Медена земја

Колумна на Сашо Кокаланов

1.Дека Македонија е медена земја за криминалот, тоа го знаевме одамна, како што знаевме дека рекетот царува со земјава уште пред да пукне последнава афера „Рекет“. Дури толку бевме убедени дека „највредната“ приказна за извоз од овие балкански брдовити простори е криминалот и социјалните неправди, што испоснимивме едно чудо филмови токму за тоа: за тешкиот живот на луѓето фатени во мрежата на криминалот, за криминалците чии секири паднале во медот, за главите што паднале пресечени од сечилото на секир(ациј)ата наречена општествени неправди…                                                               

Оваа „црна струја“ што го води нашето творештво, па и генерално творештвото во поширокиот културен простор, е легитимна естетика и етика зашто таа ни е наметната и од надворешното опкружување во кое живееме и од внатрешни чувства што си ги носиме, но таа истовремено ни фрла многу „прашина“ во очите, та како да престанавме да ги гледаме приказните околу нас што не сме спремни веднаш политички и општествено да ги вреднуваме. Оние вистинските приказни, необоени, без квазиидеолошки призми, без политикантство, ни се изгубија од видикот…

За среќа, постоеле трагачи на приказни кои останале со отворени очи. Резултат на една таква љубов кон раскажувањето чисти, едноставни, „вистински“ приказни е филмот „Медена земја“, од вчера и официјално – македонски кандидат за престижната награда „Оскар“.

И не само што е кандидат, филмаџиите со долг стаж во бркање разни фестивалски награди и добри познавачи на наградувачките политики на најважните спектакли во седмата уметност се убедени дека ова дело е навистина најсериозната шанса за македонски „Оскар“ од „Пред дождот“ наваму.

За нашава скромна култура и уште поскромно меѓународно етаблирана државичка, тоа секако не е неважно. Но, од уметничка и од творечка гледна точка, најважно е дека постои потенцијал да се излезе од чаурата во која сме напикани и да се пронајде приказна што е надвор од неа, а, сепак, дел од нас и од нашето секојдневие. А кога ќе се пронајде приказната… Останатото е мајсторство, вештина, занает.

Добро е и за луѓето, тие што некогаш беа независна публика, а сега се исподелија меѓусебно според светогледите што им ги наметнаа други или што си ги наметнаа самите, сеедно, добро е и за нив, да сфатат дека постои нешто што не може да се смести меѓу две соопштенија на ВМРО и СДСМ, меѓу две лажни вести по порталите, меѓу два јалови штрајка на работниците, меѓу две мизерни плати од работодавците, меѓу две заглавувања по шалтерите, меѓу две криминални афери или два изборни циклуса, ако сакате и меѓу две социодркаџиски колумни…

2.

Најдоброто во долгометражниот документарец на Тамара и Љубе, „Медена земја“, освен искрената приказна и спектакуларните кадри за кои многу читаме по рецензиите, е што тој не бил препознаен од културните авторитети уште на почетокот, па си растел од идеја до филм, движејќи се само на еден единствен погон: љубов и ентузијазам.

Некогаш адитивите, особено тие изразени во странски валути, знаат да го заебат производот. Во прилог на ова, ми текнува веднаш на изјавата на последниот балкански оскаровец, босанскиот режисер Данис Тановиќ: Да имав само уште 100.000 евра повеќе, ќе го зезнев филмот.

3.

Луѓето се толку расиплива роба, кои, не само што се способни да ги уништат делата што самите ги создаваат, туку и тие што ги создал некој друг, а им се дадени на користење. Тие се спремни да ја пресечат гранката на која седат, дури и ако таа е единствената гранка на која може да се седи.

Македонецот, на пример, кога ја уништува Македонија, секогаш во потсвеста го има сознанието дека таа не е единствената држава во светот. Кога толку ќе ја „сјебеме“ Македонија да не може да се живее во неа, ќе побегнеме во некоја друга татковина (попаметните се сетија дека тоа може да го направат и порано, не мора да го чекаат нејзиното тотално рикнување).

Но, човештвото во целина ја нема привилегијата на Македонецот. Барем засега, нема резервна планета. И затоа со крајна резигнација може да се набљудува колку македонски мазохизам има во целото човештво.

Гори Амазонија, горат белите дробови на планетава, оваа единствената, а светските лидери разменуваат соопштенија ко да се пишувани во центрите за комуникација на плоштадот ВМРО и на Бихаќка.

4.

Толку е сè отидено бестрага, што денешниот човек вистински, не метафорички, многу помалку ќе се загрижи ако изгори цела Амазонија, отколку ако изгори еден сервер на „Амазон“.

5.

Дури и ние што сме навикнати на безобразни, глупави и навредливи размени на „аргументи“ меѓу политичари, преписката на бразилскиот претседател Болсонеро и неговиот француски колега Макрон ја доживуваме како шокантно дебилна!

Од опожарените шуми како глобална катастрофа со несогледливи последици, караницата се сведе на тоа кој има поубава жена и кој кому му е љубоморен.

Егоизмот на онаа бразилска будала од претседател оди дури дотаму што ја одбива странската помош. Му се мешале во домашните работи. Како пожар да е домашна работа. Божем, ако ви гори станот, ќе ве праша некој дали смее да гаси зашто е ваш приватен. 

6.

Замислете ја оваа ситуација. Огнени јазици излегуваат од стан во зграда, станарите се во паника, викаат пожарникари. Екипата пристигнува, доаѓаат до опожарениот стан, а таму пред вратата стои газдата на станот.

– Комшија, дај бе те молам, да влеземе со хидрантсково црево да изгасиме. Стварно нејќеме да се мешаме, ама може пожаров да се прошири и на другите станови во зградава – понизно молат пожарникарите и насобраните комшии.

– Ај, море сиктер таму, ти ќе гасиш кај мене дома, јас ако сакам ќе си гасам, мој си е станот, ќе пукнеш од мака што мојава е поубава од жена ти! – возвраќа газдата на станот.

Глупо, нели? Е па ако е глупо за една зграда, тогаш за пожар што ја засега целата планета е планетарно глупо.

7.

Нејсе, кога сме кај жените. Во еден од последните броеви на „Нешнел џиографик“, посветен главно на научните мисии во вселената, авторката Надја Дрејк пишува опсежна студија, која ја насловува: „Да испраќаме само жени во космосот“ и во која прилично убедливо аргументира зошто смета дека физичките и психолошките особини ги прават жените далеку попогодни од мажите, особено за подолготрајни вселенски мисии.

Иако нашето правосудство повеќе наликува на црна дупка отколку на цел космос, и ние не многу одамна, пред само неколку години, бевме спремни со две раце да потпишеме слична студија, убедени дека лансирањето жени во македонскиот правосуден систем ќе значи драматичен пресврт и ќе помогне да се открие нов живот за правната држава, живот надвор од планетата на мајмуните, се извинувам на политичарите.

Без намера да ја обескуражиме НАСА во намерите, би сакале само да изразиме надеж дека нема да дојде до истиот разочарувачки заклучок до кој дојдовме ние благодарение на нашата специјална космонаутка Катица Јанева.

Зашто нивната мисија е поважна: треба да ни најдат резервна планета. На оваа се чини ѝ ебавме мајката.

А можеше да биде медена…

П.С.

Колумната „Бесплатна среда“ ќе паузира во септември. Се читаме повторно од октомври.