Сомнителни адвокати, протекување на доверливи податоци за ПИ мерки од предистражни постапки, „ценовници“ и посредници за рекет во зависност од услугата за давање правни олеснувања… Како сол на отворена жива рана дејствуваат сведочењата за инволвираност на поранешната специјална јавна обвинителка во дејства целосно спротивни на функцијата и довербата што ги имаше за битката со криминал од највисок профил.
Кога во март 2016 година во посета на СЈО дојде Лаура Ковеши – младата и храбра специјална обвинителка од Романија, пораката што и ја даде на Катица беше едноставна, кратка и јасна: „Имам само една порака до Јанева: Никогаш не се откажувај! Направи го тоа за твојата држава и за твоите сограѓани, без оглед на пречките со кои ќе се соочиш и кои ќе ти ги постават“.
Ковеши имаше 33 години кога стана јавен обвинител, а 39 кога беше именувана за шеф на романскиот антикорупциски директорат, пандан на нашето СЈО. Во периодот од 2013 до 2018 година отвори истраги против 14 поранешни и актуелни романски министри, 43 пратеници и над 260 локални функционери.
Минатата година беше разрешена по барање на Владата. Процедурата за нејзино разрешување ја иницираше министерот за правда, тврдејќи дека ги надминала нејзините овластувања, дека го оштетила имиџот на земјата во странство и дека истрагите и биле политички мотивирани. Нејзиното разрешување предизвика протести на граѓанско незадоволство.
„Не се откажувајте, корупцијата може да биде поразена“, им порача Ковеши на граѓаните. Таа не се откажа и покрај притисоците што ги доживеа од властите во нејзината земја. Се кандидираше за главен обвинител во новоформираното европско обвинителство надлежно да ги истражува сомнежите за измами поврзани со буџетот на ЕУ.
Иако нејзината кандидатура не доби поддршка од Романија, доби поддршка од мнозинството земји-членки на ЕУ. Во октомври годинава беше избрана на функцијата што ќе ја извршува во Луксембург со мандат од седум години.
Како сол на отворена жива рана дејствуваат сведочењата за инволвираност на поранешната специјална јавна обвинителка во дејства целосно спротивни на функцијата и довербата што ги имаше за битката со криминал од највисок профил
А каде стигна нашата Катица? На обвинителна клупа. Ни во најлош сон не ќе поверуваме дека може да падне пониско од криминалците кои требаше да ги гони. Зошто би се впуштала во рекет? Веројатно не за онаа глупава гарнитура што ја добила на подарок.
Зошто такво салто мортале? Зошто и бил потребен Боки 13? Па таа по службена должност ги имаше сите надлежности да презема дејства со кои може да склучи спогодба или на осомничени лица да им даде својство на заштитен сведок. За тие дејства не ѝ бил потребен ни Јовановски, ни други лица од галеријата на ликови со кои сега е контаминиран просторот на правдата.
Врз основа на понудените докази Судот ќе пресуди дали таа ја злопупотребила службената положба и овластувања. Но, во очите на јавноста таа е веќе осудена за убиство на надежта во достапноста на правдата. Бидејќи се и беше дадено – од максимална доверба, до максимални ресурси какви што редовното обвинителство никогаш не видело.
Зарем сето тоа не ѝ било доволно за да работи по закон и процедури, туку морала да фати криви патишта, да сади тикви со лица кои по ниедна основа не би можеле да знаат детали од предистражни и истражни постапки во предметите на СЈО, освен ако некој не им ги направил достапни.
Тоа максимално ги компромитира тврдењата дека во СЈО постојат строги безбедносни протоколи, но ги компромитира и приманите високи надоместоци за доверливост.
Како едно надворешно лице (Боки 13) би знаело детали за предметите, за да може потоа да ги користи за делата кои сега му се ставаат на товар? Ако Јанева му ги направила достапни тие податоци, значи дека таа од главен чувар на доверливоста на податоците станала нивен главен дилер.
Врз основа на понудените докази Судот ќе пресуди дали таа ја злопупотребила службената положба и овластувања. Но, во очите на јавноста таа е веќе осудена за убиство на надежта во достапноста на правдата
И сега треба ли да се чудиме што недостигот на правда и натаму е во нашиот супстанцијален фокус? Секој обид да се врати довербата ќе се сопнува на нејзиниот пример.
Дури и да не била директно инволвирана во изнудата на пари, со создавањето екипа од лица околу неа кои по ниедна основа не би требало да имаат пристап до предметите и кои си „позајамиле’ моќ благодарение на бројни селфиња со неа, дружења, подароци итн, таа стана најтешкиот камен на институцијата што до скоро ја раководеше, и најголем одрон на патот до вербата во правната држава. Оваа штета не се мери ни со пари ни со години затвор.
Кога за првпат Јанева се појави на јавна сцена, ми пречеше потсмевањето на нејзина адреса за чипките и неелоквентниот говор. Сметав, и се уште стојам на истиот став, (не само за неа, туку за кој било друг) дека тоа е небитно ако лицето професионално си ја врши работата. Но таа го промаши ова второто – најважното.
Сега ми пречи кога ќе видам дека на судење доаѓа со фризура, нашминкана, на моменти благо насмеана, додека нацијата е во грч, чемер и јад по она што го слуша на рочиштата. Кога ја гледам таа неподнослива леснотија на бессрамноста, мислам дека ќулавката сепак е посоодветно решение. Ако треба нека биде и со чипка. Само нека се покрие.