Првата парада мора да шокира

Колумна на Харалд Шенкер

Светло, сончево утро во јуни. Центарот на градот е затворен за сообраќај и време е за забава. Звучниците се подготвени, десетици илјади се собираат, весела, колоритна маса од луѓе. Транспаренти, знамиња, украси, костими, сѐ е подготвено градот да се журка во име на највисоката вредност што постои – слободата.

Дента се случува првата Парада на гордоста во Скопје, да добро прочитавте: првата. Журкаџиите се тука, од естрадни ликови до клабери. По некој политичар и бизнисмен се мешаат со моторџиите, растаманите, љубителите на техно и со кралиците на парадата и носат сјајни и смели костуми: со кожа и со чипка, од Мулен Руж до Галичник, пердуви и синдикалки, хитони и латекс.

Одеднаш, има раздвижување меѓу обезбедувањето составено од комбинирана екипа на невладини активисти, полицајци и членови на двете најголеми навивачки групи. Претседателот, премиерот, собранискиот спикер, политичките и верските лидери дискретно се мешаат со толпата. Нема ВИП блокови. Денеска сите тие се едно.

На крајот на денот, медиумските извештаи се обединети околу еден наслов:
„Каква забава!“.

Би било убаво, нели? Но, се разбира дека ова ќе остане само пуста желба. Во 2019 година сѐ уште мора да ги убедуваме луѓето во земјава дека парада на гордоста не само што не е штетна за нивните деца, туку е всушност добра за сите.

 „Не сум хомофобичен, всушност имам геј-пријатели. Но, ова не е во ред“; „Не ми е гајле што прават по дома, но ве молам, не во јавност и не пред децата“.

Ова е лажниот либерален дискурс што денес многупати го слушам. Само заменете го зборот „хомофобично“ со „мизогино“, „расистички“, „антисемитски“ итн. Или зборот  „хомосексуалци“ со „жени“, „Црнци“, „Евреи“, „бегалци“ или „мигранти“ и го имате целиот спектар на исклучувања што доаѓа од центарот на општеството.

Ова не е нешто специфично за Македонија, тоа е прилично глобален феномен. Но, во општествата што се придржуваат до европските вредности, овој проблем отворено се адресира. Од образовниот систем до медиумите, од владините политики до граѓанското општество, во заеднички напор овој став се менува. Пораснав во многу конзервативен дел од Германија, и таквите паради би биле незамисливи за време на моите тинејџерски години. Минатата година се погоди да бидам таму за време на парадата и беше неверојатно да се види колку луѓе се собраа.

Не учествуваа сите, но затоа имаше многу луѓе што следеа од тротоарите и се забавуваа. Децата се радуваа додека од камионите фрлаа бонбони и кондоми, знаејќи многу добро што е што, бидејќи се сексуално едуцирани. Ако е ова можно во матичната земја на протестантскиот фундаментализам, не гледам зошто не би било можно во Скопје.

Постои и лажна умерена позиција: „Немам ништо против пристојна парада, сè додека не ги прават работите во јавноста”. Секако, бидејќи сите ЛГБТИ-луѓе се егзибиционистички сексуални предатори?! За овие луѓе имам само едно прашање: Дали нешто ќе се сменеше доколку отпорот против Груевски и неговите соработници беше „умерен“? На пример, ако се протестираше еднаш месечно во недела меѓу 3 и 4 часот попладне? Дали ќе паднеше Милошевиќ ако луѓето протестираа умерено? Ќе имаа ли жените право на глас да не беа скандалозните суфражетки?

Однесувањето и перцепциите на луѓето не се менуваат како одговор на умереното, туку на провокацијата.

А, потоа тука е и гласот на чистата омраза, кој е прилично гласен од моментот кога се најави парадата. На овие искомплексирани индивидуи нема да им дадам привилегија да ги цитирам или анализирам – тоа е работа на психијатрите.

Но, нешто треба да се каже: говорот на омраза е казниво дело. И должност на полицијата и на обвинителството е да дејствуваат. Под претпоставка дека ги знаат своите обврски и правата на граѓаните. Но, дали ги знаат? Или постои некоја друга причина поради која „не се изречени конечни пресуди за нападите во 2012, 2013 и во 2014 година во Центарот за поддршка на ЛГБТИ“, како што се наведува во Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија.

Во истиот извештај пишува и дека „поттикнување хомофобични/трансфобични омраза и насилство треба да биде поефективно спречено и да се гони“ и дека „се потребни понатамошни напори за справување и собирање податоци за злосторства од омраза и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“.Со други зборови: крајно време е институциите да престанат да се влечкаат и да почнат да си ја вршат работата.

Иако, ставот радикално се промени кај политичкото раководство, според истиот извештај на ЕУ, „преовладуваат општествените предрасуди, говорот на омраза, дискриминацијата и распространетата нетолеранција против ЛГБТИ-лицата“. 

Само да бидеме начисто, зборот „преовладува“ не значи дека некои безнадежни случаи сѐ уште мислат дека хомосексуалноста е болест што може да биде излекувана. Не, „преовладува“ значи дека тоа е доминантен став во општеството. И тоа не би требало да се толерира. Ова треба да биде јасен сигнал дека мора да има промени. Придржувањето кон европските вредности, исто така, значи почитување на индивидуалните слободи на сите. И тоа значи дека државата има должност да ги гарантира и заштити тие слободи.

Ова, се разбира, значи многу повеќе од убави говори на политичарите.

Тоа значи постојан напор за менување на културата на паланка, култура на разгневената ситна буржоазија, која ќе обвинува секого за сѐ и сешто, сѐ додека тоа им овозможува да не мораат критички да се погледнат себеси. Тоа значи менување на образовната и верска догма, тоа значи менување на таканаречените „семејни вредности“. Тоа значи колективен напор на институциите и на граѓанското општество. А под граѓанско општество се мисли и на политичките партии, спортските клубови, религиозните заедници, бизнисмените и на секој граѓанин поединечно. 

Затоа првата Парада на гордоста во Скопје е толку важна. Таа ќе го извади од дебелата сенка ова прашање, ќе го извади од канцелариите на пратениците и на групите за застапување и ќе го донесе на осветлените улици, в лице на сите. Од сега и повторно и повторно ќе биде потсетник и се надевам гласна и демонстративна прослава.

И уште една работа. Обврската на државата е да осигура оваа манифестација да биде безбедна, да биде целосно безбедна, потполно и да нема изговори. Полицијата мора да биде подготвена и требаше превентивно да се подготвува уште многу одамна.

Сите очи ќе бидат вперени кон нив и се надевам дека тие ќе бидат дел од забавата.

П.С. Џорџ Сорос лично ми плати убава сума на офшор-сметка за да го напишам овој текст. Само во случај да ве интересира. Не, не ми плати. Да, ми плати. Не, не…