Има ли чочек на крајот од тунелот

Колумна на Сашо Кокаланов

У тунелу, усред мрака, сија флаша од вињака (Драган Торбица, „Државни посао“)

Ако Грциве од „Актор“ го прославија пуштањето на автопатот Демир Капија – Смоквица со оркестар за блех-музика, што треба да направат Кинезите кога двете екипи што копаа еден ден среќно ќе се сретнат на половина од тунелот на автопатот Кичево – Охрид? Како ли таа радост да се одбележи?

Можеби ќе го поканат „Оркестар Драгачевске трубе“ како последен победник на познатиот фестивал на блех-музика во Гуча, Србија? Или малку покултурно, па да ја донесат целата Виенска филхармонија и да ја распоредат по околните брда? Или, нек си ебе матер, нека биде уште помасовно, па да ја разиграат низ тунелот танцовата група од нивниот Синѓијанг, Гинисов рекордер со 17.000 танцувачи…

Не знам, тоа е сепак работа на изведувачот, ама за што и да се решат, нека биде грандиозно и незаборавно, има ситуации кога не треба да се биде скромен, не е мала работа да се изгради тунел! То ест, не само да се изгради туку да се почне и да се заврши во еден ист живот, да не речам мандат, иако овие две работи кај нас се тесно поврзани…

Во земја во која долги години се очекува да се здогледа светлото на крајот од транзицискиот тунел не треба да е толку чудно да се засвири музика на тој трнлив пат, па и да се отвори некој вињак, ракија, узо, што и да е, да се заигра и некој чочек. Кај е темно во тунелов, зарем мора да биде и глуво!

Големиот Ернесто Сабато за 99 години живот (два месеца му недостигаа за еден век) направи само еден тунел. Значи, отприлика, горе-долу, плус-минус, како и наша Македонија. Со тоа што, неговиот „Тунел“ е ремек-дело, а нашиот е само еден обичен тунел, кој за десетина години ќе биде валкан, ишаран со повеќеазбучни графити од типот „УМС VМРО – Dемир Капија до гроп“ и ќе му работи секоја триесет и трета неонка во чест на годините на Исус, како што, впрочем, изгледаат сите останати тунели во Македонија.

Иако ремек-дело на јужноамериканската книжевност, навистина не знам како Сабато го прославил својот тунел – тунел кој споил многу култури со аргетинската, што е, јебига, според некои поглобални мерила, малку повеќе од тоа да ги споиш Демир Капија и Смоквица.

Како и да е, романот „Тунел“ преку 39 кратки поглавја, да не речам делници, со само една патарина која можете да ја платите во речиси секоја книжарница што ќе ви се најде на патот, ќе ви ја расветли љубовната приказна помеѓу Марија и Хуан Пабло и злосторството поттикнато од една огромна страст и од човечката немоќ за комуникација. Раскажан во прво лице, според критичарите, „Тунел“ е, всушност, отсликување на егзистенцијалниот тунел на современиот човек, неговата очајничка потрага по комуникација и разбирање.

За тоа како може никој во државава да не ја знае точната вредност на „најграндиозниот“ инфраструктурен проект во последнава декада ви ја препорачувам колумната на Орданоски на Цивил. А за прашањето дали славењето со чочек на изградба на тунел не е можеби отсликување на егзистенцијалниот тунел на современата македонска држава, и нашата очајничка потрага по комуникација и разбирање, ќе мора сепак да го консултираме тунелот на Сабато.

Не само македонска, би рекол сепак балканска, имајќи предвид дека славенициве од пред некој ден се Грци, како и некои слични настани во блиското соседство, како на пример свеченото пуштање семафор во Србија со музиканти, сечење ленти и шведска маса со лесковачки специјалитети на тротоарот.

Можеби ќе ви изгледа претерано извлекувањето сообраќајни паралели помеѓу Сабато и  Македонија, но не можете да порекнете дека има големи сличности. Еве, на пример, Сабато во сите свои три романи се занимава со потеклото на лудилото. А ние го применуваме лудилото во практика. Како во оној босанскиот виц: Јеси болан чито На Дрини чуприја? Шта чито, болан, ходо.

Или во нашиот случај: Шта чито, болан о лудилу, ја полудео.

Како и да е, во земја во која долги години се очекува да се здогледа светлото на крајот од транзицискиот тунел не треба да е толку чудно да се засвири музика на тој трнлив пат, па и да се отвори некој вињак, ракија, узо, што и да е, да се заигра и некој чочек. Кај е темно во тунелов, зарем мора да биде и глуво!

Има и некоја симболика во настанов. Сите релевантни светски државници, барем од сојузите чијшто дел сакаме да станеме, ни велат дека тунелот кон ЕУ и НАТО води преку Грција, баш исто како и овој кај Смоквица.

Премиерот Заев, пред два дена за агенцијата „Франс прес“ изјави дека „нема да е крај на светот ако не го решиме спорот за името“. Хм, да, крај за светот нема да е, ама како што стојат сега работите може да биде крај за Македонија, барем на онаква каква што сакаме да ја видиме. Односно, да биде појасно, добро е да се реши спорот и да се интегрираме во светот за да не биде Смоквица крај на светот во кој ќе растат новите генерации.

И, се разбира, треба уште од сега да се размислува со каква музика ќе се прославува излезот од тунелот за името, за да не нѐ изненади странскиот изведувач од Грција со некое нивно сиртаки. Јас би го букирал „Кочани оркестар“ за цел јуни, па што биде нека биде.