Пропусница за измама

Сите услови за новото гласања се исполнети. На една страна имаме понуда, која (со чесни исклучоци) ветува сѐ и сешто, а од друга страна – избирачи, кои во загрижувачка мера сѐ уште не се доволно едуцирани за ингеренциите на локалната власт. Според тоа, за претстојното изборно танго претежно се обезбедени соодветни двојки: едни што ветуваат, и други што им веруваат.

На „фестивалите на демократијата“, како што често ги нарекуваат изборите, понудата е исклучително раскошна. Неверојатно е да се слуша како се ветуваат градинки во места каде што децата се бројат на прсти од едната рака, или нови училишта каде што со години едвај се формира паралелка во прво одделение.

А ако се пресметаат сите ветувања за нови километри патиштата, за канализациска или водоводна мрежа, за овие 30 години неколкупати ќе ја обиколевме планетава според вербално ветената километража. А повторно сме на стартната позиција.

Проблемот е во тоа што граѓаните прелесно се откажуваат од можноста самите да се соочат со фактите, со што во старт ѝ даваат пропусница на измамата. Ако се обидат да дознаат со колкави буџети располагаат и со колкави долгови со соочуваат нивните општини, лесно ќе може да ги елиминираат најголем дел од ветувањата дека од утре ќе им протече мед и млеко.

Не е за утеха тоа што не сме единствени во доброволната согласност да бидеме измамени. Така е секаде на Балканот, каде што сите изборни наративи, пракси и избирачки наивности наликуваат една на друга.

Не е за утеха тоа што не сме единствени во доброволната согласност да бидеме измамени. Така е секаде на Балканот, каде што сите изборни наративи, пракси и избирачки наивности наликуваат една на друга.

Но, ако се погледне како изгледаат средби со граѓани во зрели демократии, ќе видите многу кандидати препотени и изрешетани со прашања од граѓаните. Ќе видите кандидати на кои не им се дозволува да мелат празни фрази, на кои не им се простува демагогија, кои низ шпалирот од луѓе заминуваат со наведнати глави и со сигурност дека таму нема да добијат ни глас доколку продолжат да ги потценуваат гласачите.

Кај нас ситуацијата е многу поразлична. Доминантна е човечката снисходливост. Нема видлив револт што партиски карвани, по четири години, за првпат се појавиле во одредено место, кое претходно било целосно заборавено.

Луѓето бргу се импресионираат од посетата „само денес во вашиот град/село“. Потоа, во стилот „Пинки го виде Тито“ трчаат да ги видат кандидатите, но, пред сѐ, нивните лидери, со желба да се поздрават и да се фотографираат. Евентуално на крајот, и тоа со снебивање, со чувство на непријатност и со кнедли во грлото, едвај ќе изустат дека проблемите и натаму не им се решени.

А кога циркусот ќе замине, тогаш стануваат екстремно храбри. Седнати пред локалната „кооперација“, со денови ќе си прераскажуваат како в лице им с’ржале на политичарите.

„Слушна како му ја плеснав в лице? Занеме. Не знаеше што да каже“.

„Не ми кажувај мене. Јас кога му реков ‘вака веќе не може’, му се скисели лицето, се стресе“.

Со вакви „херојски“ прикаски се полнат маалските митови и хроники, разубавени со епизоди на непокор и отпор, кој никогаш не го покажале, освен на ниво на потсвесно признание дека можеле и поинаку.

Причина за тоа не е што сме мала и сиромашна земја, иако и тоа е причинско-последичен процес. Сиромаштијата не се подразбира само во егзистенцијална смисла (недостиг од приходи, храна, услови за живеење), туку значи и образовна и морална сиромаштија, која не може да произведе големи луѓе, во смисла на етичка, промислувачка и еманципаторска габаритност, која не гради луѓе со став, со истакнати знаења и вештини, луѓе на кои никој нема да се осмели да им продава „басма“. 

Ако се пресметаат сите ветувања за нови километри патиштата, за канализациска или водоводна мрежа, за овие 30 години неколкупати ќе ја обиколевме планетава според вербално ветената километража. А повторно сме на стартната позиција

Ако со години не се образува и гради таков кадар, дури и да сме територијално поголема земја, повторно ќе бидеме „мали“ во оваа смисла – недостиг од компетентен социјален капитал. Од таква база не може да очекуваме да произлезат (по)добри кандидати. Дури и кога потенцијално ги има, тие не сакаат да се контаминираат или да се обезличат во атмосфера што ги мотивира партиски послушните и подобните, а не способните. И затоа ќе бидеме сѐ посиромашни и помали, и ќе се вртиме во истиот круг. 

Голем дел од избирачите сметаат дека со својот глас нe можат многу да променат, бидејќи орото го водат доминантните партиски машинерии, на кои политиката одамна им е цел сама за себе, а тесните партиски интереси ги водат подалеку од заедничкото добро и јавниот интерес.

Овојпат, барем на хартија, постои можност да биде разнишана доминацијата на големите. Дали тоа ќе се случи и во пракса, како зачеток или поголем исчекор, ќе зависи од индивидуалниот квалитет, од моќта да се убедат гласачите дека има и нешто „помеѓу“, и од степенот на несогласување со досегашните општински резултати.

Можните промени во биполарната слика ќе зависат и од тоа на која адреса ќе се собере скорот од гласање „против“, а не „за“. Дали ќе оди на контото на главниот опонент на оној што ќе биде казнет, или на друга адреса?

Истражувања за однесување на заедници што сакаат изборно да казнат, откриваат дека казнените гласови нужно немаат еден тек, бидејќи ги води ставот „сеедно е кого ќе заокружам, немам што повеќе да изгубам од она што веќе сум го изгубил“.

Дури и кога нивната проценка е дека тој потег би бил штетен (на пример, гласање за компромитиран кандидат), не се откажуваат од намерата, бидејќи нивната одмазда бара и пошироката заедница да ја почувствува штетата што тие ја претрпеле.

Но, дури и таквото однесување, на долг рок води кон нужност од преиспитување: дали ќе се распадне однатре концепцијата на политика, која е сведена на најкус пат до успех и профит преку игнорирање и релативизирање на потребите на избирачите, или ќе мора да биде ревидирана и поразена однадвор, од сите што се исклучени од нејзиниот видик.

Во општества што тежнеат кон развој, природно е второто, бидејќи нема исчекор без свесна акција. Дури и она што само изгнило, некој мора да го отстрани.