Новинарството како боксерска вреќа

Поминаа можеби 15, а можеби и повеќе години откога за прв и последен пат пријавив вербално насилство врз мене како новинар во Министерството за внатрешни работи. Тоа беа некакви смртни закани и закани за моето семејство што, покрај на мојата, стигнаа и на службената имејл-адреса на весникот во кој работев тогаш.

На тој начин заканите стасаа до моите шефови, кои, наспроти моето противење, донесоа одлука дека ваквото однесување мора да се пријави во МВР. Дотогаш веќе имав богато искуство со најразлични застрашувања, закани, притисоци, тужби за клевети…, така што веќе имав развиено имунитет кон овој тип малтретирање.

Од друга страна, го знаев и искуството на моите колеги, кои бадијала пријавуваа слични случаи во МВР. Бев, значи, убеден дека станува збор за губење време и дека ниту заканите ќе престанат, ниту МВР ќе стори нешто. Не се сеќавам, ама мислам дека во тоа време не беше формирано ниту Одделението за компјутерски криминал, па во суштина навистина беа немоќни. На крајот, така и беше: никогаш не добив никакво известување од МВР, ниту, пак, заканите престанаа.

Иако, според ова, излегува дека сум бил во право, од денешен аспект мислам дека јас, а и другите колеги, направивме огромна грешка што така бегло поминувавме преку овој тип насилство. Требаше да ги пријавуваме буквално сите случаи и да бидеме тврдоглаво упорни во притисокот за нивно разрешување. Можеби на тој начин ќе успеевме барем до некаде да ја запреме оваа општествена патологија која го третира новинарот како вреќа за боксирање, врз која секој си ги истресува своите фрустрации.

Развојот и поевтинувањето на комуникациската технологија, особено развојот на социјалните мрежи, не само што правопропорционално го зголеми бројот на заканите, туку тие станаа подрски, побезобразни и повознемирувачки. Политиката на неказнивост, пак, доведе до сѐ поотворени вербални насилства, без никакви камуфлирања или мимикрии на заканувачот.

И сето тоа само затоа што некој си ја врши својата професија и, ете, мисли поинаку од насилникот. Партизацијата на општеството и колнење во партијата како во врвно божество и врвен патрон на нашите животи само го поттикнува насилството, кое наводно се прави во име на некоја повисока, партиска правда.

Последните брутално безобѕирни напади врз колешките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, а нешто претходно и врз колешката Маја Јовановска се само илустрација и логична состојба на вредностите што ги негува ова општество.

Освен „сочниот“ вокабулар и заканите за физички пресметки, кои веќе станаа фолклор во животот на новинарите и активистите од граѓанскиот сектор, она што треба да биде потенцирано е дека зад овие закани стојат луѓе со име и презиме, и тоа еден државен службеник што отворено се фали со своите врски во полицијата и во една политичка партија, како и еден „угледен“ бизнисмен, всушност тајкун, кој исто така мисли дека е недопирлив, барем по овие прашања. И, знаете што – тие се навистина недопирливи! Барем сегашното искуство го говори тоа.

Нападите врз колешките Јовановска, Јордановска и Коровешовска се само врв на ледениот брег. Помни оваа професија и физичко насилство, плукања на јавни места, напади на станови и куќи на новинари, нивни апсења, палење на нивните автомобили, малтретирања од секаков вид, само не памти разрешница на овие случаи

Човек би рекол дека е бадијала на насилниците да им објаснуваш зошто е насилството лошо и што се морални вредности, а уште помалку да ги едуцираш дека нападот врз новинари е напад врз слободата на печатот, а напад на слободата на печатот е напад на целото општество. На крајот на краиштата, големи се, полнолетни се… одговараат за своите постапки.

Само што проблемот е во тоа дека не одговараат! На тој начин само се стимулира и охрабрува натамошната ескалација на насилството кон неистомислениците. Ако е бадијала на насилниците да им се објаснува за што станува збор, како е можно тоа да биде бадијала работа и кога станува збор за државата и за нејзините институции? Како е можно и денес да мораме да ѝ објаснуваме на државата што значи напад на новинар?

Случаите на Јовановска, Јордановска и Коровешовска се само врв на ледениот брег. Помни оваа професија и физичко насилство, плукања на јавни места, напади на станови и куќи на новинари, нивни апсења, палење на нивните автомобили, малтретирања од секаков вид, само не памти разрешница на овие случаи.

Новинарските организации засега можат да го прават она што го прават – да издаваат соопштенија и начин да ја анимираат домашната и меѓународната јавност и така да се обидат да извршат притисок.

Основното прашање е зошто ова се случуваше и се случува и зошто се дозволи и се дозволува насилничкото поведение кон новинарите да стане „нормала“ во македонското општество?

Некои ќе кажат дека новинарите не заслужиле ништо подобро, други ќе речат дека е тоа затоа што сме примитивци, необразовани, невоспитани, силеџии… И тоа ќе бидат најлесните одговори. Но, ако се погледне малку подлабоко, сето ова произлегува од тивката еутаназија што континуирано се врши врз македонското новинарство.

Почетоците на тивкото убиство на новинарството (ако сакате и на демократијата) почнува уште од бавното и мачно умирање на НИП „Нова Македонија“, политичките и никогаш санкционирани упади во Македонската радио-телевизија, економското исцрпување и гушење на релевантните и мислечките медиуми, економското и егзистенцијалното понижување на новинарите, безбројните судски процеси против медиумите и новинарите, безбројните оневозможувања во вршењето на нивната професија…

Од една страна, новинарството се фрла во челуста на неолибералниот пазар, зафатен од тајкуните и корпорациите, кои се во блиска спрега со власта, и под притисок кој е невозможно да се издржи, а од друга се создава клиентелистички и отворен или полуотворен коруптивен однос со некои медиуми, новинари и уредници; се формираат медиуми со сомнителни финансиски извори и се создава привид на нормална медиумска атмосфера.

Сето тоа е испробан рецепт за умртвување на демократијата и манипулација со јавноста и јавниот интерес.

И што во таа смисла значат вербалните напади врз новинарите? И ние ќе ги осудиме вербално и ќе апелираме до институциите да прекинат да си ги делат државните возила, туку да се зафатат со работата за која се платени.

Само што овојпат, јас лично, во рамките на моите можности, нема да ја повторам грешката од пред 15 години. Ќе инсистирам, колку што можам, овие, а и секој следен случај, да добијат своја законска завршница. Едноставно, доста е!