Невидливата колона

Ако човек може да избира, има денови кои со задоволство би ги избришал од календарот, во пуста надеж дека нешто може да измени. Таков беше и денешниот. Тажен, мачен, мрачен, налик на облаците надвиснати над аеродромската писта, на облаците во нас, додека разорниот звук на леталата најавуваше дека тие – се враќаат дома.

Ама не како што заминале – насмеани, весели, возбудени, предадени на безброј очекувања од едно викенд-патување, туку од патување без вистинско враќање. Тешко е да се гледа пренос од таков „дочек“.

И уште потешко, затоа што не ни е првпат да дочекуваме лимени сандаци на скопскиот аеродром. Глетката потсетува на трети март 2004 година, кога тишината на скопскиот аеродром ја прекина звукот на специјалниот авион од Сараево, кој ги донесе посмртните останки на тогашниот претседател Борис Трајковски и неговите осум придружници од државната делегација, сите загинати во авионската несреќа кај Мостар. 

Нам ни треба целосна будност пред постапките на институциите, кои имаат одговорност за прелесното губење животи, а не мртва стража над гробовите

Пред полноќ, во една тажна октомвриска вечер во 2007 година, на истиот аеродром ги дочекавме и посмртните останки на Тоше Проески. Многу згаснати животи дочекавме со државни почести.

Да беше сѐ според законот, редот и протоколот во сите сфери на животот, како што сѐ беше подредено за денешниот тажен дочек, ваквите слики ќе ги немаше во нашето секојдневие. Ако беа добро и навреме контролирани возилата за домашен и меѓународен превоз на патници, денес не ќе гледавме погребни возила уредно одбележани со бројки и со точно наведени имиња на патници, кои треба да бидат одвезени до вечните почивалишта. За разлика од нив, спорниот автобус имал регистерска табличка што не постои! Со чинење или нечинење, поредокот стихијно се ставил повеќе во служба на смртта, отколку на животот.

Единственото прифатливо нешто, ако може да има што било прифатливо во оваа трагедија на раскрсницата меѓу спорната автопатска делница и нашата системска неодговорност, е тоа што по барање на семејствата на починатите се откажа движењето на траорната колона по булеварот Гоце Делчев.

Кому му требаат такви ритуали? Почитта кон луѓето и човечкиот живот се изразува со активности по мерка на животот, а не по мерка на смртта. Тие што мислеле дека е соодветно да гледаме таква колона, изгледа дека не разбрале оти единствената колона што граѓаните очекуваат да помине низ нашите улици и животи – е колоната на одговорноста.

Таква сѐ уште не сме виделе. Не ја видовме ни по поплавите во Стајковци, ни по несреќата во Ласкарци, ни по пожарот во модуларната болница во Тетово. Неоправдано ги забораваме и многуте животи згаснати во менгемето меѓу корона вирусот и недостигот од боци кислород, или недоволниот број стручен кадар, или несоодветната терапија, и сите подведени под силата на „судбината“ или „пресметаниот данок на пандемијата“. Ништо не морало и не мора така да биде.

Денеска во Скопје не ги дочекавме само посмртните останки на 45 наши сограѓани. Дочекавме 45 тестаменти и апели што нѐ обврзуваат да инсистираме на одговорност. И ние, и тие, сме на иста ст(р)аница во овдешната верзија на животот. Денеска заминале едни, утре други.

Тие што мислеле дека е соодветно да гледаме таква колона, изгледа дека не разбрале оти единствената колона што граѓаните очекуваат да помине низ нашите улици и животи – е колоната на одговорноста

Тој синџир на големи трагедии, кои циклично ни се случуваат на секои две-три години, нема да запре ако кругот го затвораме со венци цвеќе, со молитви починатите да почиваат во мир и со прифаќање целата супстанција на нашиот немир да биде утешена со протоколарно-сакрални активности.

Тоа е залажување. Нам ни треба целосна будност пред постапките на институциите, кои имаат одговорност за прелесното губење животи, а не мртва стража над гробовите. Животот ќе добие шанса тогаш кога ќе биде погребена политиката на неодговорност. Ама не според изреката „каде што е најтенко, таму се кине“. Нема да помине санкционирањето на најспоредната алка. Мора да инсистираме на санкции што ќе почнат од врвот во синџирот на одговорноста, па сѐ до крај – од првиот до последниот.

Кога надлежните функционери еднаш ќе бидат потсетени дека не се седнати на места за одлучување заради личен или партиски чалам, туку заради работа, и кога еднаш ќе одговараат за пропустите, дури тогаш ќе може да очекуваме суштински, а не перцепциски пресврт.

Тогаш ќе може да се надеваме и дека авионите што слетуваат овде, повеќе нема да носат ковчези, туку живи луѓе полни со надеж дека и овде може пристојно да се живее. Протоколот за таков ден и дочек веднаш мора да почне да се пишува – со санкции. Без одложување.