Колку гласно треба да викнам?

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во државата која при наши очи се распаѓа по сите инфраструктурни шевови, во нејзината престолнина која ни за животот на нашите внуци нема да може да се оправи од необарокниот вирус, некои работи сѐ уште оставаат впечаток како да е сѐ наоколу нормално.

Парадоксално, дури и апсурдно делува дека тие трошки нормалност се случуваат во времето кога во медиумскиот простор, што значи во нашиот јавен простор владеат разно-разни „рекети“, а најсериозните полемики се водат околу тоа дали извесна возрасна жена (во медиумите нагалено „баба“) продавала чај на забрането место и дали на полицаецот што наводно сакал да ја казни му понудила мито од 80 денари или не, е лажна или точна вест.

Односно, дека нормалноста се појавува токму кога лудилото е пуштено во петта брзина. И уште поапсурдно е дека овие оази на нормалноста се случуваат токму на одбележувањето на најголемиот природен урбицид што му се има случено на Скопје – земјотресот од 1963 година.

Тука зборувам за еден настан со три значајни промоции. Се разбира, станува збор за промоциите на две музички винилни плочи (во мое време познати под името „лонгплејки“): „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат“ (компилација на песни од 12 современи македонски рок бендови), како и компилацијата „Има ли забава – Macedonian New Wave 1981 – 1985“. Зад двете плочи стои „Corpus Delicti Records“, односно името на Тошо Филиповски. Но, тука, пред сѐ, сакам да ја потенцирам промоцијата, односно појавата на книгата „Македонска дискографија – винили, прв том“, чиј автор е токму Тошо Филиповски.

Да, како еден од авторите на предговорите и еден од промоторите (заедно со Бранка Костиќ Марковиќ) бев и сум дел од таа книга и таа промоција и во одбрана на тука приложениот текст само можам да кажам дека моето скромно учество во овој грандиозен проект се должи токму на моето сфаќање и препознавање на нормалноста во овие невремиња.

Некој ќе каже дека историјата на винилите на македонските автори е ефемерна работа, барем во однос на онаа официјална историја околу која се кршат копјата со соседните држави – и ќе биде во право! Во винилите, како впрочем и во сѐ друго што се вбројува во потценувачката категорија „поткултура“, нема крв, атентати, саможртвувања и убиства на непријателите. Напротив

Со други зборови, овој проект, како и што се очекуваше, доби соодветно место во нашиот медиумски простор, односно речиси не беше ни забележан. А, станува збор за грандиозна книга, не само по својот обем (речиси 500 страници, А4 формат, целосен колор, претставени 333 винилни изданија, со сите достапни информации за нив), туку многу повеќе како пионерски зафат, не само во областа на дискографијата, туку воопшто во областа на македонската културна историја.

Дали поради тоа што сме најстара нација на светот, формирана многу пред времето кога се создаваа нациите, или поради, на пример, недостиг на некои мозочни бразди во колективната свест, или поради константното прскање со алуминиум, ние како држава, всушност, најмногу страдаме од – склероза. Односно од не помнење на сето она што се случувало пред нас.

Особено од заборавање на фактите и артефактите од она што колоквијално се нарекува култура, а посебно од она што би можеле да го сведеме под графата „урбана култура“. Не треба да се потсетува (или напротив – треба секогаш да се потсетува) дека културата е основниот елемент на идентитетот на секој поединец, а со самото тоа и на идентитетот на групи луѓе, здружени по било која основа: еснафска, полова, религиска, етничка, национална…

Во таа смисла, и покрај постоењето на низа институти, академии и други научни институции, треба да се појави некој лик, како што е Тошо Филиповски, и од ништо непредизвикан, да предизвикува тектонски поместувања во нашиот културен и јавен простор. (Тошо Филиповски, инаку е автор и на „Македонската рок енциклопедија“).

Некој ќе каже дека историјата на винилите на македонските автори е ефемерна работа, барем во однос на онаа официјална историја околу која се кршат копјата со соседните држави – и ќе биде во право! Во винилите, како впрочем и во сѐ друго што се вбројува во потценувачката категорија „поткултура“, нема крв, атентати, саможртвувања и убиства на непријателите. Напротив. Културата (поточно нејзините уметнички деривати) не е ништо друго, туку повик на дијалог, на разговор… Единствената алтернатива на разговорот е конфликт. А во случајот на нациите или етничките групи многу често таа алтернатива  војна.

Винилите или „лонгплејките“ (според мојот староговор) се важен дел од идентитетот на целата моја генерација, а богами и на генерациите кои гравитираа пред и после мене. Тие беа важен статусен симбол, не во смисла на некаква општествена класа, туку во смисла на припадност на некаква урбана култура. И како браник од навалицата на турбо-фолкот и останатите негови производи, чии жртви сме денес.

Ете, затоа сакам да ја препознам нормалноста во ненормалните времиња, кога главна тема се некои „баби“? Или, колку, бре, гласно треба да викнам за да ме чујат (што би рекол Тошо Филиповски со неговата исклучителна компилација)?