Уште да ја преживееме посетата на папата Франциск и да почнеме да живееме нормално.
Шега, шега, се разбира… Којзнае уште колку предизборни ветувања треба да поминат за да научиме што, во суштина, значи нормален живот. Нема ние да се разбудиме утре сабајле како нови луѓе и да се занимаваме со работи со кои се занимаваат, на пример, жителите на Луксембург (намерно, како пример давам повеќенационална и мултикултурна земја, во која, ако се сеќава некој, пред неколку години имаше афера „прислушување“, по која тогашниот премиер Жан Клод Јункер беше приморан да си даде оставка. Сега е претседател на Европската комисија).
Не очекувам, на пример, СДСМ да се разбуди утре како прагматична и меритократска партија која ќе создаде ефикасна и професионална администрација; солидно здравство достапно до сите; модерно образование кое ќе создава способни луѓе што знаат да мислат…
Не очекувам дека метлата на Заев ќе ја дисциплинира ароганцијата на нивните политичари, како што не очекувам дека од утре ќе возиме на асфалтирани и модерни патишта (освен ако папата Франциск не се реши да ја продолжи својата посета на Северна Македонија на неколку месеци), како што не очекувам дека од утре Јавниот сервис ќе почне да си ја извршува својата функција, а министерството за култура ќе направи сериозна стратегија за одржлив културен развој на земјата.
Не очекувам, на пример, ВМРО-ДПМНЕ одеднаш да се разбуди како една нормална, современа европска партија со јасна визија за иднината на земјата. Напротив, очекувам една солидна доза кукање и липтање врз жалната судбина што се надвила над библиската земја. Ќе слушаме и натаму за предавници и вавилонски курви, за народот што страда од своите изроди итн.
Очекувам поделби во ткивото на партијата врз база на односот кон цензусот на претседателските избори, односно дали тие требаше да се бојкотираат и така да се направи политичка криза или да се покаже доблест и да се излезе на политички мегдан (како што тоа делумно и се направи). Со други зборови, не очекувам ништо конструктивно или креативно.
Сепак, и покрај сето ова, овие претседателски избори можат и треба да се гледаат како дефинитивен крај на една епоха, што за потребите на овој текст ќе ја наречеме „груевизам“.
Интересно е дека сите политички периоди што ги бележиме како „епохи“ во не толку богатата историја на македонската независна држава биле омеѓени токму со претседателските избори.
Првата доминантна македонска политичка епоха беше обележена со политичкото соперништво меѓу Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски. По повлекувањето на Георгиевски од лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ во 2002 година (по поразот на парламентарните избори), неговото дефинитивно политичко маргинализирање настана по претседателските избори 2004 година.
Сите македонски „политички епохи“ се омеѓени со претседателски избори. И дефинитивното востоличување на Никола Груевски и неговите политики беше означено токму со претседателските избори од 2009 година. Токму тие го осилија Груевски во неговата „меценарска“ политичка улога, создавајќи му впечаток дека е непобедлив и семоќен
Сепак, не треба да се влече некоја позначајна аналогија меѓу политичките процеси пред 15 години и денес. Имено, од 2006 година ВМРО-ДПМНЕ не знаеше за изборен пораз, така што поразите на локалните и претседателските избори никако нема да можат да останат без последици во нивното внатрешно реструктуирање.
Се разбира, и дефинитивното востоличување на Никола Груевски и неговите политики беше означено токму со претседателските избори од 2009 година. Токму тие избори го осилија Груевски во неговата „меценарска“ политичка улога, создавајќи му впечаток дека е непобедлив и семоќен. Еве, една деценија подоцна, тој е осуденик во егзил, а неговите политики се речиси целосно поразени. На крајот на краиштата, партијата на Никола Груевски победи и на парламентарните избори 2016 година, ама ја загуби власта токму поради чувството на сопствена семоќност што му ги одзеде сите коалициски капацитети.
Овие избори се некаква иницијална каписла токму за опозициската партија. Колку побргу завршат со предавничко-патриотскиот фолклор и се оградат од своето блиско наследство, толку побргу ќе влеземе во политичката епоха во која веќе ќе нема политички епохи
Тоа е една од работите што конечно треба да се научи од овие избори е дека Македонија не им припаѓа само на Македонците. Просто беа комични обидите за „купување“ на таканаречените албански гласови меѓу двата изборни круга. На крајот на краиштата, овие избори се важни затоа што граѓаните покажаа дека се, што би се рекло, политички суштества за себе и по себе, односно дека ќе има сѐ помалку партиски гласачи кои слепо ќе веруваат на својата партија, а сѐ повеќе ќе бидат оние што критички ги опсервираат политичките процеси.
Многумина веќе заклучија дека нема место за триумфализам кај победничката партија, иако, ако сакаме да бидеме искрени, победата на СДСМ доаѓа по тешки и непопуларни одлуки и политички пазарења. Да, победи кандидатот на СДСМ, и покрај тоа што во меѓувреме беше сменето уставното име, испазарени амнестии за извесен број опозициски функционери, задржано статус кво во администрацијата итн. Меѓутоа, не треба да се (по)верува дека оваа изборна победа е награда за овие политики. Повеќе е казна за сѐ уште не реформираното ВМРО-ДПМНЕ.
Овие избори, значи, се некаква иницијална каписла токму за опозициската партија. Колку побргу завршат со предавничко-патриотскиот фолклор и се оградат од своето блиско наследство, толку побргу ќе влеземе во политичката епоха во која веќе ќе нема политички епохи.