Регион

Прашањето за родова еднаквост во поранешните југословенски земји, не е решено

Презентација на извештајот во Сараево. Фото: БИРН

Новиот извештај на Импјунити воч, „Балканска хроника: Родова еднаквост, транзициска правда и меѓународната заедница“, беше презентиран денеска во Сараево, како дел од програмата на БИРН, Балканска транзициска правда.

Во извештајот се критикуваат ставовите на поранешните југословенски држави кон родовата еднаквост и се истакнува дека властите се фокусирале само на кривичното гонење на сексуалното насилство и не се занимавале со основните прашања.

„Политиката на родовата еднаквост и на транзициската правда во регионот, генерално се ограничени на промовирање на законското решавање на сексуалното насилство поврзано со конфликтот; односно на видливата страна на насилството извршено во конфликтите во 90-тите години. Жените се прикажани како „беспомошни жртви“ и со тоа е спречено да станат и да бидат видени како преживеани што зајакнале“, се вели во извештајот.

„Политиката на транзициската правда не успеа да ги реши основните, односно повеќе структурните причини за насилството, за трајната економска штета, општествената стигматизација и дискриминацијата на жените, кои се виновни за насилството врз неа, кое честопати е невидливо низ целата историјата на регионот на поранешна Југославија“, се додава во извештајот.

Во него се додава дека сè додека „основните причини остануваат нерешени, а фокусот се става само на видливата страна на насилството (на пример, на силувањето и на тортурата), животот на жените во регионот нема да биде значително и суштински изменет“.

Томас Унгер од Импјунити воч, изјави дека нерешавањето на злосторствата над жените, е најголемата пречка на правдата и оти властите во регионот не се во состојба да напредуваат.

„Ние мора да се справиме со структура која е непријателски расположена кон родовата еднаквост“, истакна тој.

Марија Ристиќ, регионален директор на БИРН, истакна дека во некои случаи биле усвоени закони, но оти тие не биле и соодветно имплементирани.

„Голем број закони, врзано за еднаквоста на жените, се усвоени, но во повеќето земји тоа е само буква на хартија“, додаде Ристиќ.

Хатиџа Гушиќ од БИРН, еден од авторите на книгата „Жените на БиХ“, изјави дека жените често биле стигматизирани бидејќи биле жртви на сексуално насилство.

„Тие не смеат да зборуваат за тоа, затоа што повторно ќе бидат обвинети и жртви“, истакна Гушиќ.

„Мора да работиме секој ден за да ги смениме овие наративи и мислења. Да зборуваме и да работиме на тоа. Како што вели поговорката: „Никогаш нема крај за женската работа“, додаде Гушиќ.

Овој настан беше организиран како дел од програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, регионална иницијатива насочена кон подобрување на разбирањето на транзициската правда во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Програмата е поддржана од Европската комисија.