паѓа на „илјада години еднаш“. Кога багер ни гази сограѓанка на пешачки, тогаш „се случуваат такви работи“. Кога луѓе не можат да извадат лична карта од најбанални административни причини, „такви се правилата“… Важно, никој не е одговорен, компетентен уште помалку. Ама верен е на партиските идеали. И тендери. И синекура.

Можеби, додека го пишувам ова, го исчистиле ѓубрето од скопските улици, ама без оглед на тоа – ние ќе си останеме, што би рекол Бора Чорба, „ѓубриња до крај“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија