Каде се сега странските служби, жолтите комбиња, приказните за сечено, лепено, креирано, монтирано… Од доказите со кои располага СЈО, станува многу појасно зошто Груевски со месеци си ја брка сопствената опашка, бегајќи што подалеку од рочиштата за „Пуч“. Ќе морал да одговара на многу незгодни прашања, кои длабоко ќе му ги тангираат и кредибилитетот на номинацијата во изборната трка, но и учинокот на фамилијата.
Особено на оној дел од фамилијата кој со години бил распослан и распашан меѓу бројните кабелчиња и шарените сигнални светла, кои потврдуваат дека опремата за надзор работи под полна пареа, турбо, овердозирана од телефонски броеви, ставени на незаконско слушање, а голем дел од нив и „заборавени“ да се исклучат.
Осум години, две клучни лица во УБК и осум нивни соизвршители, ја користеле и позицијата во Управата, но и опремата набавена од средства на граѓаните, за да упаѓаат токму во приватноста на граѓаните – политичари, бизнисмени, новинари…
Малку е да се каже дека осомничените ја злоупотребиле службената положба и дека злоупотребиле државен ресурс (софистицирана опрема) третирајќи ја за свои приватни партиски игри. Податоците за незаконско следење на телефонски броеви што ги објави СЈО, ја откриваат и нивната опседнатост и налудничавост не само преку незаконскиот надзор врз политичките опоненти, туку и врз „нивните“.
Апсурдно, но вистинито, токму министерката Гордана Јанкулоска станала една од високопрофилните жртви на нејзините инвестиции во монструозниот хибрид МВРО-ВМРО, во кој самата секој ден ѕидала по една тула
Според импозантната бројка на денови или години во кои незаконски биле следени нејзините комуникации, апсурдно но вистинито, токму министерката Гордана Јанкулоска станала една од високопрофилните жртви на нејзините инвестиции во монструозниот хибрид МВРО-ВМРО, во кој самата секој ден ѕидала по една тула.
Не ја сфатила навреме суштината на изреката „Каменот од блиску доаѓа“. Не претпоставувала дека од страна на нејзини (формално) подредени од УБК, и таа ќе биде (долго)трајно вградена во прислушниот апарат.
Да знаела, немаше во разговорите толку невнимателно да се опушта, споделувајќи со соговорниците многу здрави детали за болното владеење на нејзината партија, по што во еден од многуте моменти на искреност, дури и воздржаниот Ставрески ќе си дозволи да даде релевантна министерска дијагноза: „Ние сме лудаци“.
Фактот дека на списокот на прислушкувани на Јанкулоска и прават друштво Миле Јанакиески и други високи функционери од партијата и Владата, но и верните партиски коалиционери Али Ахмети и Муса Џафери, јасно ја открива неограничената параноја што владеела во ВМРО-ДПМНЕ и болниот начин на кој пастирот го контролирал и своето, и коалициското стадо.
Приказните за некаква нескршлива внатрешна кохезија, за доверба, за единство и други слатки зборови со кои го покриваа скандалот во овие две горчливи години, сега можат да ги однесат на истата дробилица каде што Големиот Брат(учед) веќе испратил дел од опремата на уништување.
Не се потребни многу зборови за да се каже колку некој морал да биде параноичен, професионално неодговорен, морално деформиран, ментално исфрустриран и воајерски дефиниран, но пред се, политички несигурен, за да посегне по незаконски упад во приватноста на најмалку 5.827 лица и на неброен број други кои во посочениот период комуницирале со нив – најмалку 20.000. Барем според она што досега е евидентирано на аудио-снимките.
Од опструкциите или од соработката со телекомуникациски оператор ќе зависи дали таа бројка ќе порасне, или заедно со дел од веќе избришаните логови, ќе стане темна бројка на нашите претпоставки за обемот на злосторството.
Она што е јасно, е дека листата на незаконски следените комуникации е драматично подолга од законски следените. Но, за кулминацијата на бесчестието и лудилото сведочи и податокот дека незаконското следење продолжило дури и по објавувањето на „бомбите“, но и во текот на оваа година.
Приказните за некаква нескршлива внатрешна кохезија, за доверба, за единство и други слатки зборови со кои го покриваа скандалот во овие две горчливи години, сега можат да ги однесат на истата дробилица каде што Големиот Брат(учед) веќе испратил дел од опремата на уништување
Како и зошто, во судска постапка ќе треба да одговорат раскалашените поседници на политичка моќ. Ќе мора нивните фантазмагории за жолти комбиња и светски заговори да ги документираат исто како што тимот на СЈО и експертот од „Ериксон“ ги документирале трагите од надзорните оргии на УБК врз приватноста на „почитуваниот народ“.
Во тој процес, на овие луѓе не им недостигала ни мрачна амбиција, ни техника. Биле многу посуперирни во однос на некогашната диктаторско-прислушкувачка „икона“, Николае Чаушеску, кој не запрел во намерата да влезе во животот на сите Романци. Негов хендикеп била старата телефонска централа, во која рачно се прикачувале броевите што требало да се слушаат.
За да си ја олесни работата, во еден момент издал налог телефоните на граѓаните да мора да бидат заменети со нови модели, во кои микрофоните биле фабрички вградени. Речиси половина нација веќе имала нови телефони до декември 1989 година, пред диктаторот да биде ликвидиран. Само смртта го спречила Чаушеску во намерата комплетно да ја озвучи целата нација.
Не треба да потсетувам дека ова се случувало речиси пред три децении во Романија. Таа денес е демократска земја, членка на ЕУ, во која антикорупциските политики бележат енормно високи резултати. Во Македонија ова се случува денес, или како што потенцира обвинителката Катица Јанева, точно 25 години по прогласувањето на Уставот на самостојна и независна Македонија (17.11.1991), акт кој ги грантира основните права на граѓните, а кои по четврт век се толку грубо изгазени.
Предметот „Таргет“ не имплицира дека се случил ексцес во тајната служба. Сомнежите упатуваат на повеќегодишна практика на партиски стратези во тајната полиција и рутиниран начин на работа – методи типични за тоталитарни држави, за каква што требало да биде крунисана и Македонија од мала издвоена врхушка, за нејзини лични потреби и моќ, а наводно „за доброто на народот“.
На овие луѓе не им недостигала ни мрачна амбиција, ни техника. Биле многу посупериорни во однос на некогашната диктаторско-прислушкувачка „икона“, Николае Чаушеску, кој не запрел во намерата да влезе во животот на сите Романци
И тоа ќе мора да биде правно санкционирано, без оглед што засегнатите се надеваат дека „нивниот народ“ на избори ќе одлучува за вистината и правдата. Тој филм овде нема да се гледа. Дострелите на авторитарната врхушка се прочитани и во Македонија и во демократскиот свет.
Додека едниот братучед шеташе низ Баварија со цел да остави впечаток дека и натаму е „радо виден гостин“ во најуспешните европските држави, тамошни медиуми го објавија одговорот на германската влада на прашањето за состојбата со човековите права во Македонија, поставено од пратениците Луизе Амтсберг, Фолкер Бек, Мануел Сарацин, други пратеници и пратеничката група на Зелените во Бундестагот:
„Една од причините за кризата е заострената конфронтација меѓу владејачките и опозициските партии, натамошно засилена со еклатантното погрешно однесување на Владата и тајната служба, кое опозицијата го обелодени со објавување снимки од телефонски разговори. Притоа, од снимките се создава впечаток дека највисоките владини кругови во најмала рака имале сознанија за активностите на тајните служби“, се вели во одговорот
Во него се потенцира и дека „клучни за идниот развој на Македонија се непречената работа на СЈО и имплементирање на препораките од Извештајот на Прибе“. Прва на листата во тој извештај – е неопходноста од темелни реформи во УБК.
Само по длабока и целосна екстракција на практиките за приватизирање и злоупотреба на тајната полиција, ниедна власт не ќе може да биде несанкционирано сеприсутна во животите на граѓаните, на досегашниот волунатристички и незаконски начин.
Тоталитарната симетрија и апсолутната контрола ги бројат своите последни денови. Оние кои не сакаат да го разберат и прифатат тоа, дури ни задоцнето, први ќе стигнат до бездната каде што ќе бидат јавно погребани манирите на неограничената прислушкувачка мегаломанија, заедно со нивиот личен учинок во градењето на најмрачниот и срамен УБК-овски „дигитален магацин“ во Македонија.