Мајкл Џордан, слично како и Денис Родман, ја бојадисува косата со различна боја пред секој натпревар, само што веднаш потоа ја бричи на нула. Вака некако мојот драг колега пред многу години го почна својот новински портрет на легендарниот американски кошаркар, објавен во тогашниот неделник „Пулс“. “Нема никаква смисла рационално да се објаснува човекот што ги крши законите на гравитацијата и чии вештини не се овоземски”, го објаснуваше подоцна Вукобрат својот надреален пристап кон текстот.
На овој текст и на ова објаснување на Будо Вукобрат се потсетив пред некој ден кога прочитав дека хрватската фирма „Римац автомобили“ го презема легендарниот „Бугати“. Веста што го потресе Балканот, а богами го обиколи и светот, ми изгледаше токму толку надреално, како оној фамозен „двочекор“ на Џордан, при што кошаркарот буквално чекореше во воздухот барем половина минута.
Ние сѐ уште распишуваме референдуми дали треба да има дигитални учебници или не. Сѐ уште ги известуваме земјите во светот дека немаме обрасци за пасоши.
Додуша, иако во размерно мал број, можеа низ медиумите да се прочитаат и критички интонирани текстови: дека „Римац автомобили“ е „надуен балон“ што набргу ќе експлодира; дека фирмата не служи за производство, туку за перење пари; дека е создадена од „валкани“ пари; дека евтино го распродава хрватското знаење на странски компании, а не создава релевантен производ; дека „Бугати“ е пропадната фирма и дека „Порше“ и „Фолксваген“ едвај чекале да се ослободат од неа итн.
Сепак, според официјалните податоци, во досегашните „Римац автомобили“ (сега се веќе трансформирани во „Римац група“), најголем сопственик е токму основачот Мате Римац со 37 проценти од сопственоста, па следат „Порше“ (24 проценти), „Хјундаи“ (12 проценти), како и помали инвеститори (вкупно 27 проценти). Новата фирма „Римац/Бугати“ ќе биде во доминантна сопственост на „Римац групата“ (55 проценти), а „Порше“ ќе задржи 45 проценти од уделот.
Светските медиуми, специјализирани за бизнис-сферата, наведуваат дека „Римац групата“, по преземањето на „Бугати“, се подготвува да излезе следната година на една од светските берзи. Според нив, се проценува дека „Римац групата“ ќе достигне вредност од цели пет милијарди долари, со што Мате Римац и официјално ќе стане еден од главните играчи во автомобилската индустрија. Според истите извори, „Фолксваген“ досега вложил во „Бугати“ околу милијарда долари и дека брендот, кој навистина беше во сериозни загуби последните неколку години, сега работи со позитива.
Се разбира дека не сме финансиски стручњаци, ниту, пак, знаеме да вршиме финансиска форензика, меѓутоа сите овие податоци најдоа место во овој текст, затоа што е тешко да се поверува дека вака импресивни резултати може да постигне „надуен балон“ или дека „перална за пари“ ќе привлече олку сериозни инвеститори.
Иако медиумски најпознат по производството на електрични супер автомобили („Концепт 1“ и „Невера“ која беше неодамна претставена), „Римац автомобили“ (околу илјада вработени во моментот), всушност, својот деловен успех го должат на производството на батерии и електронски компоненти за автомобилите на големите произведувачи во автомобилската индустрија. Меѓу нивните клиенти, покрај „Порше“ и „Хјундаи“, се и „Астон Мартин“, „Киа“, „Рено“, „Пининфарина“, „Купра“ и многу други.
А приказната на младиот Мате Римац (1988, Ливно, Босна и Херцеговина) изгледа навистина како американски сон. Уште од средношколски денови се занимава со иновации и освојува низа светски награди за своите изуми. Приказната вели дека уште во тие времиња го претворил семејното „БМВ“ во електричен автомобил и дека оттогаш сфатил дека иднината на оваа индустрија е токму во електричните автомобили.
Во 2009 година, на своја 21 година, во семејната гаража ја регистрира „Римац автомобили“ со идеја да произведе сопствен оригинален автомобил. По првиот обид со „Римац концепт 1“, тогаш најбрзиот електричен автомобил, стасува до „Римац Це 2 – Невера“, за првпат претставен минатиот месец.
„Невера“ е досега најмоќниот автомобил во оваа категорија. Со 1914 коњски сили од четири електромотори, „Невера“ достигнува забрзување од сто километри за 1,8 секунди, од 160 километри за 4,3 секунди, а до 300 километри за неверојатни 9,3 секунди. Најголемиот дел од поважните компоненти (батериите, електромоторите, целиот електронски систем, дисплеите, апликациите со кои автомобилот може да се следи…) се оригинален производ на „Римац автомобили“.
Сепак, Мате Римац, кој во меѓувреме покрена и фирма за производство на електрични велосипеди, вели дека „Бугати“, иако ќе биде во функција за сериско производство и на „Невера“, никако нема да биде претворен во фирма што произведува исклучиво електрични автомобили. Напротив, со „Бугати“ Римац сака да влезе и на пазарот на автомобили со внатрешно согорување. А според екстравагантноста на дизајнот на „Невера“, се чини дека дизајнерската традиција на „Бугати“ убаво ќе се вклопи во неговите идеи.
… освен што приказната за Римац е навистина фасцинантна, уште понадреално е нашето слепило пред она што се случува
А идеи очигледно не му недостасуваат. Освен што е најавена изградба на таканаречениот „Римац кампус“ (200.000 квадратни метри, од кои 95.000 квадрати за истражувачки и деловни објекти, димензионирани за 2.500 вработени, проценета вредност 200 милиони евра), Римац го најавува својот нов проект – изработка на таканаречени автономни возила, возила на кои нема да им треба возач, туку ќе бидат управувани преку апликација од еден оператор. „Луѓето повеќе нема да купуваат возила, туку километри“, вели Римац. Тој предвидува дека во 2024 година, Загреб ќе биде првиот град во светот каде што ќе проработи „роботакси“, односно такси-служба без возачи.
Оваа приказна е секако важна за светот. Само не знам колку е битна за нас. Ние сѐ уште распишуваме референдуми дали треба да има дигитални учебници или не. Сѐ уште ги известуваме земјите во светот дека немаме обрасци за пасоши. Луѓето умираат без да добијат извод од матичната книга на родени. Уште се расправаме за настани што се случувале пред векови. Гласаме декларации, ставаме црвени линии, името не го даваме… Изгледа дека и Хрватска е прилично далеку.
Или, што би рекол Будо Вукобрат, ние си ја бојадисуваме косата во различна боја секој ден, а потоа ја бричиме на нула. Затоа што, освен што приказната за Римац е навистина фасцинантна, уште понадреално е нашето слепило пред она што се случува.