Чувај го зборот

„Чувај го зборот добро врзан како необучен коњ што знае да каса, да клоца, да мава. Чувај го, зашто ако го пуштиш така разоглавен по чаирите, кој знае која луда глава ќе посака да го јава“. (Блаже Конески)

Деновиве зборот не ни беше добро врзан. Всушност, беше „врзан“, ама во стилот на еден поднапиен, нетрез(в)ен начин, во кој се кажуваат многу нешта, кои потоа ќе остават длабоки лузни. Не помалку, и не помали, од оние што настанаа по свирепото убиство на Вања и Панче.

Како да сме немале доволно човечки трагедии во изминативе 30 години, кои покажаа дека секоја политичка инструментализација на нечија смрт предизвикува нови рани во општественото ткиво, повторно видовме огромен напор и овој случај да заглави во канџите на танатополитиката. Во манирот акција – реакција, никој не остана неизвалкан.

Јасно е дека никогаш нема да најдеме еден универзален одговор како и зошто некои транзициски „розмарини бебиња“ израснале во монструми, кој ги хранел, кој им менувал пелени, кој ги штител. Секој има свој одговор и веројатно секој во одреден дел е точен.

Само тие што немаат што да им понудат на живите, градат агенда преку починатите, не разбирајќи дека на ова општество му треба суштински агенс за промени, а не политички нарикачи за канализирано инструментализирање на тагата

И секој во останатиот дел е предмет на селективно памтење, во пакет со обиди случајот да се искористи за себепроектирање како субјект високо „над“ посоченото мочуриште, во чиј талог е сместена збирка родослови на многу матни ликови.

Додека се редат претставите во таа јавна арена, речиси нема активност што се спротивставува на лешинарењето за политички капитал врз две мртви тела. А надвор од арената, таму во домовите, каде што илјадници родители со загриженост ги испраќаат децата на настава, во кино, театар, вонучилишни активности, не помагаат неофицијални, а, сепак, официјално споделени ставови, кои го зголемуваат стравот дека сторителите имале поголеми планови.

Работа на истрагата е да го утврди тоа, а на граѓанската одговорност да се покаже трпение и елементарна доверба кон оние што ја водат истражната постапка, без да се потпаѓа на шпекулации, кои само ја подгреваат несигурноста.

Во соседна Србија, земја која во мај сведочеше на страшен случај кога дете уби деца, во која до вчера се прашуваа како ниедна српска телевизија не направила документарец за таа трагедија, а направила хрватска телевизија, тамошните медиуми се преплавени од текстови и емисии за македонскиот случај. Секој ден.

И она што е фрапантно, изнесуваат детали кои никој од истражните органи досега јавно не ги соопштил пред македонската јавност. Ако во овој момент, голем дел од информациите треба да останат несподелени во јавноста за да не се компромитира истрагата, од каде таму таква плима на „детали“? Прашањето воопшто не е за потценување.

Јасно е дека никогаш нема да најдеме еден универзален одговор како и зошто некои транзициски „розмарини бебиња“ израснале во монструми, кој ги хранел, кој им менувал пелени, кој ги штител

Во сличен стил, лидер на домашна помала партија, на домашна телевизија, деновиве „попатно“ раскажа досега непознати детали околу грабнувањето на Вања, па дури и податок од колку сантиметри било пукано во неа.

Од каде знае? Со каква цел го соопшти тоа и носи ли одговорност за нивната веродостојност? Дали воопшто размислил дека и тие зборови имаат ефект на куршум, бидејќи пукаат во спокојството на граѓаните, и дека тоа можеби го слушаат деца, во време кога речиси целата информативна ТВ-програма е посветена на таа тема.

Сите тие што се однесуваат кон овој случај како „стрини пред селска чешма“, треба да се распрашаат барем во својата околина, со какви стравови и нелагоди се соочуваат децата, колку роднини се ангажирани да ги испраќаат и дочекуваат пред училиштата, или какви паники се случуваат ако им се потроши батеријата на телефонот и станат недостапни за родителите.

Сензационализам и политичка инструментализација на која било трагедија, истрага и жртви, е грозен и неприфатлив начин за црпење политички капитал. Само тие што немаат што да им понудат на живите, градат агенда преку починатите, не разбирајќи дека на ова општество му треба суштински агенс за промени, а не политички нарикачи за канализирано инструментализирање на тагата.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија