Претседателот на Црквата

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не знам од каде му е поривот на претседателот на Република Северна Македонија да му напише писмо на патријархот на Цариградската патријаршија Вартоломеј Први и од него, односно од Патријаршијата да бара признавање на Македонската православна црква. Овој потег е апсурден и неконзистентен, што значи погрешен на неколку нивоа.

Не е тука во прашање само номиналното одвојување на секуларното (световното) од духовното, односно на одвоеноста на државата и црквата, туку сериозно го поставува прашањето на претседателските, па ако сакате и на државните ингеренции во гарантираните верски слободи.

Како прво, зошто едно црковно (религиско) прашање, без оглед на неговата тежина и важност, би било и државно или национално прашање? Всушност, ваквиот пристап, според моето убедување, е длабоко погрешен затоа што христијанството не е национална, туку наднационална вера и наднационален поглед на свет.

Од некои причини, праксата во православниот свет е таква што секоја држава има своја автономна (автокефална) црковна организација, па постои некое убедување дека за да се заокружи суверенитетот на државата, неопходно е државата да има своја црква. За волја на вистината, Македонија има две православни цркви – доминантната МПЦ и онаа на Вранишковски, која е практично под јурисдикција на Српската православна црква.

Фактот дека Пендаровски во моментов ја извршува функцијата претседател на сите граѓани, не значи дека тој е истовремено и верски поглавар. Да, МПЦ е верска заедница со најмногу верници во земјата, ама не е единствената

 Во таа смисла, македонската државност, онаа што датира од 1944 година, е заокружена во 1967 со формирањето на Македонската академија на науките и уметностите и со прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква. Без оглед што таа остана непризнаена од другите православни цркви.

Стои и фактот дека државите со непризнаени цркви (црногорската и украинската) сѐ уште се соочуваат со хегемонизмот на соседните држави. Се соочува и Македонија, ама реално гледано, и покрај бугарските меморандуми и закани со блокирање на преговорите со ЕУ, позицијата на Македонија е сосема поинаква. На крајот на краиштата, самата МПЦ се обрати кон Бугарската православна црква, признавајќи ја за мајка-црква, за да лобира за нејзино признавање.

Од друга страна, точно е дека православниот свет ја признава Цариградската патријаршија како прва меѓу еднаквите (primus inter pares), но не и како прва без на себе еднакви (primus sine paribus). Со други зборови, Цариградската патријаршија, позната и како вселенска, односно екуменска, не е ништо друго, туку помесна и автокефална црква.

 Без оглед на некогашните славни денови, денес под директна јурисдикција на Цариградската патријаршија се наоѓаат верниците во Истанбул, турските епархии, неколку додеканиски епархии (од грчките острови во близина на турскиот брег) и Света Гора. Титулата вселенски, односно екуменски патријарх практично е почесна титула и нема поткрепа ниту во Светото писмо, ниту, пак, во одлуките на вселенските сабори.

Според некои толкувања кои не се општоприфатени во православниот свет, вселенскиот патријарх има право да прима апелации од верниците на другите помесни православни цркви. Токму на овој прерогатив се потпира и писмото на македонскиот претседател. Но, да видиме што воопшто ќе значи ако Вартоломеј Први ѝ излезе во пресрет на молбата на претседателот Пендаровски и ја признае автокефалноста на МПЦ.

Дури ако Цариградскиот патријарх Вартоломеј ѝ излезе во пресрет на молбата на претседателот Пендаровски и ја признае Македонската православна црква, тоа ќе има ист ефект како кога ја призна Украинската православна црква. Односно никаков

Цариградската патријаршија, на пример, ја призна автокефалноста на Украинската православна црква, која за Москва и за поголемиот дел од православниот свет се третира како расколничка. Колку што мене ми е познато, само уште Грчката православна црква и Александриската патријаршија му го признаа правото на цариградскиот патријарх да врачува томоси за автокефалност, односно ја признаа Украинската црква.

Сето тоа резултираше со целосно прекинување на односите меѓу Руската православна црква со Цариградската патријаршија и останатите две цркви. Дури и со закана на Руската православна црква дека ќе продолжи да разговара со верниците од овие цркви кои не ја признаваат „расколничката“ одлука на нивните верски поглавари. Со други зборови, Руската православна црква најавува расцеп во овие цркви, со нејзина сериозна улога во овие процеси.

Значи, ако признавањето на МПЦ е политичко прашање, а очигледно е, тогаш во случај на позитивно решавање на иницијативата на Пендаровски, можеме само да очекуваме влошување на односите со Русија и нејзините придружни сателити.

Но, да се вратиме ние на нашиот претседател и на неговите државнички амбиции во црковните работи. Фактот дека Пендаровски во моментов ја извршува функцијата претседател на сите граѓани, не значи дека тој е истовремено и верски поглавар. Да, МПЦ е верска заедница со најмногу верници во земјата, ама не е единствената. И секако не е единствената што има свои проблеми. И Исламската верска заедница се соочува со свои премрежја, па не можам да се сетам дека претседателот или некој друг висок државен функционер јавно ургирал или се мешал во нивните работи.

Ако сериозно ја земеме предвид изјавата на владиката Тимотеј, кој е портпарол на МПЦ, дека МПЦ немала официјални разговори со претседателот, ниту дека имала некои барања од овој тип кон него, тогаш писмото на Пендаровски зад себе носи уште повеќе извичници и прашалници. Зошто, на пример, да не се претпостави дека овој тип мешање на световните власти можеби може повеќе да наштети, отколку да помогне во решавањето на македонското црковно прашање?

Ако на овој начин Пендаровски мисли дека работи за доброто на земјата и квалитетно ја извршува претседателската функција, тогаш дали ќе апелира со писмо до мојот работодавач, затоа што јас сметам дека моите примања се далеку помали од она што го заслужувам? Да, се согласувам дека споредбата е банална и несоодветна, ама од друга страна верувам дека бројот на луѓето кои не се задоволни со својот егзистенцијален статус е приближен или поголем од бројот на верниците во земјата. А тој проблем е богами поголем од (не)признавањето на МПЦ. Плус повеќе им прилега на световните власти од чепкањето по духовните прашања.

Порано сметав дека испреплетеноста на Црквата со државата е резултат на желбата на црковните великодостојници за овоземски привилегии. По она доделување средства за универзитетите на МПЦ и ИВЗ, и тоа со уредба со законска сила, а особено по ова писмо, некако ми се чини дека не ѝ се додворува Црквата на државата, туку дека е обратно. Зошто е тоа така, особено кога нема некои републички избори на повидок, ќе ми остане вечна, да не кажам библиска енигма.

Циниците порано велеа: Каква држава – таква црква. Сега оваа максима доживува инверзија: Каква црква – таква држава!