Непартиска партократија

Ете, помалку или повеќе, ги разбравме кандидатите за претседателското место на Република Северна Македонија. Владејачката коалиција го истакна таканаречениот консензуален и натпартиски кандидат Стево Пендаровски, зад кого наводно стојат 30 и кусур партии. Опозицијата ја кандидираше непартиската кандидатка, професорката Гордана Силјановска Давкова.

Наводно и Филип Петровски, кој де факто и де јуре е партиски човек, собира потписи за независна кандидатура. Ако успее да ги собере потписите, тогаш и тој како независен кандидат де факто (без де јуре) ќе стане непартиски тркач во претседателската трка. Единствениот партиски кандидат Амди Бајрам се откажа од својата кандидатура и го поддржа натпартискиот кандидат на владејачката коалиција.

Овој над или непартиски политички натпревар остава неколку сериозни прашања за степенот на демократијата во Македонија. Првото и најочигледно е: зошто, всушност, навистина постојат партиите? Имено, логиката на нештата вели дека партиите се политички и идеолошки организации, кои ги застапуваат идеите и интересите на одредени општествени слоеви. Како нивни репрезенти и поддржани од овие слоеви, тие на избори се борат за власт, а потоа ги промовираат и реализираат идеите и интересите поради кои дошле на власт.

Ако веќе форсираме непартиски и натпартиски кандидати и тоа богами одамна го правиме (ако не се лажам и уште малку актуелниот претседател Ѓорге Иванов беше претставен како непартиски кандидат), зошто тогаш партиите ги номинираат? Во суштина, не е проблем номинацијата, туку е проблем што ќе влеземе (поточно, влеговме) во уште една брутална меѓупартиска политичка кампања, во која најистурени ликови ќе бидат токму непартијци или надпартијци. Чии идеи, идеологии и интереси ќе застапуваат овие наводно надворпартиски кандидати, кој општествен слој или општествена група тие претставуваат?

Да, го знам одговорот – тој секогаш се движи меѓу термините: „народот“ и „граѓаните“ – се разбира, недоветни и недефинирани флоскули со неодредено значење. Значи, целата групација што се подразбира под термините „народ“ и „граѓани“ всушност е аморфна маса со различни, неретко и сосема спротивни интереси. Просто не можам да замислам како еден човек, па ако сакате и една партија ќе ги претставува интересите на сите поединци што живеат во една државна заедница. Освен, се разбира, ако тоа уредување не се вика комунизам.

На крајот на краиштата, ако непартијците и надпартијците се толку квалитетни експерти за водење и практикување на политиката и на политиките, зошто тогаш партиите не номинираат само непартиски луѓе на своите партиски листи за парламентарните избори. Можете да замислите колку тоа ќе ги релаксира состојбите во земјата – наместо партиски вработувања, ќе имаме непартиски вработувања; наместо партиски непотизам, ќе имаме непартиски непотизам; наместо делење тендери по партиски клуч, ќе имаме делење тендери по непартиски клуч. Ја воочувате разликата? Ама партиите, сепак, сакаат да си го задржат монополот врз извршната (онаа главната) и врз законодавната власт (онаа која решава за висината на патните трошоци).

Ако претседателските кандидати ни се натпартиски и непартиски, зошто тогаш навистина постојат партиите? Зошто тогаш влегуваме во уште една брутална меѓупартиска политичка кампања, во која најистурени ликови ќе бидат токму непартијци или надпартијци?

И, навистина, што всушност значи „консензуален кандидат“. Со каков консензус е истакната неговата кандидатура. Тоа дека 30 и кусур партии пресметале дека е опортуно да застанат зад Стево Пендаровски е консензус? Или тоа дека владејачката партија од македонскиот блок постигнала спогодба со партиите на малцинствата да го поддржат Пендаровски е консензус? Или фактот дека главните коалициони партнери, во моментот најсилната партија во македонскиот политички блок СДСМ и најсилната партија во албанскиот политички блок ДУИ постигнале договор за заеднички (коалиционен) кандидат е консензус?

Или можеби, што веројатно е најблиску до вистината, консензус е сето она што ќе го договорат Зоран Заев и Али Ахмети. На пример, кога ќе се договорат што да се послужи на заедничкиот ручек во хотелот „Хилтон“, тогаш ќе добиеме соопштение со ваква содржина: „лидерите… постигнаа консензус за менито што ќе биде послужено на ручекот…“.

И зошто, а особено кому му е потребен консензуален кандидат. Демек, единствен кандидат ќе доведе до (меѓу)национално помирување? Нема, се разбира. Ќе доведе, како што и ваквата саката консензуалност доведува, до дефицит на демократијата. Ќе ги обесмисли изборите во нивната суштина, а суштината, секако, е – имањето избор. И ќе доведе, како што веќе доведе, до обесмислување на демократските процеси и процедури.

Па така, на пример, имате некаков конгрес на СДСМ каде што треба да се утврди веќе утврдениот консензуален кандидат, па според агендата на настанот, имате обраќање на премиерот и претседател на партијата, па затворен дел за утврдување на кандидатот, па гласање за кандидатот, па обраќање на Стево Пендаровски. Се разбира, агендата е направена пред какво било конгресно гласање, а името на Пендаровски е напишано пред какво било конгресно изјаснување. На страна бизарниот факт дека целиот конгрес едногласно го изгласал веќе изгласаниот (на највисоко ниво) кандидат, останува дилемата зошто воопшто се организираше конгрес и зошто се трошеа пари за тоа? Па, поради демократско алиби, се разбира!

Значи, одговорот на прашањето зошто партиите кандидираат непартијци и натпартијци е многу поедноставен од целата оваа, а и од сите други елаборации. Партиите, имено, не ги интересираат ниту демократијата, ниту процедурите, туку само и единствено – власта!

Нивна, секако исправна, проценка е дека партиите, самите по себе, имаат создадено одиум во јавноста и не се нешто особено популарни за постигнување цензус на претседателските избори. Спасот и излезот се бара во кандидати кои досега не се потрошени или барем не се премногу потрошени во напорните меѓупартиски битки, ниту јавно избламирани. Како и да е, и овие избори ќе бидат потврда на овдешниот ендемски феномен на непартиска партократија.