Изборна раскрсница

Што ново ќе донесат годинашните (предвремени) парламентарни избори? И дали воопшто ќе донесат нешто што досега не сме виделе во овдешните изборни циклуси?

Она што ќе остане стандардно веќе сега е познато: валканата кампања и меѓусебните обвинувања веќе се во полн ек. Наскоро ќе бидеме бомбардирани и со прилично наивни, до граница на глупавост, изборни спотови и платена политичка пропаганда.

 Нема да изостанат ниту самофалбите, па и (не)реалните ветувања за она веќе фамозно „подобро утре“, кое никако нема да го дочекаме. Веројатно ќе слушаме уште „нелегално прибавени, лепени, сечени и монтирани бомби“. Ќе се нагледаме партиска валкана долна облека.

Сето тоа, се разбира, е фолклор на секое (особено овдешно) предизборно и изборно време. Дури и да се реформираше изборниот систем, како што не се реформира, немаше да има некои поголеми разлики во основните изборни резултати, а уште помалку во перцепцијата на политичката битка.

Естрадизирањето на информирањето покажува дека фактите можат да се цензурираат и преку неподносливата врева на атрактивното спинување

Еден од основните фактори за карактеризација на овие избори секако ќе биде преголемата естрадизација на медиумскиот простор. Естрадизирањето на информирањето покажува дека фактите можат да се цензурираат и преку неподносливата врева на атрактивното спинување.

Натаму, сѐ поголемата склоност на корисниците на медиумите, предност да им дадат на социјалните мрежи над класичните или традиционалните медиуми овозможува на својот „тајмлајн“ да добиете сопствена микротаргетирана верзија на вистината, со која командува тој што има најмногу пари за перманентна кампања.

Како резултат на тоа, просечниот глобален гласач е збунета и неинформирана персона, која, како резултат на она на што е изложена, на крајот ја избира културната група на која ѝ припаѓа или сака да ѝ припаѓа, а не иднината на својата земја и на своите потомци.

Втора карактеристика што ќе ги обележи овие избори е фактот дека тоа ќе бидат првите избори по еднодецениското владеење на таканаречениот хибриден режим. Впечаток е дека власта не успеа да се избори со „длабоката држава“, цврсто поставена од претходната власт, односно дека институциите (или барем повеќето од нив) сѐ уште се заробени во сопствените политички и материјални интереси.

На ова треба да се додадат и процесите што владеат во земјата: практичното практикување на социјалистичката пазарна економија, базирана на сериозниот државен интервенционизам (преку субвенции и тендери), која сѐ уште покажува своевидна зомбифицирана сила да обезбедува нови куќи на Водно и во Визбегово и нови џипови по скопските раскопани улици.

И покрај својата периферност, Македонија, сепак, не е надвор од светот, па глобалните процеси само ја зголемуваат конфузијата при изборот меѓу демократијата и помекиот или потврдиот авторитаризам. На пример, белградскиот маркетиншки стручњак Воја Жанетиќ забележува дека социјалистичкото уредување на Кина ја побива тезата дека за успех на стопанството на една земја се потребни и демократија и капитализам.

Натаму, хибридните режими се во тренд, па тие денес можат да се препознаат, не само во некои традиционални „султанати“ (Русија, Турција, Белорусија…), туку и во земјите на Европската Унија (Унгарија, Полска, Италија…), па дури и во некои земји со традиционални демократски вредности (САД на Трамп, Велика Британија на Џонсон…). Сето тоа повторно ги актуализира привлечноста на „цврстата рака“, потребата од „водач“ и создавањето култ на личност.

Просечниот глобален гласач е збунета и неинформирана персона, која, како резултат на она на што е изложена, на крајот ја избира културната група на која ѝ припаѓа или сака да ѝ припаѓа, а не иднината на својата земја и на своите потомци

Од друга страна, дури ни приемот во НАТО, па ни атмосферата за конечно добивање датум за преговори за влез во ЕУ не може да го крене ентузијазмот на избирачкото тело. Или не барем во некоја позначајна мера. Имено, таканаречените стратешки интереси се постигнати преку болниот процес на преименување на државата, а Европската Унија традиционално не ги исполнува или пребавно ги исполнува своите ветувања.

Ако ентузијазмот не е на очекуваното ниво, тогаш разочарувањето ќе биде енормно, ако во атмосферата на глобалната пандемија на корона вирусот и новата мигрантска криза, повторно „извисиме“. Во овој контекст треба да се има предвид дека кај нас сѐ уште не е завршен травматичниот процес на распаѓањето на Југославија (речиси сите држави произлезени од некогашната СФРЈ имаат некакви нерешени меѓусебни прашања, плус нерешениот статус на Косово), што кај нас се рефлектира низ вечно кревките и кршливи меѓунационални односи.

Затоа ќе биде илустративен, а воедно и важен резултатот што ќе го постигне коалицијата меѓу СДСМ и Беса. Во овој момент, не знам дали уште некоја албанска партија се приклучила кон оваа предизборна коалиција, ама тоа во крајната инстанца не е ни толку битно.

Битно е дека со овие избори и со успешноста на коалицијата секако ќе се придвижи еден процес кон оцртување на државата како граѓанско општество, односно како заедница, не на колективитети, туку на индивидуи што ќе ги остваруваат сопствените интереси преку сопственото политичко дејствување и одлучување. А тоа, неспорно, е важно. И затоа овие избори можат да бидат дефинитивна пресвртница во мачниот транзициски живот.

Ете, тука некаде ги гледам условите, но и новините со кои овој изборен циклус ќе се соочи.