Мачките на Ванхауте: Не гледаме вести, не разбираме лаење

Колумна на Џ Пулицемер

[Интервјуто е измислен, сатиричен текст]

За првпат со мачките на Ванхауте зборувавме за пропустите во избирачкиот список, медиумите, превирањата во Бутел и за тоа како ги доживуваат македонските политичари. Падна некој збор за претседателот Иванов, а ја прокоментиравме и економската состојба во државава.

paraintervju-3

Целото медиумско внимание неправедно беше насочено кон белгискиот преговарач во пржинскиот процес, Питер Ванхауте и никој од новинарите не одвои простор и време за мачките од неговите твитер-мемиња. Дури и еднa „Сител“ не ги отвори дилемите кој и од чии пари ги рани со скапа „Вискас“ храна и кој ги снабдува со солени гирици по полноќ, кога ниту еден ресторан не работи.

Ниту, пак, Богатинова од „Канал 5“ не ги покани на еден од нејзините славни дуели.

На наше инсистирање, тие прифатија да разговараат, иако во текот на интервјуто не успеавме да изброиме колку и какви сè ги има. Мачките доаѓаа и си одеа, некои накострешено реагираа на актуелната политичка ситуација, панично мјаукаа, додека останатите незаинтересирано си го лижеа крзното или само предеа.

Идејата ни беше да ги поставиме нивните аргументи и информации на маса и заедно да го одмотаме замрсеното клопче што се нарекува мак-политика.

Колку сте вие по дома?

macka

Меме-мачка на Ванхауте со коментар за избирачкиот список

Кога се сретнавме, тие веќе седеа врз лаптопот на Ванхауте со подвиткани опашки, се митареа и ревносно го проверуваа избирачкиот список оставајќи гребаници по тастатурата.
„Во нашиот стан има заведено рис од Албанија, а кај една пријателка има ангорка, која веќе умрела деветпати“, се пожалија тие.

За мачките не е спорно шеесет или, пак, сто души да живеат во еден мал стан.

„Па, колку сте вие по дома?“, нè праша зачудено тигрестиот мачор.

Покрај прочистувањето на списокот, преговорите запнаа и кај регулацијата на медиумите, овој проблем е камен на сопнување и прашање е дали ќе се постигне некаков договор пред 5 јуни. Ги прашавме мачките каква е, според нив, „крвната слика“ на македонските мејнстрим-медиуми.

„Не гледаме вести, не разбираме лаење“, кратка и јасна беше сијамката.

Иако тоа не е нивна задача, како помошници на посредникот во пржинскиот процес, мачките на Ванхауте преку прозорец се мушнале во Градска болница и го посетиле истепаниот Тодор Петров.

Сакале од претседателот на Светскиот македонски конгрес да дознаат што се случувало минатата недела во кафеаната „Казабланка“.

„Цица мацо где си била? Шта су ти дали, кутлачу по глави?“, го прашале мачките.

Веднаш по Тодор Петров го посетиле и кампот на ДУИ во Бутел, под палмите каде што требаше да никне новиот 55-метарски крст. Таму се сретнале и разговарале со неколку истакнати членови на партијата.

„Се уверивме дека Ермира е политичар од збор, жената вети дека ќе ги замрзне активностите во ДУИ и навистина премрзна кај крстот.“

Во рамките на политичката обиколка, персијката го посетила и лидерот на ДПА, Мендух Тачи во тетовскиот ресторан „Дора“. „Војводата“ од албанскиот корпус ѝ оставил најсилен впечаток од сите политичари во Македонија.

„Тачи е како мачка, од колку високо и да го фрлат вмровците, тој секогаш паѓа до нозете на Мијалков.“

Поради оваа прошетка низ политичкиот корпус, која е надвор од нивниот мандат, Ванхауте на мачките им лупнал тужби пред Управен суд, а тие ветуваат дека како дополнителни заменици ќе возвратат во истиот „Ременски-Спасов“ стил.

Контејнерска кошница

macka 2

Мачките на Ванхауте со план за враќање на демократијата во земјава

Со оглед дека станува збор за навистина искусни и аналитични експерти по демократија, нè интересираше кога мачките на Ванхауте се разочарале од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред или откако ги ислушале „бомбите“ на опозицијата.
„Одговорот на тоа прашање се знаеше уште во 2009 година“

Низ чаршијата проструи муабетот дека мачките на Ванхауте шетајќи со стопанот по Водно се здружиле со шарпланинецот на претседателот Ѓорге Иванов, иако не разбираат лаење. Ги прашавме на што се должи ова навистина необично пријателство.

„Ако сакаш да изгледаш паметно, дружи се со некој смотан“, гордо ни одговорија мачките, цитирајќи го познатиот цртан лик Гарфилд.

Другарувајќи со кучето, мачките на Ванхауте го нашле и претседателот во неговата глувчешка дупка. Се запознале, им изгледал тивок и повлечен, човек од неколку збора, меѓутоа за потребите на нашето интервју ги коментираа неговите нови ингеренции што ги доби благодарение на Уставниот суд.

„Го видел Обама како помилува мисирки за Денот на благодарноста, па овој ќе помилува изборни криминалци од благодарност.“

Економската состојба, исто така, не е на агендата на нивниот газда Питер Ванхауте, меѓутоа мачките не би биле тоа што се ако детално не ги истражат контејнерите.

„Овде и вредноста на контејнерската кошница е бедна“, коментираа мачките на белгискиот посредник.

Како што е неизвесна судбината на нивниот пријател, така не се знае колку ќе останат во Македонија и мачките на Ванхауте. Во секој случај од нашата земја заминуваат побогати за едно искуство, со еден куп селфиња со лавови и со статус на големи твитер-ѕвезди.