La vita non è bella

Колумна на Сашо Кокаланов

Што е животот? Животот се моите грешки, ќе одговори Бекет. Но, некои грешки знаат да бидат кобни. Стравични. И да предизвикаат болни и трагични последици. Грешки по кои ништо не е исто и ништо не може да се врати назад. Сурово прекинати патишта. Ужасно окончани судбини. Толку ужасно што повторно ќе те натераат да се прашаш: Што е, по ѓаволите, животот?

Судбината, ете, ни приредува некогаш вакви коинциденции. Кога теоријата на веројатноста и онаа нејзина логички изведена формула, со која веројатноста да се случи некој настан чие настапување е случајно е сведена на реален број од затворениот интервал од 0 до 1, не ви вршат многу работа. Ја сакам математиката, но таа е премногу совршена за да се примени на нашите несовршени животи. Затоа што постојат моменти кога сѐ што знаеме и сѐ во што веруваме истовремено се дели во нула. Тоа е забранета операција во математиката, но не и во животот.

Отпатував во Неапол на некое време. Добив престој во овој магичен град – и стварно суров и нестварно убав – врз основа на еден краток синопсис за роман во кој, накратко, станува збор за приказни за вулканот и за смртта. Но, не оној вулкан за кој сите сме чуле, симболот на градот – Везув, туку заспаниот ѕвер Кампи Флегреи, на другиот крај од Неапол, кој полека почнува да се буди и под кој лавата клокоти како зовриено млеко во лонче и се крева, заканувајќи се да претече и сѐ наоколу да претвори во пепел.

Дали нашите животи се топче лава во ѓерданот на Адот? Сувенирче за да се сеќава како си поиграл со нашите судбини

По неколку врнежливи денови, вчера ме разбуди сонце. Идеално за прва средба со ламјата од чии стотици ноздри постојано излегува чад за да порача дека не е мртва, само заспана. А ако неаполското сонце не ве разбуди, тоа секако ќе го направи неаполското кафе. Едно еспресо од нозе и ете ме на станицата Монтесанто, од каде што возот наречен Кумана ќе ве одведе во Поцуоли, гратчето под кое вулканот си ги лади нозете во Тиренското Море.

На станицата се судрив со хедонистот во мене, кој сакаше уште едно кафе. Ја изгубив таа битка, се разбира, и тргнав надолу кон кафулињата на пристаништето. Попат се разминав со неколку групи туристи кои се качуваа кон сулфурните полиња – тапата со која е зачепен кратерот на супервулканот, устата на ламјата. Го искарав хедонистот во мене дека ме води обратно од дестинацијата каде што бев наумил да одам, но тој, како и секогаш, имаше убедлив одговор – за половина час вулканот нема да побегне никаде.

По половина час веќе бев на портите на Солфатара. Влезот е слободен. Сулфурните полиња локалните жители ги нарекуваат Гранде Бока, на нашки Големата Уста, но и без да го знаете ова, ужасната смрдеа на расипани јајца ви кажува дека влегувате во устата на ламјата и дека веќе го дишете нејзиниот здив.

И тогаш почна ужасот. Повторно се разминав со дел од туристите, но тоа не беа истите луѓе. Ужасот им ги беше деформирал лицата како некој невешт имитатор на Пикасо. Трчаа кон портата избезумени и испуштаа звуци на ранети луѓе. Не беше тешко да се сфати дека ги прободел невидливиот меч на болката, но не сфаќав кој е изворот на таа болка. Веднаш по нив видов и дете кое исто така беше во шок и кое, подоцна разбрав, мечот на болката го прободел точно во срцето. Испушташе неразбирливи крици, а околу него имаше пет-шест луѓе кои не знаеја како да му помогнат. Чуварите ме истуркаа назад кон портата, каде што за кратко време го донесоа и детето и го внесоа во блиската продавница за сувенири, главно обетки и ѓердани од топчиња лава.

Дали нашите животи се топче лава во ѓерданот на Адот? Сувенирче за да се сеќава како си поиграл со нашите судбини.

Го помислив ова кога од еден од продавачите во сувенирницата разбрав дека ламјата го голтнала целото семејство на седумгодишното дете. Братчето Лоренцо (11), мајката Тициана (42) и таткото Масимилиано (45) беа мртви. Лоренцо ја поминал заштитната ограда за да ги види малите сулфурни езерца што испаруваат. Таткото дошол до него за да го врати назад на безбедно, но стоеле токму над една од стотиците ноздри на ламјата.

Земјата буквално се отворила и паднале во кратер, длабок околу три метри и полн со отровни гасови. Мајката дошла да им помогне, откако претходно го прекорила најмалиот член на семејството да не мрда од местото каде што стои. И така, за неколку секунди, за неколку страшни, одвратни, пеколни мигови, најмалиот член на семејството Карер од местото Меоло крај Венеција стана единствениот член на семејството.

А сите кои се најдовме на местото каде што пеколот излезе на површината на земјата како да станавме семејство на ова дете. Пробувавме да откинеме, да му преземеме на себе дел од болката за да ја намалиме неговата, но тоа беше просто невозможно. Тоа беше кратер без дно, црна дупка со бесконечна гравитациска моќ. Набргу дојдоа лекарите од брзата помош и го одведоа детето. Седативите што веројатно му ги беа дале подоцна, ќе имаат краткорочно дејство, а не верувам ни дека психотерапевтите некогаш ќе успеат да ја искоренат тагата од неговото прободено срце и да му објаснат дека животот е убав.

Немав време вчера да размислувам за тоа дека никогаш нема да умееме да ги напишеме романите што секојдневно ги пишува тоа вешто писателско копиле, кое ние од некаква прозаична причина сме го нарекле живот. Немам време, ниту сила, ниту волја на тоа да мислам ниту денеска.

Останав долго на портите на Солфатара. Ги сочекав прво новинарските екипи кои почнаа да пристигнуваат една по една и набргу се создадоа барем дваесетина камери. Стопати сум кревал раце од новинарството, но не знам зошто тоа проклето чудовиште не крева раце од мене. Ги извадив телефонот и лаптопот и почнав и јас да работам со нив. Не знаев што друго да правам, освен да ги запишам овие редови.
Поцуоли е мало место, па бргу по полицијата, брзата помош и пожарникарите, дојде и градоначалникот. Облечен во скап костум, ги крена очилата на челото кое му се спојуваше со тазе избричената глава на нула и даде изјава. Рече дека ќе стореле сѐ што е во нивна моќ за преживеаното дете.

Некои прашања заслужуваат одговор, но тоа се обично тие прашања на кои никогаш не добиваме одговори. Веројатно токму затоа, за да продолжиме да трагаме по нив. И за повторно, упорно да си се прашуваме: Што, по ѓаволите, е животот?

Како што доликува на новинари од земја која на мапата на Фридом хаус е означена со зелена сијаличка, колегите (главно локални дописници) не му дозволија да им го пробие кордонот додека не им одговори на прашањето што локалната власт направила да спречи ваква трагедија, не прифаќајќи ја неговата одбрана дека ова е прв ваков инцидент во последните педесет години…

Сите повеќе или помалку сме биле дотуркани во разни ситуации кога сме си го поставиле прашањето за смислата на животот. За жал, тоа се обично трагични ситуации, загуба на близок или сведоштво на некоја ваква несреќа. И повеќето сме си позајмиле некој омилен одговор од големата ризница на неточни одговори. Мојот одговор до вчера беше позајмен од еден духовит англиски поет, кој вели: Ние сме овде за да им помогнеме на другите. А зошто се другите овде, немам поим.

Дали ако го победев хедонистот во мене ќе бев таму навреме за да направам нешто да помогнам? Што? Немам поим. Можеби да му довикнам на таткото дека детето ја пресокнува оградата, па да го спречи навреме? Или ќе влезев и јас во дупката на смртта?

Некои прашања заслужуваат одговор, но тоа се обично тие прашања на кои никогаш не добиваме одговори. Веројатно токму затоа, за да продолжиме да трагаме по нив. И за повторно, упорно да си се прашуваме: Што, по ѓаволите, е животот?