Кој кого дрибла?

Ретките гласови на разумот во соседна Бугарија сметаат дека таа земја не ќе може да ја понесе политичката цена ако само Албанија почне преговарачки процес, а не и Македонија. Аргументацијата ја темелат на фактот дека официјална Софија промовирала интерес двете земји заедно да го почнат преговарачкиот процес, за да може тоа да даде дополнителен мотив и за решавање на другите билатерални прашања во регионот.

Ако е така, прашањето е зошто Бугарија би се решила и натаму да го негува ветото, ако со тоа произведе политичка цена која тешко би можела да ја понесе, предизвикувајќи притоа многу опасни последици за регионот?

Одговорот е јасен: може, ако и некој друг стои зад „нејзиното“ вето. Ако го вратиме филмот на периодот по ланското вето, не може да се рече дека Софија претрпе некоја особена штета. Имаше изненаденост меѓу членките, беа упатени критики за нејзиниот нарушен европски имиџ, но генерално тронот на Софија не се затресе ни за милиметар.

Брисел треба да обезбеди одговор на едно клучно прашање: дали навистина Бугарија е главната пречка на македонскиот пат, дали е сама во тој процес, или се користи од некого како параван за тактизирање во однос на земјите од Западен Балкан.

Патем, на критиките дека Бугарија го злоупотребува ветото за сопствени националистички кампањи, во неколку наврати од Софија беа испратени пораки дека е добро да се види дали баш сите други членки-земји на ЕУ имале спротивна позиција од Бугарија, или на некои други многу добро „им легнало“ бугарското вето. 

Навестувањата дека Софија „не била осамена“ во таа одлука, може да значи дека, или Бугарија од свои интереси самата им угодува на други земји кои суштински не се заинтересирани за проширување, но глумат дека се, или дека Бугарија има директен спонзор за ветото. Овие сомнежи повторно стануваат актуелни пред јунските самити на ЕУ. Ќе има исчекор, или ќе сведочиме на реприза?

Португалското претседателство очигледно вложува напори за деблокада на ветото, но со оглед дека немаме увид на политиките зад сцената, остануваат отворени многу прашања за ефикасноста на тој ангажман, ако го споредиме со претходното искуство на Берлин.

Нормално е човек да се праша – ако деблокадата беше невозможна за време на германското претседателство со Советот на ЕУ, како би станало остварливо за време на португалското? Особено што по бугарското вето драматично се оладија и оптоварија односите на релација Скопје – Софија, па денес се крпат со отворање филијала на Универзитет од Велико Трново, бугарски ТВ-канал и слични соработки, како супститут за она што Македонија сѐ уште го нема – шанса да ги почне преговорите.

Без намера да се потценува значењето на која било членка на ЕУ, јасно е дека во политичката реалност убедувачката моќ на Берлин не би можела да се подведе како еднаква на другите. Напротив. Но, Бугарија, сепак, на Берлин му рече „не“.

Изненадувањето не би било големо ако тоа го стореше некоја од постарите земји-членки. Кога корупциски истоштената Бугарија во име на „европските вредности“ им одговори со „не“ на германските напори против вето за македонските преговори, и кога Берлин некако тивко се помири со тоа, се виде дека во овој случај „два плус два не се четири, туку пет“.

 До денес остана нејасно кој е „петиот елемент“ во оваа приказна? Дали е од ЕУ или надвор од неа? Во некои анализи се говори дека бугарскиот спор сo Mакедонија е тројанскиот коњ на ЕУ на Западен Балкан.Но, кој е влезен во оклопот на тројанскиот коњ, ако е очигледно дека Бугарија нема објективна моќ сама да го турка ова?  

Одговорот е исклучително битен, бидејќи ако во ЕУ на непринципиелен начин се самофакторизираат и толерираат тие што создаваат проблеми, на штета на интегрирањето на земји што сепак решаваат тешки билатерални проблеми, тогаш се толерира газење на европските вредности под нозете на тие што ја злоупотребуваат членската карта во клубот во свое, а можеби и во име на некоја сила надвор од клубот.

ЕУ не би требало да остане рамнодушна или слепа на ваквите околности. Особено, што и со новата методологија за проширување, која лани ја одобри Советот на ЕУ, се повикуваат сите страни да се воздржат од злоупотреба на нерешените прашања во текот на процесот на пристапување во ЕУ, но таа не ја отстранува можноста од вето.

Кој гарантира дека зад Софија не се кријат неевропски замешателства, кои на разни начини ги спонзорираат формалните причини за ветото што ги наведува Бугарија, а кои се спротивни, не само на европските вредности, туку и на здравиот разум.

Софија го направи она што не го направи ни Атина – го оспори македонскиот идентитет и јазик. Бара да се признаат неговите бугарски корени, а истовремено тврди дека го почитува правото на самоопределување, но со право таа да ја одреди годината од кога важи тоа.

Попусто е сега да расправаме каков бил филтерот на ЕУ кога земји со ваков „демократски габарит“ успеале да влезат во европското семејство. Тоа е веќе завршена работа. Незавршена работа е молчењето на другите земји-членки пред ваквиот чин на Бугарија, кога на повеќето земји им е јасно дека таа во спорот со „браќата Македонци“ препозна неисцрпен извор за внатрешна политичка реколта.

Прво, спорот беше искористен за производство на нови патриотски наративи во одбрана на бугарската рамковна позиција, со кои особено се јакнеа мускулите пред парламентарните избори.

Второ, спорот експресно беше претворен и во широк чадор, под кој се засолнија и останаа во сенка сите големи проблеми на бугарското општество – од корупција и криминал, до исклучително крупните забелешки за владеењето на правната држава.

Трето, како да се верува дека тој „патриотски“ наратив ќе спласне, кога партиите се исправени пред нови парламентарни, а наесен и пред претседателски избори.

Сите овие околности ги доведуваат португалските напори пред врата со железен катинар, а притоа не се знае дали клучевите од него се само во Бугарија или и во сефовите на некоја друга земја, која од свои причини не сака да биде овозможен почеток за преговори на Македонија.

Кој гарантира дека зад Софија не се кријат неевропски замешателства, кои на разни начини ги спонзорираат формалните причини за ветото што ги наведува Бугарија, а кои се спротивни, не само на европските вредности, туку и на здравиот разум

Во геополитичките односи, кои пандемијата ги измеша како шпил карти, има повеќе равенки со многу непознати.

Денес кога министерот Силва и комесарот Вархеји се враќаат од Софија со порака дека португалскиот предлог е неприфатлив за Бугарија, нивната посета во Скопје практично е беспредметна. Што би му кажале на македонскиот државен врв: дека пробале, ама не бива?

За да може процесот да мрдне од мртва точка, Брисел треба да обезбеди одговор на едно клучно прашање: дали навистина Бугарија е главната пречка на македонскиот пат, дали е сама во тој процес, или се користи од некого како параван за тактизирање во однос на земјите од Западен Балкан.

Со модифицирање на една друга изрека, тоа тактизирање би изгледало вака: Да работиме како Западен Балкан утре да ќе биде дел од ЕУ, а да се подготвуваме како тоа да нема да се случи ни во следните 100 години. Така изгледа кога еу-фокусот и натаму е насочен само кон дебатата за проширување, но не и кон реализацијата на проширувањето.

Што и да е, треба отворено да се каже. По 16 години кандидатски статус, најмалку што ни должат е искрен одговор.