На крилата на мртвите канадери

Убаво звучи ветувањето дека ќе ја донесеме Европа дома, иако и досега никој не нѐ спречуваше да го направиме тоа. Па, ајде искрено да се прашаме – зошто сѐ уште не сме ја донеле? Немаме ли доволно камиони да ја „натовариме“, скапи ли се карго-превозот и царинските давачки, или живееме како Европа уште сто години да нема да ни треба, а божем се подготвуваме како уште утре да мора да ја донесеме?

Типично за луѓе, кои повеќе се мајстори на зборот отколку на делата, ние сакаме да се европеизираме, ама тоа да не зависи многу од нашиот ангажман. Уште подобро е ако воопшто не зависи од нас, ако се случи „само по себе“, како да не заразил вирус што ќе ресетира нешто во нашиот организам и едно утро автоматски ќе се разбудиме како Европејци.

Бидејќи многу држиме до културата и традицијата, во меѓувреме не се откажуваме од навиките да (рас)фрламе отпад насекаде околу нас, да ги праќаме старите шпорети, фрижидери, веце-школки и парчиња мебел на „рециклирање“ во Вардар, во потоци и езера, заедно со пластични шишиња и други дребулии што не ни се потребни.

Од желба Европа да ја донесеме дома летаат толку врели искри, што aко републиката ни пламне, на примeр, немаме доволно канадери за да ги изгаснеме пожарите предизвикани од таа зовриена страст

На далеку сме познати по желбата домот да ни е чист. Уште подалеку сме познати по цената што ја плаќа животната средина заради таа наша прочуена „хигиена“. Нема Европеец што не се онесвестил пред висината на нашите кули вавилонски од депонии, додека ние беседиме за потреба од заштита на воздухот, водите и почвата.

Нема странски амбасадор што бил на функција во земјава, а да не се фатил за метла во многуте акции за почист град. Не само што не се срамиме од тоа, туку редовно ечи истиот „аргумент“: „Зошто бе, нека чистат, па малку ли наши луѓе работат како чистачи низ Европа“.

Едно со друго има врска колку што раководителите имаат врска со одговорноста кон институциите со кои раководат. Од желба Европа да ја донесеме дома летаат толку врели искри, што aко републиката ни пламне, на примeр, немаме доволно канадери за да ги изгаснеме пожарите предизвикани од таа зовриена страст. Не само што ги немаме доволно, туку и од тие што ги имаме (три), ниту еден не е во функција затоа што не биле сервисирани. А не биле сервисирани затоа што тоа било многу скапо. А било многу скапо затоа што сме зависеле од еден оператор, кој секоја година енормно ни ја зголемувал цената за сервисирање на канадерите за 30 до 40 отсто. А ни ја зголемува цената затоа што видел дека си има работа со недомаќини, кои не бараат друга поповолна понуда, туку со години го толерираат него. А го толерираат него, за да имаат кого да го пцујат кога ќе избие пожар на тежок и непристапен терен. А кога ќе избие пожар на тежок и непристапен терен, нашите канадери ќе си останат паркирани и неупотребливи за да сведочат за нашата институционална неподготвеност и неопременост.

Типично за луѓе, кои повеќе се мајстори на зборот отколку на делата, ние сакаме да се европеизираме, ама тоа да не зависи многу од нашиот ангажман

А имаме институционална неопременост затоа што сме опремени со некомпетентни кадри. А имаме некомпетентни кадри затоа што при изборот на раководители не ни функционира мерит системот – систем на способности. А мерит системот не функционира затоа што ние го преферираме споил системот – систем на плен или грабеж. А го сакаме системот на плен или грабеж затоа што тој е одлична платформа за негување на клиентелизмот. А го негуваме клиентелизмот затоа што тој е основното погонско гориво за изборна победа. А изборна победа ни треба за Европа конечно да ја донесеме дома. Како? Па, на крилата на канадерите што нема да полетаат.

Дека и на тлото не стоиме цврсто европејски, покажуваме и со секој ГУП и ДУП, планови кои приватниот интерес го ставаат пред јавниот, па дозволуваат да се сотре просторот во името на бетонски зданија со вертикално зеленило, во недостиг од морална вертикала во струката и урбаното планирање.

Како да ја донесеме Европа дома, ако нема ни каде да се паркира, а камоли да живее, дa дише… На пример, на плацот спроти „Холидеј ин“, сообраќајната и комунална инфраструктура е планирана да опслужи 1.250 жители, а ќе треба да опслужува 15.000 жители со планираните згради.

Во тој хаос нема место за Европа. Таа бара правила и ред какви што овде не постојат. Документите што бараат корекција на хаосот се обвинети дека ја промашиле темата. Така е.  Затоа секој ден и во секој поглед колку повеќе „напредуваме“ кон Европа, толку сме подалеку од неа. Дури и таа да сака да ни дојде дома, да се прошверцува низ прозорец, нема по што да препознае дека доаѓа на место каде што е добредојдена и каде што може да вирее. Освен можеби по европските знаменца што ги ставаме на законите, кои во нејзино име сакаме да поминат на мала врата.

П.С. Кога пред пет години се случи големата поплава во Стајковци, немавме ни гумени чизми, а камоли нешто повеќе. За пожари немаме доволно противпожарни возила. Во време на пандемија немаме доволно возила на Итна помош. Единствениот што е тип-топ подготвен и подновен во секое време е возниот парк на функционерите. Тие палат, тие гасат. Па, кога ќе згусти, тие нека одат на терен.