Меѓународниот ден на човековите права (10 декември) го пречекавме и го „прославивме“ полни со омраза, жолч, навреди и поделби. Успеавме да се поделиме дури и по линија на двојното грозоморно убиство што сите толку длабоко нѐ потресе.
Првенствено на ниво на разните шпекулации (најчесто спротивставени една со друга), кои не кружат само по социјалните мрежи и по опскурните портали, туку и по таканаречените официјални медиуми. Потоа во бесчувствителност во изнесувањето на некои наводно точни информации, кои само внесуваат конфузија и се со светлосни години далеку од она што се нарекува кодекс на известување во вакви ситуации.
На пример, една телевизија со национална фреквенција го „откри“ местото каде што била закопана несреќната Вања! Зошто? Каков јавен интерес се постигна со „откривање“ на веќе познат податок и со покажување снимки од некое необработено поле во некоја скопска Недојдија?
Стар аксиом е дека колку си понеук, толку си повеќе убеден во исправноста на своите ставови. Оттука толку намножени „судии“, „обвинители“, „адвокати“, „детективи“, „психолози“ и разни други профили од сите провениенции
Се поделивме околу успешноста на акцијата на МВР и брзото расчистување на двојното убиство и околу (не)способноста на јавното обвинителство успешно да ја спроведе истрагата. Успеавме да ја вмешаме и дневната политика во целата приказна за убиството, па да гледаме како некои политичари успеаја да ја злоупотребат дури и оваа ситуација.
И на крајот, дури успеавме да се поделиме околу вината на осомничените убијци. На социјалните мрежи се појавија цели не толку малубројни групи, жестоко застанати во одбрана на луѓето за кои има и повеќе од основани сомневања дека се учесници во грозоморното злосторство што Македонија не го памети. Барем не, според начинот и умислата на неговата изведба.
Јас можеби можам да го разберам овој феномен и да го протолкувам како главна карактеристика на неукоста што одамна царува на овие простори. Стар аксиом е дека колку си понеук, толку си повеќе убеден во исправноста на своите ставови. Оттука толку намножени „судии“, „обвинители“, „адвокати“, „детективи“, „психолози“ и разни други профили од сите провениенции. И оттука толкава недоверба во оние што се платени да го расчистат овој случај. И затоа дипломираните криминолози и психолози, професионалните адвокати и судии… се „недоучени“ со „лажни“ дипломи, додека ние, кои немаме ниту лажна диплома од овие области, нормално знаеме сѐ и нормално сме во право.
Ако се осмели некој да се спротивстави на нашиот суверен став, тогаш следи арсеналот на добро познатата „аргументација“ во форма на навреди и пцости.
Јас знам дека злото раѓа зло, но овој случај, освен по својата свирепост, ќе остане запомнет и по тоа што го извадил најлошото од сите нас. Какви сѐ „креативни“ казни не прочитав за извршителите на злосторството. „Бесење на плоштад“, „да им се одере кожата“, „да се набијат на колец“, „живи да се заѕидаат“, се само дел од асортиманот што нашите истовремено и „обвинители“ и „судии“ би ги спровеле врз насилниците.
Дури постојат и фејсбук-групи што собираат петиции за враќање на смртната казна. (Иако, дури и да се усвои овој предлог, конкретните злосторници ќе одговараат по важечките закони во времето на извршување на злосторството).
Ете, би рекол дека можам да ја разберам и оваа појава. Резултат е на енормната лутина, на бесот и гневот што го почувствувал секој од нас по повод овој случај. Сите ние, во несреќната Вања препознавме некој наш близок.
Злото не раѓа само зло. Некогаш ги буди и најблагородните чувства кај човекот.Освен поделбите што бодат очи, ваквите несфатливи несреќи најчесто создаваат заедништво меѓу луѓето, дури и меѓу навидум најжестоките непријатели
Но, од друга страна, стара изрека во правната теорија е дека злосторството не се казнува со злосторство. Во спротивно, по што би се разликувале ние од злосторниците. Дали ќе заврши злото со ново сторено зло?
Никола Јонков Вапцаров, во својата амблемска песна „Песна за човекот“, говори за човек што го заклал својот татко за пари. Го осудиле на смрт со бесење. Меѓутоа, човекот во затворот, како што вели Вапцаров, „човек – се престорил“. Ако ве интересира, во песната казната е извршена, но злосторникот е мирен, затоа што ја сознал својата судбина и умрел со каење и со надеж дека никој нема да го повтори неговото злосторство.
Или што би рекол првиот германски повоен канцелар Конрад Аденауер, коментирајќи ги нацистите што се покајале пред судот за своите злосторства: „Никому не можеш да му забраниш да се опамети“.
Немам, се разбира, никаква емпатија кон злосторниците. Напротив. И самиот се фаќам во ситуации кога и јас измислувам што погрозни казни за нив. И тоа искрено ме плаши, затоа што, ако веќе поводот за овој текст е Универзалната декларација за човекови права, односно Меѓународниот ден на човековите права, тогаш треба да биде јасно дека и злосторниците имаат свои права. Тоа е првенствено правото на правично судење, односно на судење според постојните закони. И, колку и да ви звучи монструозно, правото – на живот. Впрочем, затоа е и укината смртната казна. Се разбира дека и жртвите имаа право на живот (некои би рекле, многу поголемо од злосторниците), ама токму затоа што некој се обидел на тој начин да им „пресуди“, без закони и правда, ќе одговара пред правдата.
Сакам, можеби нереално, ама, сепак, сакам овој текст да го завршам малку пооптимистично, ако е тоа воопшто можно. Злото не раѓа само зло. Некогаш ги буди и најблагородните чувства кај човекот. Освен поделбите што бодат очи, ваквите несфатливи несреќи најчесто создаваат заедништво меѓу луѓето, дури и меѓу навидум најжестоките непријатели.
Имав можност (не само јас) да разговарам со повеќе колеги од медиумите од регионот и, без оглед на начинот на кој известуваа за злосторството, кај сите, буквално кај сите, почувствував емпатија и солидарност, пред сѐ, со семејството, но и со сите граѓани на Македонија. Се сеќавате, по неодамнешните масовни убиства во Србија, таква солидарност покажаа Албанците од Косово, Хрватите од Хрватска, како и целиот регион.
Но, она што сакам да го кажам, емпатијата и солидарноста ја почувствував првенствено тука, меѓу моите сограѓани, меѓу луѓето со кои немам ништо заедничко и со кои главно во ништо не се сложувам. Не смееме да заборавиме дека Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, не беше само град на меѓународната солидарност, туку на солидарноста, воопшто. Првенствено на солидарноста на граѓаните на Скопје. И на сите други.
На крајот на краиштата, целата идеја на Универзалната декларација за човекови право (донесена точно пред 75 години), иако е многу далеку од нејзината ефективна примена, е токму тоа – заедништво и почитување меѓу луѓето.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија