„Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заев!“ Поминаа триесет и кусур рочишта од процесот за случајот „Рекет“, а Бојан Јовановски на ниту едно од нив досега не даде ваков исказ. Зошто не кажал такво нешто претходно, ако навистина имал сознанија и докази?
Ако бил под политички притисок или заплашен, немал подобра и посилна заштита, освен јавно во судница да ги изнесе наводите и доказите за тоа што го тврди. Колку вреди неговиот збор може да се суди според тоа колку пати самиот се дискредитираше, ставајќи се во улогата на лажливото овчарче.
Во јануари годинава, тој јавно побара да биде изведен пред републичкиот јавен обвинител поради наводи за кривични пријави, меѓу кои и за обвинителката Русковска. Републичкиот обвинител Љубомир Јовески веднаш задолжил обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал да оствари средба со Јовановски.
Се извршиле консултации со неговиот бранител за терминот што им одговара, се побарала дозвола од судот за средба во истражниот затвор, и откако биле завршени сите неопходни процедури, обвинителот со компјутерот под мишка и во придружба на записничар, стигнал во затворот.
Но, по консултации со бранителот, Јовановски решил да не дава никаков исказ. Таа одлука е напишана и во записник, на кој се потпишале заедно со бранителот. Обвинителот се вратил со празни раце.
Паралелните светови создадени заради заткулисните паралелни бизниси и политики ќе згаснат токму кога партиските лидери први ќе ги затворат своите кабинети за таков вид „услуги“
Под претпоставка дека Боки не сакал средба со обвинител од „обвинителството на Русковска“, и дека само нему би требало да му биде дозволено да си избира со кого од хиерархијата сака да се сретне, што ако се сретнал и со републичкиот јавен обвинител? Јовески ли ќе водеше предистрага за таа пријава? Не. Па, чуму тоа вртење кругови?
Сега по пресудата, пак се тера истата приказна. Јовановски до обвинителството ќе поднел кривични пријави против актуелни функционери за повеќе кривични дела, меѓу кои и злоупотреба на службената положба, измама и шпионажа. И според бранителот, пак ќе барале средба со Јовески. Зошто Јовановски само најавува, наместо еднаш да поднесе пријави, ако навистина има докази? Или можеби нема?
Ако обвинет има докази што би го побиле обвинението против него, зошто би се бранел со објаснувањето колку била тешка или лесна торбата „луј витон“? Зошто Јовановски би вадел аргумент дека ниту видел пари, ниту ги имало во торбата, инаку Кичеец не би ја носел така „лесна како перце“.
Зошто би се нуделе статистики од Европската централна банка за тоа колку би тежел еден милион евра во банкноти, од кои, ако 80 отсто биле спакувани во банкноти од по 50 евра, таа торба требало да тежи од 18,5 до 20 и кусур килограми.
Која е поентата да се прават вакви пресметки, да се спори тежината на торбата според леснотијата со која ја носел Кичеец доколку некој друг ги зел парите, и тоа оние истите што ги немало во лесната торба. Нема логика.
Сепак, во целата оваа каша-попара, најдобрата околност е што Бојан Јовановски е жив и здрав. Ова е важно, ако се има предвид и „искреноста“ на исказите што тој ги даваше во изминатите месеци. Според нив, досега не требаше да биде меѓу живите.
Лани во октомври, тој тврдеше дека е во „животно-загрозувачка состојба, дека не е во добра психичка состојба, дека му е оштетен нерв при операцијата на желудникот, дека му се оштетени белите дробови и дека има уште четири дијагнози на ‘рбетниот столб“. Истото го повторуваше при секое барање за укинување на притворот.
Во јануари годинава, неговиот бранител тврдеше дека секој ден го носат Јовановски во болница и дека му треба соодветен хигиенско-диететски режим. „Никој не го ферма додека не умре некој ден, па тогаш ќе видиме на кого ќе ја префрлаат топката“, предупредуваше панично неговиот бранител.
Во февруари се отиде и чекор понатаму – дека на Јовановски му е утврден карцином на желудникот, постојано повраќа крв и не може да го следи судењето.
Ништо од тоа не излезе точно. Во добра кондиција и во омилените модни комбинации, Јовановски со цинична насмевка ја дочека пресудата.
Неговата изјава „каде да се бараат парите“, Заев ја оцени како лага затоа што токму тој го пријавил случајот и ги одбил сите барања преку посредници за да му помогне во судскиот процес. Опозицијата, пак, ја дочека таа изјава како најголем подарок за претстојната изборна кампања.
Заложбата за неселективна правда кај нас сè уште се густира само на политичко ниво и за политички цели. Овој случај е најилустративен пример за тоа. Сите шушкаа за балонот наречен „Рекет“, но го оставаа да се дуе. Едни во надеж дека ќе издиши, други во надеж дека неговото пукање ќе им донесе што повеќе политички бенефити.
Оската околу која се вртеше таа лицемерна игра беше 1ТВ. Откако бил информиран за случајот од Камчев, Заев изјави дека на 22 април го известил обвинителството за тоа. Русковска во интервју за „Независен“ потврди дека Заев усно ја известил неа и републичкиот јавен обвинител, изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник, но тие го советувале сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави.
Тоа е период кога половина држава веќе шушкаше за димензиите на „Рекет“, но и министри на СДСМ, и опозиционери, и натаму редовно си гостуваа таму. Контрола од надлежните институции? Ни за лек.
А дека случајот воопшто не бил надвор од радарот на опозицијата, сведочеа и изјавите на Мицкоски еден месец претходно. На 13 и на 14 март, во два наврата тој изјавуваше дека „има индиции дека близок роднина на специјалната јавна обвинителка е дел од менаџментот на една телевизија и дека се користи нејзината позиција во комуникација со потенцијални спонзори“.
Сите шушкаа за балонот наречен „Рекет“, но го оставаа да се дуе. Едни во надеж дека ќе издиши, други во надеж дека неговото пукање ќе им донесе што повеќе политички бенефити
И покрај ваквите изјави и сознанија, само две недели подоцна (29 март), Мицкоски со видеопорака го честиташе првиот роденден на 1ТВ, посакувајќи им на вработените „објективноста да ги краси и во периодот што следи, и уште многу успешни години на професионален, деловен и личен план“. Да, да, успех и на „деловниот план“!
Намерите на една од страните во домашниот политички спектар станаа појасни, дури и кога обвинителството веќе отвори предмет за случајот. Дел од снимките кои сведокот ги доставил до обвинителството осамнаа на порталот на италијанскиот весник „Ла верита“, што беше прв сигнал дека за некои целта не е правна разврска на случајот, туку излевање на истрагата заради партиски цели.
На ист начин и дел од исказите дадени во обвинителството завршија во медиумите. Само така некој можеше од две мајки да цица: ем да го критикува опонентот, ем да тврди дека нема ефикасна правда.
„Рекет“ стана синоним за многу повеќе од она што се третира во самиот предмет. Симбол на испреплетени врски на политички елити со нивните екстензии во институциите, во медиумите, но и со чети од извршители, кои од еден партиски атар се селат од друг, не поради партиската, туку поради бојата на парите. Затоа и никој денес не се секира за урнисаното СЈО од поведението на Јанева, ниту за интегритетот на судството, иако сите врескаат за потребата од правна држава.
Се чини дека сегашната нервоза е најмногу поради извршителите, кои со признание на вината се спасиле од поголема казна, кои знаат многу тајни, кои на едни им се заколнале на верност, а подработувале за друг. Или биле испратени да го прават тоа.
Па сега, кога граѓаните ќе треба да решат на која партија да ѝ го дадат својот глас, веројатно ќе треба да проценат дали со тој избор во пакет гласаат и за една невидлива листа и каста од разни подземни ликови, за еден полусвет од посредници и извршители подготвени за разни трансмисии, спротивни на демократските стандарди, за кои наводно се залагаат нивните налогодавци – политичарите.
Боки и Катица може да биле и алчни, и наивни, наместени или сосема свесни за тоа што го прават. Но, политичките субјекти што повикуваат на правда и напредок во државата, не смеат да бидат ни наивни, ни насанкани, ни инволвирани во матни зделки, а најмалку да глумат приврзаност кон повисоките цели.
Паралелните светови создадени заради заткулисните паралелни бизниси и политики ќе згаснат токму кога партиските лидери први ќе ги затворат своите кабинети за таков вид „услуги“. Во наредниот период јасно ќе се покаже дали некој навистина ќе се занимава со суштината на овој проблем, или само ќе си игра со пердувите што ги расфрла Боки кога се соочи со казната.