Пратениците надвор од контејнерите!

Колумна на Сашо Кокаланов

Предлог-закон за нови пратенички привилегии има, но никој не знае кој е авторот на неговиот текст. Најверојатно е пишуван под псевдоним зашто единствено што засега е познато, дека авторот сакал да остане анонимен.

Но, иако сите партии и пратенички групи му го откажаа старателството на овој текст, пратениците се, пред сè, индивидуи што размислуваат со свои глави, а не партиски робови, па не е исклучено ако некогаш биде ставен на гласање, да го демонстрираат својот силен индивидуалитет како никогаш досега и да гласаат спротивно од ставот на нивните партии, па законското решение да помине со широк консензус.

Сево ова, како што ни објасни претседателот Талат Џафери, е со цел пратениците да се држат што подалеку од контејнерите. И да се зачува угледот на пратеничката функција, како и пратеништвото како редок и благороден занает.

Текстот на законот се крие од јавноста од државнички причини, зашто ако биде предвреме откриен, некоја друга држава може да ни го украде, да го копира и да ги примени овие норми пред нас и да си ја зајакне својата парламентарна демократија. А, со тоа, практично и да влезе наместо нас во учебниците по политички систем како уникатен пример за грижа за некогашните пратеници.

Како и да е, авторството е тежок товар. Своето име авторот ќе го замени со псевдоним и ќе ја совлада својата авторска суета, но да ја чува творбата далеку од очите на публиката, е со таков товар на плеќите тешко се живее. Веројатно затоа, анонимниот автор не издржа и непосредно пред пишувањето на оваа колумна, го достави текстот на предлог-законот во моето поштенско сандаче.

Јас како совесен граѓанин и чесен фан на македонската парламентарност како таква, го споделувам со сите вас.

Предлог-закон за пратенички бенефиции

Член 1

Еднаш избран пратеник се стекнува со доживотно право да јаде евтино собраниско гравче во мензата на парламентот.

Член 2

По истекот на мандатот, пратеникот продолжува да учествува во отворената наградна игра за собирање фискални од патарини, според принципот – собери најмалку две сметки од патарини и добиј гратис пари за гориво.

Член 3

Во духот на светските кампањи за доење на јавно место и за продолжено доење, секој поранешен пратеник го задржува правото на државна цицка до крајот на својот живот. Државата мора да му обезбеди можност да цица, и тоа на место во администрацијата што самиот ќе си го одбере согласно висината на платата што ја посакува. Остварените приходи од плата се врз основа на минат труд и не го обврзуваат поранешниот пратеник да се појави на работното место на кое е вработен.

Член 4

Доколку пратеник биде фатен како чепка по контејнери по завршувањето на неговиот мандат, ќе биде најостро казнет за повреда на угледот на пратеничката професија.

Член 5

Пратеникот има право да биде амнестиран за кое било кривично дело сторено на територијата на Републиката, но само по негово барање. Никој не смее сосила да го амнестира, ако ептен има мерак да одговара за стореното дело.

Член 6

Пратеничкиот имунитет важи доживотно. Министерството за здравство се обврзува да најде начин имунитетот, освен за кривични дела, пратеничкиот имунитет да се примени и на разни настинки и болести, за да може пратениците да живеат поздраво, подолго и посреќно од останатите граѓани.

Член 7

Пратениците кои никогаш во мандатот не се јавиле за збор, имаат право од религиозните и верските организации на кои припаѓаат да побараат периодот на мандатот да им се признае како завет за молчење.

Член 8

Доколку имаат невработен близок член на семејството (до трет братучед), поранешните пратеници имаат право да го вработат на државно, а сè со цел да се спречи член на семејство на поранешен пратеник да „брка“ по контејнери и да ја срами фелата.

Член 9

Поранешниот пратеник го задржува правото да патува надвор од земјата на државен трошок. Иако тој можеби оди на летување или зимување, никогаш не смее да се исклучи можноста на тие патувања да се оствари случајна средба со пратеник од друга земја. За да не се посрамотат, на нашите поранешни пратеници треба да им се обезбеди и соодветна дневница за престојот, но не поголема од три просечни плати на ден, освен за земји со скапи ресторани и многу шопинг-молови.

Член 10

За децата на поранешните пратеници се обезбедува новогодишно пакетче сѐ додека не наполнат 18 години, а потоа тоа право се пренесува на внуците и на правнуците, но не неограничено, туку само до седмо колено.

Член 11

За поранешните пратенички се овозможува доживотен бесплатен фризер затоа што кога шетаат по улица, тие го претставуваат парламентот на кој некогаш служеле и не може да одат бушави низ изборната единица што некогаш ја претставувале и луѓето да им се смеат.

Член 12

Секој 8 Март се обезбедува бесплатно качување по маси, топол оброк и неограничено пиење во реномиран скопски ресторан за сите поранешни пратеници-припаднички на понежниот пол.

Член 13

Бесплатен влез на спортски натпревари и ваучер за во кладилница се обезбедува за некогашните пратеници од посилниот пол.

Член 14

Гаражата во Собранието се пренаменува во Долен дом на Собранието. Таму ќе работат актуелните избраници на народот. Приземјето, првиот кат и стаклената купола се преименуваат во Горен дом на Собранието и таму ќе заседаваат сите лордови на македонската парламентарна демократија, односно сите поранешни пратеници што ќе поднесат барање да станат лордови.

Член 15

По потреба, мнозинството во кој било дом може да повика обезбедување и со примена на физичка сила да ги исфрли останатите пратеници и сите што ги нервираат надвор од зградата.

Член 16

Денот кога ќе биде применет членот 14, автоматски ќе биде прогласен за црн, согласно позитивните практики од црниот понеделник и црниот четврток. Истото ќе се примени и со датумите од календарот, со тоа што доколку некој датум двапати се повтори како црн, автоматски ќе биде усвоен за куќна слава на соодветниот дом на парламентот.

Член 17

Сите тенџериња, сарми, слики од Ѓорге Иванов, шатори и други вредни предмети што ќе бидат затекнати во паркот спроти Собранието (н.з. Жена парк) или на други зелени површини околу објектот на Парламентот, автоматски припаѓаат на пратениците што се внатре. Истите ќе бидат продадени на аукција, а парите од продажбата ќе бидат искористени за ад-хок пратенички привилегии, кои не биле предвидени со постоечка законска регулатива, односно биле превидени од законодавецот.

Член 18

Поради развиена еколошка свест на пратениците, овој Закон нема да биде објавен во Службен весник за да не се троши непотребно хартија.

Член 19

Уставниот суд не е надлежен за овој закон.

Член 20

Законот ќе се применува ретроактивно, односно ќе ги опфати сите што биле дел од парламентарните состави на независна Македонија, но и правните наследници на парламентарците од времето на СФРЈ, СХС и на Отоманската империја.

Член 21

Кога бројот на поранешни пратеници ќе го надмине бројот на жители на Македонија, привилегиите не престануваат и тие, освен преку даноци за граѓаните, ќе се финансираат и преку кредити од Светска банка, ММФ и други финансиски институции, а сѐ со цел да се задржи угледот на парламентарниот дом и ако државата некогаш евентуално пропадне или банкротира.