Како што беше опеано и пророчено во химната (верзија 1.0), од гроб станаа славните ѕидари на Крушевската република! Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански… Та, во очи новиот Илинден, пишаа нова, апдејтувана верзија на Крушевскиот манифест, со краток осврт на тоа до каде сме стасани со реализацијата на нивниот сон…
Браќа земљаци и мили комшии, фак оф!
Ние, вашите вечни комшии, пријатели и претци от хубавото Крушево и от неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, неможејќи веќе да трпиме да гледаме колку не ве бива и како камен по камен ги одѕидувате и ги поткопувате темелите на нашата Крушевска Република, кладофне стило в рака и ви пишавме.
Гледајќи ја тридецениската тиранија на жедните за пари и гладните за чоечко месо несособни бандити, шчо вие ги есапите за власт, политички елити и ѓоамити избрани ваши представници, шчо гледаат сите да ве дотерат до нош до коска и до питачки стап и нашата мила и некогаш богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со стило да објавиме дека сне биле невидени абдали и ние од деветстотрета и оние от четириесетпрвата шчо зедофне пушка да се бориме протиф душманите за да добиеме слобода и автономна држава.
Вие мошне арно знајте оти ние си кладофне главата в торба и тргнафне да умриме јуначки, за вие да заживејте чоечки. Арно ама за кого биле тија жртви! Без малку триесет години како имате автономија и исто толку години ни правите болка за нас во гробојте кога си гледаме како абер си немате, крадете едни от друзи, редите афера зад афера, неспособните ви царуваат способните ви бегаат или гладуваат, арачот што ви го збираат го трошат башибозучки, капиталните инвестиции ви се колку нијните патни трошоци (нашиве барем коњи јаваа, па со сено ги плаштафне), кадија ве тужи, кадија ве суди (пљус и ве рекетират), за еким плаштате три пати – еднаш арач во фондот, другпат за врска за да дојдете до екимот, третипат на самиот еким, даскалите ги понижувате, а сетне тија им враќаат на вашите поколенија во сколијата…
Шчо да се дума напразно, браќа и сестри, една педа не мрднафте напред. Тогаш ни земаа арач, денес ви земаат рекет. Тогаш една десетина от житото и от стоката давафме или ни го крадеја на сила со крваф пот спечаленото, а вие сироти имафте случај да ви однесат пет милијарди долари от нашата и ваша Македонија и никому нишчо, ни пара видофте ни правдина на веков, само нови зулуми и катиљ љуѓе-нељуѓе. Ние давафме арач во крф, по едно машко чедо за царот, денес не едно, сите чеда, и машко и женско, ви бегат јабана зашто вас не ве бива за нишчо.
Хубаво си думате ви, браќаи сестри, тфитерџии и сеирџии, сите сте под бајрако на „Афтономна Македонија”, ама Македонија лека-полека ви ја снемуват
Бидејќи от дедо-прадедо си живејме како браќа на оваја земја и ве имаме како сфои и сакаме до крај да останиме сфои, сакаме и вам, на нашите браќа и сестри от коалициските партнери да ви порачаме – фак оф! Ве мислефме поарни сте, ама сме си биле ептен исти, и не случајно си ја делиме судбината проклета, си сркафте и ќе си сркате от истата каша со нас!
Ој, вие македонски власти, от сите поколенија и времиња, минати и идни, ние не излегофне за вие да грабите и да крадите – доста ви сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот и вашата чес сет толку скапи, колку шчо сет и на рајата. Анџак, за да си завардите имото, живото и честа, треба да ја завардите и државата. Немој да се кренит рајата, па да завртит вистински бројчанико, не само на триумфалните, ами и на небесните порти.
Ние не бефне муртати на сфојата земја, шчо не родила, ние не бефне арамии и јанкесеџии, а ревољуционери пот клетва да умриме за правото и за слободата; ние се бунтувафме протиф тиранијата и протиф ропството: ние се борифме и ќе се бориме протиф муртатите, протиф арамиите, протиф зулумќарите и јанкесеџиите, протиф Кутро и Мурто, протиф насилниците на нашата чес и протиф тие шчо смучат нашата пот и експлоатират нашио труд.
О, вие денешни поколенија, и вие сте робје како нас, робје на царо и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината от четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вие за нешчо да се изборите!
Знајте ли шчо е различно? Нашите душмани појќе почит ни имаја од вашиве. Не убиваја, ама спуштаја капа пред нашите мртви тела
Хубаво си думате ви, браќаи сестри, тфитерџии и сеирџии, сите сте под бајрако на „Афтономна Македонија”, ама Македонија лека-полека ви ја снемуват.
Нека сет живи борците за слободата и сите чесни и добри македонски ќерки и синој и вие шчо помалку сте борци за слободата и помалку сте чесни и добри македонски синој!
Ура! За „Афтономна Македонија”! Макар-шчо, мора да се додадит, какви станафте и во шчо се изродифте, колку поскоро станит Македонија по-малку афтономна и колку појќе станцкиот фактор замешат прсти во македонцките работи, толку поарно!
До следнио Крушефски манифест 3.0, останете со здравје и нека Госпот Бог да благослојт светата борба за правото и слободата, Европската Унија и НАТО!