Новото „утре“

Луѓето се нестрпливи. Си го сакаат стариот живот, без корона, без дистанци, без „новата нормалност“ под маски. А таа е тука, и ќе изгледа така како што ние ќе ѝ овозможиме. Ако помагаме, вирусот ќе се шири. Ако му одмагаме, побргу ќе исчезне.   

„Утре ли е веќе?“ Вака, бугарскиот и меѓународно реномиран политиколог Иван Крастев ја насловил неговата книга што треба да излезе кон крајот од месецов, алудирајќи на тоа како ќе изгледа светот, кога ќе заврши пандемијата на Ковид-19.

Сепак, чувството му е дека тоа „утре“ е дојдено. Дека веќе го живееме. Односно, дека пандемијата не го смени толку светот, колку што ни овозможи да видиме колку многу се сменил светот во последната деценија: до кој степен сме зависни од новите дигитални технологии, и до кој степен еден случаен настан на другиот крај на светот може драматично да го засегне нашиот живот.

Практично, вирусот пред нас како да постави едно огромно огледало, во кое може да ги забележиме јасно сите наши постапки, последици, грешки и парадокси. Што сме имале, што сме изгубиле, планираме ли да се промениме?

Карантинот, на пример, ни откри парадоксална ситуација: луѓе што живеат од другата страна на улицата ни станувааат идентично далечни колку и луѓе што живеат на другата страна на светот. И со едните, и со другите, во карантински услови можеме да контактираме на ист начин: телефонски или преку апликации за видеоразговор.

Вирусот пред нас како да постави едно огромно огледало, во кое може да ги забележиме јасно сите наши постапки, последици, грешки и парадокси. Што сме имале, што сме изгубиле, планираме ли да се промениме

Ако до вчера ученици бараа начин да избегаат од час, денес жалат што не можат да избегаат од дома за да бидат на час. Луѓето се уверија колку е важна и скапоцена слободата на движење, дури кога им беше ограничена.

Вирусот, кој не познава граници, најбргу ги затвори сите граници во светот. Како никогаш досега, токму најголемата затвореност дома предизвика отворен интерес на луѓето за она што се случува во светот. Поради опасноста од вирусот, за првпат сите добија чувство дека живеат во заеднички свет.

Не случајно, голем дел од нив, целата оваа криза ја доживуваат како резултат на некаква космичка порака, предупредување, па дури и казна за досегашниот начин на живот: растечки и нескротлив консумеризам, трка по профити, непочитување на животната средина, мижење пред црвените аларми за климатските промени…   

Податоците покажуваат дека во првиот квартал од годинава, светот е сведок на најголемиот пад на емисиите на јаглерод диоксид од Втората светска војна до денес, откако мобилноста и глобалната економија беа доведени речиси до застој.

Емисиите на јаглерод диоксид во Кина во јануари и во февруари годинава биле намалени за 25 проценти во однос на истиот период лани, што според проценките потенцијално спасило 77.000 луѓе да не го платат со живот данокот на загадувањето на воздухот. За првпат по 30 години, врвовите на највисокиот планински масив Хималаи станале видливи на оддалеченост и до 200 километри.

Кога карантинот беше најстрог, во некои европски земји емисиите на јаглерод диоксид во просек паднале и повеќе од една четвртина (од 26 до 28%), но со враќањето на економските активности, падот на годишно ниво најверојатно ќе заврши како едноцифрен и низок, и тоа доколку останат во сила барем дел од ограничувањата.

Подолг период се однесуваме како во вицот за мала криза. Со секое попуштање на рестрикциите, ни попушта и самодициплината

Тоа само покажува колку е тешко да се намалат овие емисии ако нема обмислени, континуирани и драстични промени во однесувањето.

Светот брзо се увери дека трошењето огромни суми за справување со Ковид -19, укажува, пред сè, на итната потреба да се троши многу повеќе на создавање зелени работни места, а не за помош на застарени индустрии кои загадуваат и создаваат големи количества јаглерод диоксид.

Во многу европски земји, каде што нема традиционална приврзаност за велосипедите како превозно средство, сега двете тркала се најбарана стока, заради избегнување опасност од зараза при колективен превоз со автобус, метро, трамвај…

За состојбите во земјава нема да коментирам. Ги знаете. Подолг период се однесуваме како во вицот за мала криза. Со секое попуштање на рестрикциите, ни попушта и самодициплината. Ако нѐ ни се допаѓа сликата во огледалото, веднаш го кршиме. Некој постојно треба да нè потсетува дека не е сѐ завршено и дека треба да бидеме внимателни и одговорни.

Дали ќе бидеме такви, ќе покаже однесувањето и во претстојните празници. Жал ми е што не покажуваме капацитет и волја да ги растргнеме популистичките магли и чадови, и да отвориме поглед кон нашите „Хималаи“ – врвот на општествените вредности и одговорности.

 И не можам да најдам одговор зошто и натаму емитуваме штетни емисии. Не само на јаглерод диоксид.