Во денот кога Македонија ја одбележуваше првата годишнина од нејзиниот влез во НАТО алијансата, илјадници нејзини државјани го почнаа својот „вакцинален егзодус“ во државата што само некој ден претходно ја обележа годишнината од нејзиното бомбардирање токму од страна на НАТО.
Токму во тој ист ден, кога министерката за одбрана одржа горд говор, каде што потенцираше дека „членството на Република Северна Македонија во најмоќниот политички сојуз на светот е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава“, десетици македонски граѓани пред српските телевизиски камери и пред српските новинари воодушевено воскликнуваа „Хвала, Србијо! Хвала Вучиќу!“
Се разбира, тоа се случува во државата која е горда дека не сака да влезе во НАТО, барем толку колку што нашата држава е горда дека таму влегла. Денот потоа, кога на скопскиот аеродром свечено беше пречекано првото поголемо количество вакцини, 24 илјади дози, бројот на досега вакцинирани македонски државјани во Србија беше веќе за неколку илјади поголем од бројот на тие што ќе можат да се вакцинираат со оваа пратка.
На крајот на краиштата, во сето ова се крие и една добра вест: масовната имунизација во Македонија веќе почна, и тоа многу поуспешно отколку што кој било предвидуваше
Во случајов нема да ги анализираме иронијата и апсурдот на македонското современо политичко секојдневие и како она што требаше да биде најголем триумф на македонската политика се претвори во нејзин најголем пораз. На крајот на краиштата, и онака сите сѐ знаеме: и за себичноста на меѓународната политика токму во моментот кога треба да дејствува глобално; за вакциналната дипломатија; за нашите крајно неефикасни политички елити; за неможноста да се постигне, не консензус, туку минимум согласност по кое било прашање итн.
Тука повеќе нѐ интересира социјалниот аспект на настаните околу вакцинацијата. Имено, вакцината низ целата своја историја е доживувана како социјално прашање. Вакцината, од своите почетоци па сѐ до пресвртот со актуелната пандемија, првенствено била наменета за сиромаштијата.
Секогаш се сметало дека болестите, токму поради сиромаштијата и несоодветните услови за живот, главно доаѓаат од долните слоеви на општественото скалило. На тој начин ќе се заштити и општествената елита, без притоа да има потреба да вбризгува отров во своето тело. Дури и Карл Маркс на едно место има кажано дека вакцината е оружје на буржоазијата во борбата против работничката класа.
Ако сакате, таканаречената меѓународна заедница и во поново време многу почесто презема масовни имунизации во сиромашните африкански земји отколку што тоа се прави во побогатите држави.
Денес, помалку или повеќе, е прифатено дека таканаречените приоритетни групи не се повеќе (исклучиво) сиромашните делови на општеството, туку сега се тоа медицинските работници, повозрасните граѓани, хроничните болни и сите оние што поради својата професија се изложени на директен ризик од зараза. Во оваа насока се движи и планот на македонската масовна имунизација. Или требаше да се движи. Значи, кои и колку од оние илјадници граѓани што се вакцинираа во Србија влегуваат во таканаречените приоритети? Колку од нив се на возраст 70 и повеќе години? Колку од нив се хронично болни или немоќни лица?
Зошто се попишувачите приоритетни во овој случај? Затоа што се хронични болни? Или затоа што се со возраст над 70 години?
Прашањата, се разбира, се реторички, затоа што масовната вакцинација во Македонија не почна според приоритети, туку според привилегии. На крајот на краиштата, голем дел од тие што се вакцинираа отидоа во Србија со посредство на Стопанската комора на Северна Македонија, а како што е познато, Стопанската комора не е баш позната како заштитник на работничката класа или на посиромашните слоеви.
Еден дел отиде по „допрен глас“, односно преку пријател на пријател, а еден дел преку закажани термини. Заедничко за сите нив е дека имале привилегија на информација што ја немаат другите, како и привилегија да бидат во можност да патуваат.
Но, еве, да земеме дека и оваа нееднаквост меѓу „еднаквите“ граѓани, не е толку страшна. Страшно е што привилегираната вакцинирана класа, онаа што можела да си дозволи викенд до Србија, одеднаш станува приоритетна група во македонскиот план за имунизација! Како инаку да се објасни изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека сите што се вакцинирале во Србија ќе можат втората доза да ја примат во Македонија!
Да потсетиме, само што пристигнаа 24 илјади дози, што по некоја логика се доволни за 12.000 луѓе. А во Србија само за викендот се вакцинираа повеќе од десет илјади луѓе. Според некои проценки, до „вакциналниот“ викенд, во соседната земја се вакцинирале околу пет илјади македонски државјани.
И тоа не е доволно, па на листата на приоритети се ставени и попишувачите! Цирка шест илјади луѓе. Зошто се попишувачите приоритетни во овој случај? Затоа што се хронични болни? Или затоа што се со возраст над 70 години? Да, тие се под директен ризик на заболување, но, барем според досегашните сознанија, додека развијат антитела, односно имунитет – пописот веќе ќе заврши!
На крајот на краиштата, ако државата толку се грижи за нивното здравје, тогаш навистина нека го одложи пописот барем до моментот додека попишувачите не стекнат целосен имунитет. А, всушност, најдобро би било да се одложи дури и останатите, помалку привилегирани, граѓани не се вакцинираат.
Да се разбереме, никој не може да има ништо против оние што се вакцинираа. Тие само ја искористија можноста што некој им ја понудил. Впрочем, и во овој случај се покажува дека инстинктот за опстанок е посилен од социјалната солидарност.
На крајот на краиштата, во сето ова се крие и една добра вест: масовната имунизација во Македонија веќе почна, и тоа многу поуспешно отколку што кој било предвидуваше.
Знам дека никого не го интересира мојот став за мојата лична имунизација, ама со оглед на контекстот, ќе си земам слобода да го кажам. Да, ќе се вакцинирам. Тогаш кога ќе дојдам на ред. Едноставно, мислам дека во сите области работите треба да се одвиваат по редослед и дека прескокнувањето на редот не е одраз на доброто воспитување.