Полна капа

Една од анегдотите за тоа како се гради перцепција гласи вака: „Нашиот младоженец поседува четири крави: една имаше, една има, една ќе има и една сигурно ќе му даде таткото на невестата“.

Од едно грло да стигнеш до четири добиточиња „на хартија“ е успешна формула за создавање перцепција во посакуваната насока. 

Македонските 35 бода, 111-то место на индексот за перцепција на корупција и начинот на кој се правда таа ситуација од страна на власта, колку што има објективни аргументи, толку и ги нема. Точно е дека станува збор за начинот на кој граѓаните/експертите што даваат оценки, како го доживуваат нивото на корупција во земјата.

Но, ако тој индекс што го одразува впечатокот на граѓаните не се намалува, или како во нашиот случај – стагнира, тоа треба да биде првиот аларм дека нешто не штима и дека работите тапкаат во место.  

Огромната надеж и верба што се создаде околу СЈО, доживеа таков страотен земјотрес, такво тектонско поместување, што ќе треба да помине многу време за разместените слоеви повторно да се спојат во стабилна конфигурација на правниот терен.

Зар има малку причини за таков впечаток? Па, зар заборавиме колкав кратер на недоверба отвори Катица Јанева, односно случајот „Рекет“, кој откри цел сет од матни шеми на корупција, размена на понуди и побарувачки, уцени и рекет за обезбедување спас од кривичен прогон?

Огромната надеж и верба што се создаде околу СЈО, доживеа таков страотен земјотрес, такво тектонско поместување, што ќе треба да помине многу време за разместените слоеви повторно да се спојат во стабилна конфигурација на правниот терен.

За да се појави макар и мал никулец на верба дека работите одат во вистинската насока, не се доволни само реформите, кои предвидуваат филтрација во судството и во обвинителството, бидејќи тие се само предуслов за процесот да се стави на професионални шини.

Потребни се лица што постојано ќе рефлектираат интегритет и бескомпромисност кон корупцијата и криминалот, лица кои низ нивните постапувања континуирано ќе ја враќаат довербата во системот, без да се инхибираат по прашањето дали тоа ќе ѝ се допадне на власта, опозицијата и кои било центри на моќ. Без да калкулираат со ничии интереси. Тоа е тежок и одговорен процес, но единствениот преку кој може да се воспостави здраво ткиво.

Ние имаме вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, кој најавува широк фронт против корупцијата. Ама владата, на пример, сѐ уште нема дадено мислење за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси подготвена од ДКСК, која треба да биде донесена во Собранието.

И чудно е што владата сѐ уште да нема доставено мислење, имајќи ја предвид инклузивноста на процесот за проценката на ризици, во кој учествувале и нејзини претставници.

Довербата ќе расте и кога иницијативите на ДКСК нема да бидат отфрлувани со образложенија од типот „Владата ја разгледа законската регулатива и оцени дека во случајот нема судир на интереси“.

За разлика од глобалната пандемија на ковид-19, корупцијата не може да се запре со една или со две дози вакцини. Тоа е болест што бара постојано лекување, системска подготвеност и волја да се сузбива болеста

Ако се замижи пред еден случај, потоа лесно се замижува и пред следните. Во таков случај, институциите што ги предводат антикорупциските политики се демотивираат, а на граѓаните нема да им остане ништо друго, освен да си изградат перцепција дека – нема ништо од битката.

Така се намалуваат бодовите, така се паѓа сѐ подолу на ранг-листата. На крајот, ние ништо не мора да правиме заради нечија ранг-листа, бидејќи и таа може да е резултат на шашава перцепција.

На пример, апсурдно, но вистинито – во годината кога Груевски ги собра бизнисмените во „Александар палас“ и ги израдува дека ќе им го врати ДДВ-то, а тие понизно му аплаудираа, перцепцијата за борбата против корупцијата добиена преку изјави токму од бизнис- секторот била многу подобра, отколку во време кога никој не се фали со она што бизнисмените редовно го добиваат, бидејќи тековно и законски им следува.

Затоа сѐ што мора да правиме е заради успешна битка, а не заради впечаток. За разлика од глобалната пандемија на ковид-19, корупцијата не може да се запре со една или со две дози вакцини. Тоа е болест што бара постојано лекување, системска подготвеност и волја да се сузбива болеста. Бара надзор, отчетност, транспарентност и преку дела потврден став (не само декларативно) дека никој не е над законот.

Зар нема елементи на корупција во Управниот суд, каде што исчезнале десетици царински предмети, а над 5 илјади предмети фаќале прав и не биле испраќани по жалба пред Вишиот управен суд?

Како да се обезбеди позитивна перцепција за овој случај, ако не биде отворена постапка и ако никој не одговара, затоа што секоја партија си има по некој судија што треба да биде заштитен?

Од расплетот на сите овие нешта, компасот ќе покаже во која насока се движат работите: дали чекорите за поткопување на независноста на судот ќе ја ослабнат можноста да се гони корупцијата, особено во високите кругови, дали на тој план ќе следи радикален пресврт или сѐ ќе заврши со предвидлива перцепција, која гласи вака: „Нашите партии имаат четирислојна заштита од одговарање за корупција и криминал: еден судија имале, еден имаат, уште еден ќе имаат и еден ќе им позајми коалицискиот партнер“.

Полна капа.