Добредојдовте во повикувачкиот центар на ЕУ. Ако сакате да го слушнете ставот на Европскиот совет за проширувањето на ЕУ, изберете – еден. Ако сакате да го слушнете ставот на Европската комисија, изберете – два. Ако сакате да го слушнете ставот на Париз, изберете – три. Ако сакате да слушнете оптимистичко толкување на трите ставови за проширувањето на ЕУ, јавете се во Скопје. Доколку сакате да слушнете виц за проширувањето на ЕУ – јавете се во Тирана.
Ова е мала преадаптација на шега од пред една деценија, со која беше опишувано разногласието во ЕУ за различни теми. По прашањето на проширувањетo, оваа шега си остана актуелна и денес.
Не ме изненади дозата на итарпејовштина со која нашите власти го измечираа ставот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со ставот на францускиот претседател на таа тема, со заклучок дека и двата се комплементарни. Нема граѓанин на Македонија што не би сакал тоа да е така. Но, дали е?
Ставовите на Макрон се конзистентни. Францускиот претседател денес го кажува истото што го говорел во 2018 и во 2019 година. На Самитот ЕУ – Западен Балкан во мај 2018 година во Софија, претходникот на Мишел, тогашниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, изјавуваше дека „нема друга алтернатива, нема план Б, Западен Балкан е интегрален дел од Европа и тој припаѓа во европската заедница“. Не беше единствен што го пееше тој рефрен.
Рефлектираме ветер и магла, не работиме, не се трансформираме, не даваме ни еден аргумент зошто некој во ЕУ би искршил нозе за да ни ги отвори вратите кога било, а камоли до 2030 година
Но, овие изјави не резултираа со конкретен исчекор. Во заедничката декларација по самитот не се спомна ни проширување, ни пристапни преговори, ниту, пак, беше спомната 2025 година, која оптимистички беше сметана за најран рок за прием на нови членки во ЕУ. На сличен начин денес е произведена нова мантра за 2030 година.
„Што се однесува до Балканот, нашата желба е Франција да прави многу повеќе во насока на закотвување на Западен Балкан кон ЕУ за конкретни прашања. Во исто време, би сакал да бидеме исклучително одговорни по политичките прашања и не сакам да отвораме преговори што траат по десет години и да велиме дека отвораме преговори, но без изгледи за пристапување“, рече Макрон на прес-конференција по самитот во 2018 година.
Ваквите ставови не ни се допаднаа. Главното прашање беше – можно ли е и со решен спор за името, Македонија во јуни 2018 да остане без датум за преговори со ЕУ? Се покажа дека е можно. Забелешките дека ако земји аспиранти останат без ветената награда, тоа ќе предизвика загубен интерес за реформите и за решавање на отворените билатерални прашања, не ги потресoa земјите што се сметаат за стожери на Унијата.
По самитот на Европскиот совет од 18 октомври 2019 година, францускиот претседател на прес-конференција јасно потенцираше дека верува во силна и суверена Европа, ама и во кохерентна и одговорна Европа. И повторно ги објасни своите дилеми.
„Јас не сметам дека единствениот однос што треба да го имаме со земјите од нашето соседство треба да биде проширувањето. Тогаш Европа би била единствената светска сила што смета дека политиката на соседство подразбира да се предложи зачленување. Почнавме да споделуваме таков колективен дух, кој е необичен. Чудно е, бидејќи не функционираше најдобро меѓу 28-те земји-членки, нема да функционира најдобро меѓу 27, а не сум убеден дека подобро ќе функционираме ако се прошириме. Повторив дека пред секое ефективно проширување, а овде станува збор само за почеток на преговори, треба да бидеме јасни. Пред секое ефективно проширување треба да знаеме самите да се реформираме. И тие што ми велат дека се работи само за отворање на вратата за почеток на преговори и дека тие ќе траат 10 или 15 години, јас им велам дека тоа не е добра метода. Ми велат – ако не ги отвориме преговорите сега, туку следниот месец, ќе ги обесхрабриме тие што правеле напори. Не мислите ли дека по пет години повторно нема да ни кажат дека ги разочаруваме доколку не ги прифатиме веднаш, овојпат за членство, а не за преговори?“, рече Макрон на прес-конференцијата.
Како да се зборува за пристапување во ЕУ во 2030 година, ако инсистирањето на јавноста за расчистување на актуелни индиции за корупции и криминали, скандалозно се третира како антиалбанско, антивладино или антиинтеграциско однесување?
Ни четири години потоа не ја научивме лекцијата дека е подобро да се соочиме со искреност, која не е пријатна за нас, отколку да се залажуваме со празни ласкања. Преговори заради преговори, кои би се влечеле со години, бидејќи без да се реформира ЕУ, не може ефикасно да функционира ни со сегашните 27, не е вест од август 2023 година, туку од 2019 година.
„Не функциониравме со 27, како да објаснам дека ќе функционираме со 28, 29, 30 или со 32 (…) Според мене, треба да се отворат нови преговори, но тоа не значи проширување. Тоа треба да биде јасно меѓу нас самите. (…) Денот кога ќе се постигне согласност, ќе ме прашате што да им речеме на граѓаните на Северна Македонија? На денот кога ќе им кажеме дека ги отвораат преговорите, утредента ќе добијат 60 страници со сите правила. Сметате ли дека тоа ќе го смени секојдневниот живот на граѓаните на Северна Македонија кога ќе им кажеме дека можеби ќе влезат за десетина години?“, рече францускиот претседател во октомври 2019 година.
Она што најмногу загрижува е впечатокот за непроменливоста на состојбите дури и во земјите што веќе преговараат. Предупредувањето дека отсуството на ЕУ во регионот ќе го пополнат други, не поминало.
„За тие што велат – доколку не го почнеме преговарачкиот процес ќе видите дека Русија, Кина итн. ќе имаат влијание, повторно ќе речам – одете, видете ги земјите што ги почнаа преговорите. Таму не се отворија големи француски, германски или италијански индустриски капацитети. Влијанието е веќе присутно во регионот. Сметам дека не инвестираме доволно, ниту на координиран начин. Не станува збор за процес на проширување, туку за инвестициски избор во овие земји – економски, образовен, јазичен и културен. Треба да се има стратегиска агенда, со партнери, кои не мора да бидат идни членки“, рече францускиот претседател.
Оваа мала хронологија треба да фрли светлина – зашто претходниот наратив на Макрон за „Европа во две брзини“, денес прерасна во „Европа со повеќе брзини“, додека ние сме во лер.
Затоа што рефлектираме ветер и магла, не работиме, не се трансформираме, не даваме ни еден аргумент зошто некој во ЕУ би искршил нозе за да ни ги отвори вратите кога било, а камоли до 2030 година.
Впечатокот дека ни преговорите не ја измениле сликата за земјите што преговараат со години, е слика за недејствувачки, готовански земји што чекаат некој да ги поттурне, да им ја напише домашната задача, штедро да им ги отвори ЕУ фондовите, а тие одвреме-навреме само да штиклираат некој килав резултат на хартија и да чекаат да дојде големиот ден.
Горе-долу, ова е сликата што ја има Европа за регионот и Македонија не е исклучок. Разликата е во тоа што сите не ја кажуваат отворено. А кога нашава власт, сакајќи да ја искритикува опозицијата, се жали дека блокадата на уставните измени нѐ чини една милијарда евра годишно финансиска поддршка од ЕУ, само го засилува впечатокот дека битката не е за достигнување на европските стандарди, туку за што повеќе пари од европските фондови.
И сега сме на ќорава раскрсница. Ако не знаеш каде одиш, сеедно е кој пат ќе го избереш. Ако знаеш, и ако тоа е „2030 во ЕУ“, тогаш мора да биде избран единствениот пат што води таму: континуирани реформи. Ние тој пат не сме го избрале. Зборуваме за уставни измени, кои се услов само да ги отвориме преговорите, ама не и за промени, кои се најбитни за да ги затвориме.
Јасно е дека граѓаните се за членство во ЕУ и никој не е против Бугарите да бидат впишани во Уставот. Но, граѓаните имаат изгубено доверба во начинот на кој домашните актери го водат процесот поради сите концесии во преговарачката рамка настанати како резултат на нивните сервилности, Ахилови пети и лични слабости.
Ако не знаеш каде одиш, сеедно е кој пат ќе го избереш. Ако знаеш, и ако тоа е „2030 во ЕУ“, тогаш мора да биде избран единствениот пат што води таму: континуирани реформи
Тоа епицентарот на несогласувањето. Не може единствениот напор, видлив на јавна сцена, да биде грижата за фотелјите. Како да се зборува за пристапување во ЕУ во 2030 година, ако инсистирањето на јавноста за расчистување на актуелни индиции за корупции и криминали, скандалозно се третира како антиалбанско, антивладино или антиинтеграциско однесување, или како како атак врз политичари, кои божем „гинат“ за интеграцискиот пат, за имиџот на земјата, за важни конференции, додека неблагодарни граѓани се дрзнуваат да прашаат како некој побратим или партиски донатор добил тендер?!
Ете поради тоа е изгубена довербата. Како што компромитирани со криминал не може да зборуваат за чесност, како што крадливци не може да се фалат со сузбивање криминал или дилери на дрога да проповедаат искоренување зависност од опијати, така ни европејство не можат да ни пропагираат елити, чија „жртва“ пред олтарот на ЕУ почнува и завршува со работа за „пристапување“ само кон лични привилегии и за „проширување“ на нивните имотни состојби.
Тоа нема никаква врска со европските вредности, туку со лажни светци, кои проповедајќи за ЕУ, брзаат да си стокмат кариери и европски досиеја, во надеж дека тие ќе ги штитат од можни санкции за криминал.
Протагонистите, кои папагалски зборуваат за ЕУ, а инвестираат во статус кво, или уште полошо – во назадување, ја креираат сликата за непроменливост на состојбите во овој дел од Европа. Со празни пароли и кампањи нема да произведеме додадена вредност ни за себе, ни за ЕУ. Тоа е основната лекција што се чита во земјите што држат до европските вредности. Кај нас нема ни каде да се прочита. Не се стигнати најважните учебници.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија