Изненадена сум од оваа невидена скромност со бројката на амандмани. Само толку? Дајте повеќе, штанцајте, затрупајте го парламентот до кров. Знам дека го можете тоа. Знам дека имате сила и капацитет, целата зграда да ја облепите со амандмани како со тапети.
Ако немате доволно хартија, не губете време, печатете ги привремено на тоалетна, на маици, тетовирајте ги, ставете ги на што било, завиткајте сарма со нив, само нека ги има повеќе. Издавајте ги на рецепт. Овозможете со секој ПЦР тест да се прима и амандман – интравенозно. Може и преку инфузија. Ако се сака, сѐ се може.
Да, драги пратеници, филибастеринг имало, и ќе има. Има само една „мала“ разлика – во какво време ќе решите да го примените. Вие од опозициските партии, без сомнение, го избравте „вистинскиот момент“.
Бидејќи сѐ е О.К. Ако е така, ве охрабрувам – дајте нова тура амандмани. Уште еднаш уверете ги гласачите дека тоа е врвот, дека тоа е најдоброто што може да произлезе од вашиот мисловен процес. И потрудете се новите амандмани да ви бидат уште „посмешни“ од претходните, бидејќи нема подобро време за смеа од ова, сега.
Не ја разбирам таа опсесија на сите „патриоти на батерии“, до пладне да везат на српски, а попладне да го бранат македонскиот јазик и идентитет
Во предлозите, не ограничувајте се само кон елиминирање обележја на месарници, автомеханичарски или салони за педикир, маникир… Мајтапете се и со други професии, сите распнете ги на хартија. Хартијата трпи сѐ, ќе ве истрпи и вас.
Не се штедете ни себеси, ни нас, граѓаните. Нагазете „до даска“, возете си амандмански 300 км/час, и онака ние ви ги плаќаме горивото и патарините за секоја бесмислено помината километража, која не ве води никаде, освен рикверц кон раните фрустрации од вашите кутри животи.
И добро е што побаравте пратениците на онлајн-седница по 20 часот да мора да бидат во пижами. Бидејќи во моментов најмногу ни недостигаат луѓе во пижами. Се разбира, ако не ги сметаме оние по болниците, каде што им е страшно здодевно и не знаат што да прават, па меѓу две боци кислород чекаат да видат колкаво количество бесчувствителност можете да истурите на хартија А4 формат.
Количеството бели листови потребно за презентација на вашите црни фрустрации не смее да биде помало и да чини помалку од количеството кислород потребно за црни денови и за бело видело на болните.
Не ја разбирам таа опсесија типична за „патриоти на батерии“, до пладне да везат на српски, а попладне да го бранат македонскиот јазик и идентитет. Толку ли му било тешко да ја напише таа тривијална изрека на мајчиниот, македонски јазик: „Кога е бал, нека е маскенбал“. Можеби на српски поубаво му звучи? Или сакал да каже дека „он није одавде“. Тоа е јасно. Да беше „одавде“, немаше да пишува за бал, туку за бол, во кој се завиени многу семејства.
Оттаму под куполата, под тоа стаклено ѕвоно, каде што сте распослани во раскошна неодговорност, не можете да измерите колкава е дистанцата на вашата отуѓеност од граѓаните. Знам дека ве боли уво за сите што излегле да ве гласаат. Ве боли уво за сите што наивно верувале дека како нови пратеници ќе внесете свежина и конструктивност. Виновни се самите тие што навреме не ве процениле.
Иако не заслужувате, ви посакувам никогаш да не почувствувате колку последици може да предизвика времето што пратениците залудно ќе им го потрошат на граѓаните
Сега, кога илузиите паднаа во вода, најбитно е вие добро да се забавувате. Особено откако го избравте вистинското време, што покажува дека имате многу истенчено чувство за тајмингот кога треба да се поигрувате со нацијата. Претпоставувам дека не гледате вести кога ќе си го довлечкате дома пратеничкиот хабитус, испразнет од какви било мисловни процеси, и полн до гуша со калориите произлезени од ресторанското мени.
Не слушате вести, бидејќи верувате дека светот се врти само околу вас. Ве боли уво за лекарите, сестрите, болничарите, за лицата со ниски приходи, за пензионерите, за самохраните мајки, за децата без родители… Се забавувате на наша сметка додека едни се борат за здив, други губат животи, трети чекаат финансиска помош.
Дел од тие луѓе, само пред неколку месеци, во вонредни услови излегле пред гласачките кутии, за да ви го дадат гласот и да имаме функционален парламент. Денес уринирате врз нивната волја. Ве боли уво за општествената одговорност и општествениот контекст. Вие сте надвор од секаков контекст.
Сѐ е јасно. Кулирајте. Не се нервирајте. Никој ништо веќе не очекува од вас. Освен да дојде денот кога ќе завршат вашите мизерни мандати. Не треба амандмански да барате бојадисано јајце пред камера. Граѓаните ќе ве испратат со небојадисани, живи. Никој не ви го одзема правото да бидете атеисти, агностици или глупаци од каква било сорта, но немате право да терате мајтап со симболите на верата.
Ви посакувам добро здравје. Ви посакувам никогаш да не бидете во ситуација да чекате помош од 6.000 денари. Иако не заслужувате, ви посакувам никогаш да не почувствувате колку последици може да предизвика времето што пратениците залудно ќе им го потрошат на граѓаните. Ви посакувам и никогаш да немате потреба од респиратор. Вам ви треба само ментална вентилација. И клоца.