Путин и нуклеарните ракети

Во саботата, на 19 февруари, значи неколку дена пред инвазијата на Украина, руската војска, во рамките на воената вежба „Гром“, изведе тестирање на своите нуклеарни балистички и суперсонични ракети. Според наводите на руските воени власти, „сите ракети ја погодиле нивната цел“, а во вежбата биле вклучени и нуклеарните подморници и бомбардерите ТУ-95.

На вежбата, на која присуствуваа рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот Александар Лукашенко, беа испробани и балистичките и крстосувачки ракети, истите оние со кои неколку дена подоцна беше извршена инвазијата на Украина.

Една недела подоцна, значи синоќа, рускиот претседател Владимир Путин издаде наредба да се стават во највисока борбена готовност руските „воени сили за одвраќање“, што е само еуфемизам за руските нуклеарни сили. Денес, на границата меѓу Украина и Белорусија треба да почнат мировните преговори меѓу Украина и Русија.

Основното прашање сега е дали Путин навистина ќе посегне по употреба на нуклеарните ракети или станува збор за политички блеф и кревање на влогот пред најавените преговори?

„Тропањето“ со нуклеарно оружје и заканата за негова употреба ја креваат војната во Украина на едно сосема поинакво ниво. Повеќе не е важно кои се причините за судирот, историските и геополитичките елементи, па дури ни толку зборуваните економски импликации од руско-украинскиот воен судир. Основното прашање сега е дали Путин навистина ќе посегне по употребата на нуклеарните ракети или станува збор за политички блеф и кревање на влогот пред најавените преговори?

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан, малку пред ескалирањето на судирот, на прашањето дали смета дека Путин е нуклеарна закана, лаконски одговара: „Да. Само мислам дека Путин мора да знае дека Атлантскиот сојуз е нуклеарен сојуз. Тоа е сѐ што имам да кажам по ова прашање“. Американскиот претседател Џо Бајден, во едно интервју ќе рече дека постојат две алтернативи за решавање на руско-украинскиот судир. Едната се санкциите, а втората е – трета светска војна!

И, навистина, дали Путин, чии потези и досега изгледаа прилично хазардерски, па и нелогични и апсурдни, е подготвен до таа мера да го стави светскиот мир на коцка?

Иако, во моментов превладувачко е мислењето дека повеќе станува збор за заплашување и политички маневар отколку за вистинска подготвеност реално да се употребат нуклеарните боеви глави, сепак има анализи и аргументи што говорат во спротивна насока.

Од една страна, се добива впечаток, дека покрај декларираната сплотеност на Западот во осудата и санкциите кон Русија, одговорот на меѓународната заедница не беше соодветен на ситуацијата во Украина или барем не даде ефикасни и очекувани резултати.

Долгото колебање околу исклучувањето на руските финансиски институции од SWIFT системот, па и чекањето да се затвори европскиот воздушен простор за руските авиони всушност ги покажа калкулациите на земјите од ЕУ околу тоа колкави ќе бидат нивните загуби и колку ќе трпи нивниот бизнис со спроведувањето на овие мерки, наспроти ноторниот факт дека Украина во секој случај трпи енормно поголеми загуби од која било друга европска земја.

Решението дека „некои руски банки“ се исклучуваат од SWIFT системот остава впечаток дека „некои други руски банки“ остануваат во истиот систем, односно дека е понудена отстапница и за сопствените бизниси, но и за Русија да ги ублажи ефектите од санкциите.

Во оваа втора, проширена и надградена верзија на Студената војна, единствените преговарачи се НАТО, односно САД и Русија, а Украина, за жал, е само колатерална штета

Ваквото однесување му дава за право на Путин да изведе заклучок дека ниту Европа, а ни САД не се баш животно заинтересирани за територијалниот интегритет на Украина, што конечно се покажа и во 2014 година, кога Русија релативно едноставно го анектираше Крим и ги инсталираше оние сепаратистички области во Домбас, без притоа да сноси посериозни меѓународни санкции.

Од друга страна, се чини дека рускиот блиц-криг во Украина не се спроведе според планот на Путин. Претпоставка е дека Путин и Русија очекуваа поинаква позиција и поинаков став на украинската војска и одбраната. Веројатно очекуваа многу помал отпор, особено во некои делови од Украина.

Путин е сега во ситуација да мора да ја продолжи неговата инвазија, барем до точката кога ќе може да прикаже дека не ја загубил оваа бесмислена војна. Во таа смисла, тој мора да ги прегрупира своите сили или да ја смени тактиката. А смена на тактиката значи воведување нови вооружени системи што досега не биле употребени, а можат да нанесат голема материјална штета и многу жртви. Значи, оружје, кое не само што ќе го уништи отпорот на војската, туку и моралот на населението.

Русија има три вида оружје за масовно уништување: хемиско, биолошко и нуклеарно. Нуклеарното вооружување главно служи за одвраќање на евентуалниот воен непријател. Земјите што поседуваат нуклеарно оружје никогаш не се цел на воен притисок. На санкции – да, но не и на воена закана. Индија и Пакистан, на пример, се перманентно на работ на воен конфликт, но не се осмелуваат да завојуваат токму затоа што и двете земји поседуваат нуклеарно вооружување. Од истите или слични причини се толерира и режимот во Северна Кореја.

Меѓутоа, сосема друга е работата ако „непријателската“ земја нема нуклеарно вооружување, како што е тоа случајот со Украина. Ако целта на Путин е да заземе дел од украинската територија, да ја демонтира нејзината власт или напросто да ја скрши Украина, така што оваа ќе прекине да постои, тогаш руската војска може да употреби сѐ, па дури и боеви отрови и нуклеарно оружје, за да ги оствари своите цели. Кој ќе ги спречи во тоа? Санкциите?

Со оглед на однесувањето на Запад од една страна и на Путин од другата, навистина не можам да видам ниту една причина зошто Путин би имал каква било задршка да го направи тоа, ако му е потребно.

Во таа смисла, како погрешно може да се окарактеризира и инсистирањето на мировните преговори меѓу Украина и Русија. Во времето на кубанската криза, на пример, не преговараа Куба и САД, туку САД и СССР. Во оваа втора, проширена и надградена верзија на Студената војна, единствените преговарачи се НАТО, односно САД и Русија, а Украина, за жал, е само колатерална штета.

Како што сега стојат работите, САД се далеку од идејата да седнат на преговарачка маса со Русија. Останува само, што би рекол претседателот Бајден, да се молиме за луѓето на Украина. А и за нас.