Кога ѓубрето управува

Разликата од ординарна терористичка организација и водење политика на македонски начин е во тоа што овде никој не ја презема одговорноста.

Рециклажа е, знаеме, преработка на отпад. Всушност, еве ја дефиницијата: преработка на отпаден материјал на начин во целост или делумно да се доведе во состојба во која може да се употреби. Владее мислење дека Македонија, односно нејзините жители, нема капацитет, волја, воспитание, услови, желба… за управување на овој начин со ѓубрето.

Еден од доказите дека оваа теза не е точна е македонската политика. Создадена од стари идеи, кои повторно и повторно се рециклираат пред секој од низата континуирани изборни циклуси, од потрошени луѓе и зомби политичари кои воскреснуваат токму како во евтините хорор филмови, склона кон трогателното разнежување на растрепереното граѓанство со клетата судба на Тодор Александров и, се разбира, зачинета со онаа црнокошулашка сценографија, таа е дефинитивен доказ дека во Македонија, всушност, најмногу успева – производството на ѓубре!

Се разбира дека вечерта на 6 август не се случи ХААРП, ниту пак, Свети Илија Громовникот се налути до таа мера зашто онака му го сквернавеа Илинден. Се разбира не требаше онаа голема вода да го извади сето ѓубре по улиците и Скопје да го намириса во сите нијанси на фекалиите, за да разбереме во и со какво ѓубре се справуваме. Не, не беше тоа елементарна непогода. Ние бевме елементарна непогода.

Во поплава, настаната без ниту една река да се излее, без ниту едно езеро да полуди, без ниту еден снег да се истопи; во поплава само од атмосферски води, од еден дожд, успеавме да изгубиме повеќе од 20 животи. И да немаме поим дека тоа се случува. Онаму каде што имаше струја, сликите на телевизорите беа замрзнати. Онаму каде што не беа, луѓето на националните фреквенции можеа да гледаат репризи од утринските програми. Онаму каде што телефоните можеа да фатат сигнал, не можеше да се добие ниту еден релевантен телефонски број.

Не знаевме ни утрото после. Гледавме „Со песна да те разбудам“, „Време е за бебе“, „Село гори, баба се чешла“, за големиот успех на нашите олимпијци, кои, ете, успеале да стасаат дури до Рио де Жанеиро, а на по некој кајрон некој ќе можеше и да се прочита дека во невремето имало и жртви. Сѐ додека газдата не го прекина годишниот одмор и не му нареди на премиерот и тој да го прекине. И сѐ додека не му нареди да закаже вонредна седница на Владата. Сѐ додека не отиде во загрозените подрачја и одеднаш националните телевизии се појавија со вонредни вести: „Никола Груевски го прекина одморот“.

Во #поплава, настаната без ниту една река да се излее, без ниту едно езеро да полуди, без ниту еден снег да се истопи; во поплава само од атмосферски води, од еден дожд, успеавме да изгубиме повеќе од 20 животи. И да немаме поим дека тоа се случува

Го видовме Груевски како зборува во мобилниот телефонт, елоквентно пазарејќи се дали ќе пристигнат две или четири илјади пакети со храна, па распрашувајќи се колку оброци има во еден пакет, дали има млеко, леб,.. небаре нарачува сендвичи за еден од оние фундаментално-монументални контра-протести на ГДОМ.

Што се однесува до мене, баш ми е жал што човекот беше принуден да го прекине својот годишен одмор во Турција. Беше тоа вистински државнички одмор. За разлика од официјалната турска политика, која без оглед на проблемите што си ги има по дома, излезе сосема несензитивна за нашата прослава на заедничкиот празник Илинден, нашиот газда, ете, ќе имаше можност, заедно со неговиот домаќин Ердоган, да го прослави 12 август, денот кога турскиот аскер ги воспостави принципите на правната држава врз својата територија и го угуши бунтот на ѓаурите, кои се кренале вооружено против уставниот поредок на Осмалиското царство. А на маргините можеше и да му објасни зошто во Македонија пучевите се цивилни, а не воени и зошто Македонија не е мета на терористички напади, наспроти сите светски заговори.

Доволно е, имено, да одгледаме неколку глодачи-самоубијци, стаорци , куни или верверички, кои ќе влезат во некоја од поголемите трафостаници и половина од метрополата ќе нема струја. А ако се потребни човечки жртви, тогаш треба само да си мрзлив и неодговорен: да не ги исчистиш и она малкуте шахти на атмосферската канализација, а и да ги оставиш одводните канали неисчистени. Разликата од ординарна терористичка организација и водење политика на македонски начин е во тоа што тука никој не ја презема одговорноста.

Кога ќе размислам подобро, не требаше Груевски да оди на одмор во Турција. Требаше да отиде во Бразил, на Олимпијадата. Имено, делегацијата што некогашниот премиер онака помпезно ја качи на авион за Анталија беше поголема, а се чини и поистренирана, отколку делегацијата од спортистите што се појави на отворањето на Олимпијадата.

Кога ќе се споеја овие две делегации ќе имавме шанси да излеземе од кругот на малкуте земји кои имаат повеќе букви во името, отколку спортисти на Олимпијадата. Па плус оние тројца спортисти од Белизе, кај ќе ни беше крајот. Добро, Бразил има хендикеп – многу потешко се доаѓа оттаму до Стајковци за да се делат хуманитарни пакети. А, за волја на вистината, нивниот специјален обвинител навистина апси политичари.

Но, не е сѐ толку црно. Некои работи се и сиви. На пример, она наше депресивно шимпанзо што ја лекува својата депресија по странски санаториуми, во Зоолошката градина во Скопје ќе добие свој пентхаус што чини 230.000 евра, отприлика токму толку колку што е потребно да се среди атмосферската канализација во Скопје. И да не бидам патетичен – да се пратат на лекување во странство десетина деца, кои не се депресивни туку на кои животот им зависи од тоа лекување. Се надевам дека со овој пентхауз ќе му се врати расположението на шимпанзото. На крајот од краиштата, мајмунот воопшто не е виновен поради тоа што ние сме мајмуни.

Една исправка на крајот: сепак не сум во право околу рециклажата. Немаме ние поим како се управува со ѓубрето. Знаеме само како ѓубрето управува со нас. Ако воопшто и тоа го знаеме.