Нема правда, има чир

Колумна на Сашо Кокаланов

Акростихов што следи е мала авантура на авторот преку кој со малку автоиронија ќе се обиде да ги апсолвира апатијата, амбисов и апстиненцијата што фрлија асфалт преку амбицијата и ангажманот на сите што имавме некакви арни аспирации. Ајде да се автопортретираме и да видиме како атрофиравме олку, како ни се случи од еден апсолутизам и автократија да се апстрахираме некако, но да не ни дојде акал и, апсолутно апсурдно, да абдицираме пред еден ваков аналфабетизам и пред едно апологетство, кое наместо да го амортизира и анулира претходниот антидемократски апарат, нѐ асоцијализира и нѐ откажа од каква било акција. Аздисаност и ароганција, а абер да се немало од ништо. Ама ако.

Балканот, затоа, и натаму е наша судбина, борбата за брз европски бит бледнее, и покрај сите билатерални успеси со блиските соседи. Брилијантните бодови што ги освоивме на патот кон Брисел се избербатија поради битанги бутнати во првите борбени линии. Бадијала буџети и блех-музика, кога дозволивме главната бараба да ни збрише скриен во багажник, а бажибозукот што тој го создаде да ни блиндира до степен на бетониран безизлез. Многу брзоплети одлуки, безидејност, безличност. Борчиме помалку? Не. Цела таа база на благонаклонети се потроши багатела, се фрли во бунар. Благодарение на сето тоа, сега иднината ни е – бинго.

Влада предводена од ВМРО веројатно ви звучеше до скоро како еден велеглуп виц. Вознемирувачки во секој случај, со оглед на вековите што нѐ вратија назад. Вмровштината вклучува(ше) велепредавство и постоеше впечаток дека ова е длабоко вдлабено во нас. Барем додека врхушката на ВМРО-ДПМНЕ не се воздигне над своето врашки грдо минато и не успее да се возобнови самата однатре. Но, што се случи? Врамија некои нови портрети во велелепната палата, ви ветија великодушно волшепство и почнавте пак да им верувате на вересија. Всушност, вратоломно ќе ви се вратат и ќе ви ја всисаат сета верба за воскресение. Вампирски.

Гневот од големците главно генерираше две работи – гурбет и губење на гласноста. Тие што заминаа на гурбет, нема веќе што многу да изгубат. Тие, пак, што ја изгубија гласноста, тие што заглавија, ќе продолжат да се гадат од грабежот и да гладуваат како голтари. Малку се тие на кои им годи тоа што глупоста се враќа на голема врата, но, гадно да, ама мора да се изглаголи – глупоста има голема гравитација, па немојте да се чудите ако и вам ве голтне.

Да немате дилема, ДУИ ќе го дрват уште некое време со нивната дребна декларативна детерминираност за демократија. Секако, сѐ додека демаркацијата на „наши“ и „ваши“ и двонационалноста им даваат доволно добра за нивниот „дуинг бизнис“. Но, додека кажеш „да“, ќе ги фати деменција за двојазичноста и за другите добронамерни дела во насока на дополнителна демократизација и делотворно дробење на дискриминацијата и ќе ги видите како велат „да“ на тие од кои сега се дистанцираат. Демек заради деблокада на државата, ќе мора пак на стариот добар партнер да му се дадат доброволно.

Ѓон-образ. Тоа е ѓерданот од трње што околу вратот го носела секоја македонска коалиција досега, а така ќе биде и отсега.

Едно општетсво, пак, од една убава и енергична приказна, може да заврши во елегија за една егзалтација што останала без егзекуција. Епската неспособност на еден дел од елитата, сепак, ќе остане единица мерка за оваа егзекутива. Едно чудо ебиветри кои погрешно ги евалуиравте како експерти, сега експресно и елегантно ќе нѐ елиминираат. Не знам дали ќе евоцирате некогаш спомени и дали ќе ви текне дека најголема ерозија ни се случи во едукацијата. Единствен спас беше да создаваме ерудити, а ние и тие што ги имавме, слабо ги есапевме. Ебиветрите ќе се евакуираат, а другите, ако евентуално не експлодира некоја нова енергија, нѐ очекува колективна евтаназија.

Жално, ама така е.

Задоцнето или не, едно чудо закони во моментов сега се во законодавниот дом. Заборавеност, зачмаеност или залеженост, сеедно. Закони што треба да заверат некои политики кои граѓаните ги добија како завет, а голем дел од нив директно задираат во нивната заработка. Забавата е пред крај, а закуската сега почнува да се служи. Зевзекманија.

Sвони сега за крај на час и сега сите ќе се ѕвериме во анкетите и ќе ѕензаме од страв да не лупнеме (пак) со главата во ѕид.

Избавувањето од извршителите излезе дека е историски, ако гледаме само интерно, најголемата извојувана победа и интервенција во секојдневието на граѓаните. Излез или не, кога веќе иницијално не се изглади проблемот, изгледа секако како пријатно изненадување за најизнемоштените.

Ја вртам страницата назад. Јанѕа ме јаде – јанлаш ли беше да се биде дел од јавноста. Јалово ли е да се јавуваш со јавно изнесен став. Јасно, јавачите на апокалипсата ги имаат сите јаки оружја, а ти си го имаш само своето јас.

Колумните, вкупно 163 на број во ова купче (сосе оваа), како копја кон карванот што си врви, како кучешки лаеж кон кабаетлиите, наликуваат малку и на канибализам, во кој колумнистот се крка сам себе. Конечно, кога ќе дојде крајот, кога ќе кабардиса копнежот за коњец, немаш крилја за уште една касапаана. Копнееш константно со ист кураж да коригираш кретени и да критикуваш крлежи и кусогледи, не дека не, и да си каскадер, и да живееш во овој наш кркотлив котел полн со киселина, да исправаш криви дрини, да кудиш, корнеш коров, крепиш колективни кошмари… Ама тоа кошта, а катарзата ја нема.

Летаат лета, лековерните и натаму лепат на истите лаги, лефтерно лутаат низ лавиринтот на лудоста и некако нема веќе… лезет.

Љубовта кон пишувањето не исчезнува, а ни љубопитноста, ама…

Мантрањето и морализирањето не ја мавнаа мафијата од Македонија. Метафорите некако омалаксаа.

Нема правда, ама има чир. Нус-ефект од надмудрувањето со недоветноста. Ние сме во Недојдија и бегање нема.

Њутновите закони не важат за нас, за нас треба да се измисли закон за движење во место со инерција на затрчан коњ.

Ова е последен осврт, не затоа што огледалото е искршено и нема простор за објективност, туку затоа што веќе сум опериран од оптимизам, очајно опонирам на тоа дека опустошеново некогаш ќе опролети.

Паламудење, постојано само паламудење. За правдата посебно.

Расол со тикви. Реформите на правосудството, или барем робусните надежи дека некакви реформи конечно ќе се за’ртат во овој радиоактивен реон, во оваа Рубикова коцка на нашето општество, се разурнаа разорно. Ризницата од рецидиви и репрезенти на претходниот режим, не само што не беше разбиена, туку благодарение на рекетарската дружина од случајот „Рекет“ и на рушветот што си ги задржа рутите и што не го решивме разумно и резолутно, уште повеќе се разви и се расторбеши… Без релативизација, на робија не замина ниту еден од оние од кои рајата рикаше за време на разорниот децениски режим, со секое следно рочиште само нов пат рикнувавме. Ќе остане уште долго тоа ружно чувство дека ќе си бидеме робови на разболеното судство и ќе живееме и натаму со ризикот од рапидна радијација на неправдата, која ќе разочара и расели уште многу млади, која ќе раши уште многумина да се спакуваат на рикшата и трајно да се разват со својата родина и да се разделат од рода. Разрешница никаква, историска шанса – раскрчмена.

Средите сега ги отстапувам за следните срчани Санчовци. Сатирата не го совлада самоуништувањето, треба нова свежина.

Треба тврдоглавост од друг тип. Треба друг табиет. Треба тоа наше твитерџиско тамбурење да се трансформира во некој тонус на траен триумф над темното.

Ќе биде веројатно и тоа, не може да е постојано ноќ.

Убаво, само што сме уморни.

Фатално сме уморни.

Хорор без крај.

Цајтнот е.

Чуму, се прашува човек.

Џабе е.

Швргаво, шашмаво време. А, можеби е сам лоша шега. На шејтанот. Шу знам.

П.С.

Почитувани, со оваа колумна завршува речиси четиригодишниот циклус колумни за Призма. „Бесплатна среда“ заминува на подолго отсуство. Благодарност до сите читатели кои во средите редовно или повремено знаеја да навратат тука. Сакам да им се заблагодарам и на Ана Петрушева и на Тамара Чаусидис од БИРН на професионалниот однос, на трпението да ја чекаат колумната тогаш кога таа ќе заглавеше безнадежно во лавиринтот на зборовите, но пред сѐ на слободата што ми ја овозможија да пишувам за што сакам, колку сакам и како сакам (кога сакам јас безобразно самиот си го додадов во пакетот, иако главно се придржував до средите). Ако некогаш решам да изработам уште еден колумнистички мандат, без никаква двојба, првата врата на која ќе тропнам ќе биде таа на Призма. Дотогаш, а и многу подолго, останете ми со здравје.