Една изјава на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски неодоливо ме потсети на одомаќинетата изрека „Тропа како Максим по дивизија“. Велам одомаќинета, бидејќи не е изворно македонска, ниту потекнува од нашиов регион.
Вообичаено се употребува како кус коментар за некој што „тропа“ (треска глупости), особено за лица што се претставуваат како универзални сезнајковци, а, всушност, за ниту една од темите за кои дебатираат немаат елементарно знаење.
Бидејќи нивните логореични епизоди не рефлектираат ни знаење ни вредносен став, единственото што го оставаат пред соговорниците или на јавната сцена, е големата врева што ја предизвикуваат со таквото тропање.
Таква неподнослива врева произведувал и митралезот „Максим“ наречен по изумителот на ова оружје, сер Хајрам Стивенс Максим. Овој британски изумител не бил човек кој треска што било. Споменатата изрека е поврзана исклучиво со „говорот“ на митралезот што тој го конструирал и промовирал во 1884 година. Бил тежок и гломазен (27,2 кг), исфрлал неколку стотици куршуми во минута (околу 500) и произведувал голема бука што наликувала на „тропање“.
Во почетокот, митралезот бил користен од британските експедиции во Африка, а потоа и во Првата светска војна. За тоа колку силно тропал „Максим“ сведочи фактот што неговиот изумител лично го платил данокот на таа врева додека го конструирал и ги проверувал перформансите на оружјето, па староста ја дочекал целосно глув.
Од тоа време и од звучната карактеристика на митралезот останала изреката „Тропа како Максим по дизвизија“, а за да опстои до денес, максимални напори мора да вложиле многу „Максими“.
За каква „наводна позитивност“ обвинува Димитриевски, кој лично на 16 април, на Фејсбук самиот објави дека ги добил најновите резултати за нови позитивни лица во Куманово и дека меѓу 40 негови сограѓани, позитивен бил и тој
И до овде е сè во ред. Но, не можам да го прифатам следниов став на кумановскиот градоначалник: „Ги отфрлам сите обвинувања околу наводната моја позитивност, анатемата мора да се тргне“.
За каква „наводна позитивност“ обвинува Димитриевски, кој лично на 16 април на Фејсбук самиот објави дека ги добил најновите резултати за нови позитивни лица во Куманово и дека меѓу 40 негови сограѓани, позитивен бил и тој. Тогаш ги охрабри сите заедно да продолжат во борбата против заедничкото зло, уверен дека ќе го победат и побара дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца.
Второ, неприфатливо и опасно е во оваа корона-криза, градоначалник да зборува за „анатема“. Ако не знае што значи зборот анатема, подобро е да не се расфрла со него (да не тропа како Максим по дивизија).
Анатема значи исклучување, прогонство или проклетство изречено од црковно лице/власти. Денес, кога неговиот тест е негативен, но повеќе од 300 кумановци се позитивни, каква порака им испраќа градоначалникот ним: дека резултатите им се „наводни“, или дека им е фрлена анатема?
Од звучната карактеристика на митралезот останала изреката „Тропа како Максим по дивизија“, а за да опстои до денес, максимални напори мора да вложиле многу „Максими“
Ако целата оваа состојба била резултат на анатема, а не на конкретен вирус, со конкретно име Сарс-КоВ2, зошто Димитриевски се допишува и се координира со државните власти? Зошто разговара за заштитни маски, за средства за дезинфекција, за измена на алгоритмот за тестирање итн.?
Нема потреба да губи време со луѓе во бели мантили. На друго место треба да се јави за да биде тргната анатемата.
На крајот, не помалку тропање предизвикуваат и сомневањата искажани од лица од Општинскиот штаб во Куманово, за можна „некаква друга позадина“ поради која тестот првично им бил позитивен. Демек, за намерно да ги тргнеле во изолација.
Што си замислуваат овие луѓе – дека се центар на светот? Каква е таа наводна местенка за градоначалникот и лицата од Општинскиот штаб, ако со неа во иста изолација мораа да заминат и половина членови на Владата, меѓу кои и премиерот и министерот за здравство? Кој кого местел? Нема логика, ама што е важно. Се тропа максимално, кој со што ќе стигне.
Со таква локална власт, Куманово не мора да се грижи за својата превентива. Особено додека кумановската духовитост ги надополнува општинските резерви со витамини: „Куде има корону, мора да се унаса витамин Це: ПрасенЦЕ, ПиленЦЕ, вешалиЦЕ, пивЦЕ, винЦЕ…“