Иранскиот предизвик

Постои еден стар виц за тоа како почнала Виетнамската војна, кој за оваа пригода малку ќе го модифицираме и осовремениме, давајќи му работен наслов: „Како почна Третата светска војна“. Македонците немале работа и отишле во Германија да работат. Бидејќи Германците немале повеќе работа за себе, отишле да работат во САД. Бидејќи сега Американците останале без работа, отишле да работат во Иран. Бидејќи Иранците никако не сакале да дојдат во Македонија да работат, почнала Третата светска војна.

И во овој виц, како и во секој друг има делови што ја отсликуваат реалноста, само што во неа ги нема Македонците. Имено, додека целиот свет анализира и стравува од зголемување на ескалацијата на иранско-американскиот судир, што секако може да доведе до несогледливи последици, Македонија се занимава со веќе традиционалните техникалии и фолклорните меѓупартиски препукувања околу техничката влада.

Официјално Скопје нема никаков став околу кулминацијата на иранско-американскиот судир. Или барем јас не видов и не слушнав ништо слично. Не дека официјалниот овдешен став ќе значеше нешто во меѓународната геополитичка ситуација, ама барем ќе покажеше извесна доза загриженост за она што веќе извесно време се случува на Блискиот Исток, а според многу аналитичари и буквално може да доведе до Трета светска војна.

Во таа смисла, покрај името на иранскиот генерал Касим Сулејмани, чие убиство е поводот за оваа криза, едно од најчесто спомнуваните имиња во анализите и коментарите во светските медиуми е името на австро-унгарскиот надвојвода Франц Фердинанд. Влечењето паралели со атентатот во Сараево од пред 105 години не е толку бесмислено, ако се гледа низ призмата на односот на силите во современата геополитичка состојба и тенденциите да се редефинираат зоните на интерес на светските сили и на оние што претендираат тоа да бидат.

Касим Сулејмани, иако за македонската јавност е релативно непознато име, е високо позициониран во иранската политичка и воена структура. Неговата популарност на Блискиот Исток се мери со популарноста на една рок-ѕвезда. Во него многумина го гледаа следниот претседател на Исламската Република. Во таа смисла, Иран не ја доживува неговата смрт само како голема загуба, туку како своевидна национална навреда, која не би смеела да остане неказнета. Нешто слично како што пред еден век австро-унгарскиот двор го доживеа атентатот врз Франц Фердинанд. И така почна Големата војна – најстрашниот воен судир што дотогаш човештвото го видело.

 Додека целиот свет анализира и стравува од зголемување на ескалацијата на иранско-американскиот судир, што секако може да доведе до несогледливи последици, Македонија се занимава со веќе традиционалните техникалии и фолклорните меѓупартиски препукувања околу техничката влада

Нападот на американските беспилотни летала во кој е убиен Сулејмани практично е одговор на неодамнешните насилни демонстрации пред американската амбасада во Багдад. Во таа пригода Американците мораа да употребат и хеликоптери за да го одбијат нападот на толпата која практично влезе во дворот на амбасадата. Демонстрациите, пак, беа одговор на американскиот напад на единиците на Хезболах, при што се убиени 25 нивни борци.

Организацијата на протестите пред Амбасадата во Багдад Американците му ја припишаа на Иран и во таа смисла генералот Сулејмани го таргетираа како легитимна цел (Сулејмани е командант на иранската елитна бригада „Ал Кудс“, која е на американскиот список на терористички организации).

Се разбира дека со атентатот на Сулејмани, не само што не се прекина маѓепсаниот круг на насилство, туку постои сериозна можност тој да се претвори во бесконечен синџир.

Иранските власти од највисоките позиции најавија одмазда врз САД, не исклучувајќи го и нападот на нивните бродови во клучниот Хормушки теснец. (Веќе почнаа да „атерираат“ ракети од повеќецевни фрлачи во американските дворови во регионот).

Американскиот претседател најави дека САД имаат таргетирано 52 цели (градови) во Иран што ќе ги нападнат ако Иран одговори на атентатот, алудирајќи на 52-та американски заложници од почетоците на Исламската Република.

Иран целосно се повлече од таканаречениот Нуклеарен договор, со што повторно се закани со нуклеарно оружје. Во овој редослед на настаните не треба да се занемари и одлуката на Ирачкиот парламент да им го ускрати гостопримството на американските војници во оваа земја. Останува отворено и застрашувачко прашањето како оваа одлука би можела да се реализира.

Во заднината на спорот се острите санкции што САД му ги наметна на Иран. Проценките на Меѓународниот монетарен фонд велат дека годинава иранската економија ќе забележи пад од десет проценти.

Од друга страна, иранскиот претседател Хасан Рохани го претстави буџетот за персиската 2020 година (почнува во март), како одговор на санкциите и како буџет што е „најмалку зависен од нафтата“, најавувајќи можност на земање заем од Русија во вредност од повеќе милијарди долари како „клучен извор на приходи“.

Не треба да се занемари и фактот дека Кина во моментов има огромни инвестиции во Иран. Околните земји, особено Израел, кој упорно ја крева температурата, но и Саудиска Арабија во политиката на Иран кон Ирак, во Либан, а секако и во сириската и јеменската мешаница, гледаат „разбуден неоколонијализам“ што треба да биде запрен. На овој начин се исцртуваат двата пола во судирот и ги приближуваат опциите кон „придвижување на големата драма“, како веќе се нарекува евентуалната нова Заливска војна.

Не треба да се занемари ниту внатрешната ситуација во политички поделените САД. Многу аналитичари денес потсетуваат на изјавата на Доналд Трамп од 2011 година, кога рече дека Обама во последната година од неговиот мандат ќе отвори војна со Иран за да биде повторно избран.

Ова е предизборна година за Трамп, плус пред него е непријатниот процес за импичмент. А како што е познато во политичката пракса, помалите проблеми секогаш ефикасно се решаваат со создавање поголеми проблеми.

Вечната дилема дали е чашата до половина полна или е полупразна важи и за овој случај. Сѐ додека чашата не се прелие.