Кога фудбалот падна на тилот

Во некои таму далечни времиња што денес не ги ни помниме или со големо задоволство би сакале да ги заборавиме, значи во времето кога во средните училишта и на факултетите се изучуваше еден опскурен предмет наречен „марксизам“, наизуст моравме да научиме една флоскула, која отприлика гласеше дека Хегеловата дијалектика била поставена на глава, а потоа Маркс ја поставил на нозе.

Оваа констатација, чиј автор, наводно, е Ленин или некој друг од класиците на марксизмот, редовно предизвикуваше една забелешка на мојот тогашен професор, кој, и покрај својата титула, очигледно не беше воодушевен од марксистичката филозофија. Тој, имено, без пропуштање ќе забележеше дека Хегел не е фудбалер, па да се постави на нозе и дека се разбира дека неговата дијалектика е во главата, а не во нозете.

Тука нема да расправаме за дијалектичките методи на Маркс и на Хегел и кој кого го поставил на нозе, а кој кого го превртел на глава. Конечно, има покомпетентни луѓе од авторот на овие редови за да протолкуваат која е вредноста на нозете, а која на главата. На пример: фудбалерите, селекторите, фудбалските менаџери, па ако сакате и спортските коментатори.

Нозете се поважни од главата. Во случај да помислите дека можеби главата би требало да има приоритет во хиерархијата на анатомијата на човековото тело, може лесно да ви се случи да останете – без неа!

Шегата на страна, ама моето чувство ми говори дека Светското фудбалско првенство, кое во моментов се одржува во Катар, прилично речито ни покажува дека нозете и натаму се најскапоцената работа на светот. Но, и тоа дека „најважната споредна работа на светот“ дефинитивно е превртена на глава.

Политиката, бизнисот, перењето пари, криминалот, насилството… веројатно секогаш биле присутни во оваа игра, која во моментов го окупира вниманието на целиот свет, меѓутоа тие не биле никогаш повидливи отколку на актуелниот мундијал. Уште кога пред, ако не се лажам, 11 години, Катар беше избран за домаќин на годинашниот светски самит на фудбалските великани и фудбалските манекени, почнаа, првин срамежливо, а потоа сѐ погласно да излегуваат афери за корумпираноста на ФИФА, „кровната“ фудбалска асоцијација и за коруптивната одлука ова првенство да му се додели токму на Катар.

Потоа медиумите пишуваа за третманот на работниците што ги градеа стадионите како робје, за нивните бедни парични надоместоци, за нечовечките услови за работа, па дури и за илјадници починати, како резултат токму на кршењето на нивните основни права.

ФИФА, на ова првенство излезе со слоганот дека фудбалот го обединува светот. Но, само под услов во тој свет да нема припадници на ЛГБТ заедницата. Во катарскиот свет на ФИФА нема место ниту за оние што пијат пиво, ама затоа има место за рекламирање на брендови од типот на „бадвајзер“. За парите очигледно секогаш има место.

Забраната на носењето на симболот на ЛГБТ заедницата, виножитото, на дресовите, па дури и на капитенските ленти, под лошото оправдување дека ФИФА „ги почитува законите и обичаите на земјата-домаќин“, во суштина е врвот на лицемерието на фудбалските џамбази.

Во суштина, прекумерниот адреналин што го предизвикува фудбалската игра се користи за „покривање“ на сите амнестирања на очигледните кршења на човековите права. Нозете се поважни од главата. Во случај да помислите дека главата можеби би требало да има приоритет во хиерархијата на анатомијата на човековото тело може лесно да ви се случи да останете – без неа!

На крајот на краиштата, често меѓу репрезентативците на земјите-учеснички можат да се видат играчи што додека играат, на главите носат чудни маски како некој вид стегачи за искршените носови, аркади и јаболчници. Важно нозете им се на број. Кој уште ќе мисли и на главите.

Во согласност со општо познатиот факт дека во оваа земја, во регионот, а што би се рекло и пошироко, сите се разбираат во политика и во фудбал, овојпат ќе се наредам под одредницата „сите“ и ќе констатирам дека со новите правила на ФИФА, фудбалската игра е обезличена речиси до непрепознатливост. Рекордниот број поништени голови од некои милиметарски офсајди, досудување пенали со задоцнување, продолжување на играта за десетина минути од регуларното време, честите прекини да се прегледа таканаречениот ВАР…, сето тоа всушност само го умртвува потенцијалот на магијата што го поседува оваа игра.

Каде е македонскиот дел од светската фудбалска (читај: политичка) стварност? Па, таму каде што е и таа. Заплеткан во корупција, перење пари, политички и бизнис-интереси, криминал и насилство

Настрана чудниот избор на терминот на одржување на првенството, среде натпреварувачките сезони што ги играат професионалните фудбалери во сите лиги. Јас можам да разберам дека тоа се прави поради временските услови во Катар, но ако сакам да ја хиперболизирам работата или да глумам сарказам, тогаш ќе прашам во кое време во годината ќе се игра светското првенство, ако домаќин биде Гренланд, на пример. А зошто и да не биде, кога сега веќе е Катар.

Не сум премногу склон да зборувам во категории од типот „во мое време“, ама факт е дека денешните професионални фудбалери, во суштина, се роботозирани атлети со немерлива кондиција и способни да играат на секој дел од теренот. Но, им недостасува една особина што во тоа некое мое време навистина беше многу почитувана и без која не можеше да се биде голем играч. Им недостасува – карактер. А тоа е услов без кој не се може во ниту една социјална интеракција, а фудбалот и тоа како е социјална категорија.

Ова Светско првенство, всушност, најдобро покажува дека фудбалот е одраз на политичките односи во светот, слика на лицемерието со кое светските лидери продаваат „високи принципи“ зад своите ситни или крупни интереси. Впрочем, игрите секогаш биле поважни од лебот.

Каде е македонскиот дел од светската фудбалска (читај: политичка) стварност? Па, таму каде што е и таа. Заплеткан во корупција, перење пари, политички и бизнис-интереси, криминал и насилство. Единствено што недостасува е адреналинот, па затоа овие перспективи кај нас се повеќекратно видливи отколку кај повеќето европски држави што учествуваат на Светското првенство.

И затоа ние ќе бидеме една чудна земја за сите, бидејќи само тука е можно кога некој таму некаде игра фудбал, на пример Србија и Швајцарија, кај нас, барем на социјалните мрежи, да пораснат – меѓуетничките тензии.

Тоа е дијалектика, што би рекол стариот добар Хегел. Само што уште не е утврдено дали е ставена на глава или е цврсто застаната на нозе.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија