Ранохолизам

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Власта веројатно добро ќе ја научи лекцијата од игнорирањето на правилото „денешата работа не ја оставај за утре“. Зашто кога предметите на СЈО беа преземени од ЈО, министерката за правда сметаше дека веќе не мора да се брза со законот за ЈО, за по неколку месеци да се дојде до цајтнот: брзање во последен миг, за да се спречи можноста недонесувањето на тој закон да биде употребено како аргумент против одлука за наш почеток на преговори со ЕУ.

Опозицијата ја извади сета артилерија, повикувајќи се на отсуство на експертско учество во креирање на законот, небаре заборавиме во колку наврати дебатираа за него во текот на измината година. Ставовите и тогаш и сега останаа спротивствени.

Имајќи го предвид тоа, најчесен беше пристапот на пратеничката Даниела Рангелова, која на вчерашната седница апелираше: пратеници кои се засегнати од предистраги, истраги и обвиненија да се воздржат од дискусии, зашто граѓаните ќе мислат дека тоа го зборуваат пристрасно.

Истото би можело да важи и за експертите. Јавноста одамна има изгубено доверба во термините „професионалец“ и „експерт“, имајќи предвид колку од нивните биографии се прелеаја во партиски штабови. Тешко е да се искорени сомнежот дали е премината линијата што ја одвојува нивната стручност од нивната наклонетост да скројат закони по вкус на партија која ги кандидирала за некоја функција или ги ангажирала во свои советодавни тела.

Но, дури и воопшто да не е прегазена таа линија, јавноста тешко ќе се убеди во тоа, се додека од собраниската говорница се слуша ваква аргументација: зошто да не се прифати забелешката на експертот Н.Н. кој важи за близок на онаа партија, особено што со него се согласува и експертот М.М. за кој знаеме дека е поблизок до другата опција“.

Со лепење на „декларции за потекло“, дополнително се потенцира поделбата на „ваши и наши експерти“, а најмногу прашањето – постои ли некој надвор од тој круг?

Со ова не се нуди да надвладее силата на аргументот, туку да создаде посакуван правен конструкт преку урамниловка со учество на експерти од „двете страни“. Со лепење на вакви „декларции за потекло“, дополнително се потенцира поделбата на „ваши и наши експерти“, а најмногу прашањето – постои ли некој надвор од тој круг?

Постои ли експерт што нема да биде присвојуван или припишуван како близок ниту на власта, ниту опозицијата, без оглед колку е тешко во ова политички контаминирано општество да се обезбеди санитарна брана од такви обиди?

Оттука е и сомнежот, но и тешкотијата на граѓаните објективно да разберат во што е несогласувањето околу законот. Се додека одеднаш не се појави пратеникот од опозицијата, Влатко Ѓорчев, со момент на вистината, како што рече, за да го демаскира лицемерието на пратениците на СДСМ.

„Јадевте мекици за петтото дете на Антонио Милошоски, за потоа да работите да ставите татко на пет деца во затвор“, рече тој. Истото го посочи за оние што биле на погреб на сопруга и на сестра на двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а сега работеле тие да одат во затвор. 

Како за правник по образование, беше тоа изненадувачки некоректна реплика, но јасно ги откри мотивите за несогласување со законот. Навидум сочувствителна, но во суштина крајно бесчувствителна, репликата покажа како тој и другите во опозицискиот блок ја сфаќаат заложбата за правна држава: со тоа што ситуации од сферата на приватноста ќе се користат како штит од правдата.

Прво, некоректно е од говорница да се „испраќаат“ во затвор колеги, исклучувајќи ја можноста да ја докажат нивната невиност. Второ, некоректно е да се користат лични трагедии, да се ставаат во погон за „порамнување“ или обезбедување милост по сила на друга неволја, како супститут за принципот на казнивост.

Ако ова се посакуваните „правни аршини“, тогаш Катица Јанева би требало веднаш да биде ослободена и од притвор, и од обвиненија. Нејзината мајка почина на денот кога и вршеа претрес во нејзиниот дом и кога ја приведоа. Според „логиката“ на Ѓорчев, треба да се запрашаме: малку ли и беше таа загуба, па уште да стравува од притвор и затвор за ‘Рекет’? Уште ако колеги обвинители и изразиле сочувство, а утре истите бидат повикани да сведочат против неа, ете ти го „правниот“ проблем наречен лицемерие.

Но, каков и закон да се донесе, ќе остане горчливо чувство по она што некои пратеници го искажаа од говорницата, откривајќи до кое ниво паднал изборот на патиштата за заобиколување на правдата.

Не беше поразлична ни „логиката“ со која нечија верска или национална припадност се подметна како штит од одговорност за непочитување на закони. Тешко е да се сварат сите демагогии кои можеа да се слушаат на вчерашната седница на парламентот. И таман ќе помислите дека нема што да ве изненади, во корпусот од правни аргументи влегоа дури и физички предиспозиции: „На жена од метар и 65 сантиметри и покажувате мускули“.

Еве, експертите нека кажат дали и како може ова да се регулира со закон?  Може ли да се срочат одредби кои ќе пропишат дека жени и мажи со висина до 165 сантиметри ќе бидат ослободени од каква било прекршочна или кривична одговорност? Може ли во македонското ендемско поимање на правдата да се утврди дека постои непобитна физиолошка зависност меѓу човековата висина и неговата предиспозиција да влезе во судир со законот?

Сигурно дека може. Таа е одамна утврдена и се вика морал. И не е поврзана со физичката височина, туку со височината на личноста во етичка смисла. Меѓу двете коти на на животната отсечка – раѓањето и смртта, секој избира како ќе го помине животот – чесно или на друг начин. Одговорноста за тој избор не ја носат оние што дошле да споделат тага или радост.  

Но, каков и закон да се донесе, ќе остане горчливо чувство по она што некои пратеници го искажаа од говорницата, откривајќи до кое ниво паднал изборот на патиштата за заобиколување на правдата.

Има термин и за ваквиот манир: ранохолизам. Означува бегство од одговорност и постојано вртење на приказната за рани здобиени во патриотски битки, постојано стимулирање на маченички претстави за себе и заедницата, се со цел тие рани никогаш да не заздрават, зашто само свежи може истата приказна да ја држат во кондиција и живот, а одговорноста што подалеку.

Во парламент каде што пред неколку години видовме вистински, а не симболични рани, мора да се внимава да не оживеат сеништата на минатото. Ѓорчев добро го знае тоа. Верувам дека не го заборавил денот кога заслужи многу почит.