С’клетметар

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Има голема симболика што крајот на летното сметање на времето годинава завршува на 31 октомври, токму на денот на вториот круг од локалните избори. Тој ден, во 3 часот, стрелките треба да се поместат еден час наназад и да се смета дека е 2 часот.

Дали за нас во 3 часот навистина ќе биде 2? Кампањата пред вториот изборен круг покажа дека стрелките на нашиот часовник се свртени наназад, не само еден час, туку повеќе од една деценија. Секој октомвриски ден, во секој поглед, сѐ повеќе напредувавме кон минати лоши практики, од кои, по многу напори, сметавме дека успешно и неповратно сме исчекориле. Изгледа дека не било неповратно.

Токму поради таквите лоши пракси, ЕУ ја предвиде можноста за реверзибилност во процесот за пристапување. Ако во еден момент си исполнил еден услов, но потоа си почнал да назадуваш, ЕУ ќе може да те врати на почетната позиција додека повторно не го исполниш условот. Тоа важи и за стандардите на изборниот процес.

Партиите и овојпат длабоко ги потценија граѓаните, кога божем во име на нивните интереси се впуштија во една срамна и недолична пресметка, политичка лакрдија со примеси на лудило, хистерија и кампањски примитивизам

Ние добивме кампања, во која учесниците имаат полна уста со убави зборови против поделби и омраза, но токму тоа најмногу го нудат и во излогот и во магацинот. Нема исклучок. Сите влегоа во калта. Спротивставени како вечни архинепријатели, заборавија што е фер игра, коректност, пристоен речник. Секако дека има запалени глави на кои црната кампања и зовриената атмосфера им се допаѓа бидејќи можат да функционираат единствено во тензија и хаос, но на мнозинството тоа им убива секаква надеж за изградба на нормално општество.

Во наше маало негуваме еден неформален, но многу реален индикатор за расположението кај гласачите. Уште пред десетина година, низ кафе-муабет и соседски консензус го крстивме „с’клетметар“. Тој „функционира“ во мала продавница за ТВ-апарати, додатоци и опрема, а пулсот на граѓаните го мери според бројот на искршени далечински управувачи во моментите на граѓанска нервоза, во текот на изборни дебати и пораки, односно според нарачката на нови. И пред сите изборни циклуси проверуваме што покажува с’клетметарот.

„Катастрофа. Пред првиот круг беше мртво море, ама сега е торнадо“. Со овие зборови ме дочекаа двајца соседи што веќе се запознале со „резултатите“. Едниот на ливче ми ги покажува последните податоци, компарирани детално со неизборни периоди.

Крајно импресивно, во негативна смисла. Очигледно, далечинскиот управувач е првото нешто по кое посегнуваат луѓето за да го сменат каналот и првото нешто што страда во афект ако и прошетката по други канали не им ја намали нервозата од изборните кавги, пресметки, лаги…

„Ималo и реинфекции“ – шеговито и низ медицински израз ми шепнуваат дека некои и по двапати доаѓале во набавка со иста цел. Двапати им пукал и филмот, и далечинското.

По ваква кампања, во која наводно сите грчевито се борат за општото добро и да ги задржат младите, ефектот е следен: сѐ повеќе луѓе планираат да ги спакуваат куферите

Настрана од ваквата симболична сондажа за локалното расположение, ѓаволот навистина ја однесе шегата. Работите се тргнати во лоша насока, која ќе произведе бројни импликации на внатрешен план. По таква црна кампања, чија било победа ќе остане во сенка на големиот пораз на општеството, со инвестиции во нестабилност на подолг рок.

Партиите, без исклучок, успеаја преку промоција на најниски политички страсти да го урнисаат елементарното пристојно ниво на предизборна трка и јавно да ја демантираат заложбата дека сѐ што прават е за доброто на земјата и граѓаните. Нема ништо добро во сите тие црнила што продефилираа пред граѓаните. Така не се бранат угледот и интересите на земјата.

Зошто изборите од локален натпревар беа натоварени со теми што немаат врска со потребите на општините? Таква форма на инструментализација на изборите е можна само во општества каде што постојаната деконтекстуализација на карактерот на изборите и радикализација на моментот е длабоко вкоренета во политичкиот мејнстрим.

Партиите и овојпат длабоко ги потценија граѓаните, кога божем во име на нивните интереси се впуштија во една срамна и недолична пресметка, политичка лакрдија со примеси на лудило, хистерија и кампањски примитивизам, наместо во искрена и аргументирана презентација на програми. Луѓето се во конфузија. Толку се бомбардирани со скандали, што веќе тешко може да одредат што е вистина, а што манипулација.

Ние добивме кампања, во која учесниците имаат полна уста со убави зборови против поделби и омраза, но токму тоа најмногу го нудат и во излогот и во магацинот. 

По ваква кампања, во која наводно сите грчевито се борат за општото добро и да ги задржат младите, ефектот е следен: сѐ повеќе луѓе планираат да ги спакуваат куферите. Не ги убива толку немаштијата, колку крволочната атмосфера во која се храни и вирее домашниот политички спектар, додека надежта за подобар живот се еутанизира. Луѓето ги убива атмосферата во која секој мора да избере партиски дрес, ако сака да живее, да работи, атмосфера што се храни од ротациски реваншизми и закани…

Така не се надминуваат поделбите. Тие што се обидуваат да останат надвор од кое било партиско трло, поминуваат најлошо. Добиваат удари од сите страни. За неутралноста се плаќа највисок данок. Овде секој мора да има партиска идентификација. Ако нема, ќе му ја измислат и залепат, бидејќи така најлесно се одржува пламенот на поделбите.

За жал, до денес многу работи останаа неизградени, но не и погоните за поделби и отстрел. Тие се нашата политичка „хортикултура“. Во неа сите се добро распоредени – кој со кого, и кој против кого. Вадат разни кецови од ракав и божем се крстат во гласачите, но без почит кон нив. Зборуваат за „контингенти“ и „резервоари“ од гласови што треба да ги привлечат на нивно конто. И од слама се обидуваат да извадат маст, само за да не отидат гласовите во туѓиот бунар.

А државата? За неа ќе мислат потоа, откако ќе се справат со овој локален, ама „голем историски момент“. Историски моменти може да препознаат само луѓе визионери. Кај нас многу „нули“ мислат дека ако се качат повисоко, ќе станат ореоли. Така почнува нивната заблуда. Така завршува и идејата за нормална држава.