Само за читатели со здраво срце

Колумна на Сашо Кокаланов

1. Канцеларија во седиштето на ЕУ на Небесата. Жан Омер Мари Габриел Моне, во Македонија и во остатокот на светот попознат само како Жан Моне, пие коњак и разгледува фотографии од своето детство поминато во истоименото француско гратче Коњак.
Тогаш влегува секретарката. Има израз на лицето на смушнат крадец, со очигледна вознемиреност во погледот. Околу очите има црвени кругови како да ја каснал комарец. Јасно е дека долго, долго плачела. Рацете ги чува зад грбот.
Моне го крева погледот. Зачуден е од нејзиниот лик кој, набразден од немирот и загриженоста, наликува на лице од возрасен примерок куче од расата Мопс.
Секретарката ја пресекува тензичната напнатост и со еден брз потег го предава ковертот што го држи зад грбот, а потоа со раката си ја покрива устата. Меѓу прстите процедува:
– Телеграма за Вас од земјата, господине Моне.
Потоа почнува да трепери од вознемиреност додека Жан ја чита содржината на телеграмата. А, таа е кратка и јасна и ужасна: Состанокот во Вашата вила. Стоп. На претставници на власта и опозицијата од Македонија. Стоп. Откажан. Стоп. Нема услови за дијалог. Стоп. Искрено Ваши. Стоп. Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн. Стоп.
Жан Моне прво почнува да се тресе од бес, да кука и гласно да плаче. Потоа очајот нараснува, образите отекуваат, Жан нагло станува, при што столот треснува зад него, почнува бесно да си ја удира главата од бирото, па да се треска неконтролирано по ѕидовите, и најпосле го граба наливното перо, да, она истото што му го подарија Шуман и Аденауер, и си го забодува точно во срцето.
Кога малку ќе се потсмири, не можејќи да се носи со неуспехот за дијалог во Македонија, од секретарката бара да му донесе солна киселина и да ја измеша со коњакот во неговата чаша.
– Залудно, месје Моне, знам колку ви е тешко, но не може да се убиете – му вели таа загрижено.
– Зошто!? – гневно прашува Жан.
– Затоа што веќе сте мртов.
– Проклетство! Мерд! – викнува Жан, помирувајќи се тешко со својата црна судбина.

2. Откако ѝ ги собраа потписите за претседателска кандидатура, професорката Гордана Силјановска Давкова им соопшти на вмровците дека ни на крај памет не ѝ e да го поништува Преспанскиот договор.
Итра е Гордана, намириса дека и СДСМ е во потрага по свој претседателски кандидат.
А што правиме со оние најтврдокорните патриоти што го дадоа својот потпис за Гоца национале? Ништо! Верувајте до летото и тие ќе извежбаат Џејмс Бонд одговор за на грчките плажи. Каков Џејмс Бонд одговор!? Па, таков, кога продавачот во гиро-сендвичарата каде што се товат по напорното лежење на жешкиот песок, ќе ги праша на лош англиски: „Вер ар ју фром?”, да се снајдат и да одговорат: „Македонија. Северна Македонија.“

3. А кога сме кај постпреспанска Грција, го гледав оној хистеричен министер за одбрана, кој се отпиша од владата на Ципрас, ама се чини не успеа да се запише во опозицијата кај Мицотакис, и прво што ми текна е онаа стара поговорка: Со свој Каменос, по своја глава.
Ќе тужел, ќе пустел, ќе самозапалувал… Ако за Мицотакис и Мицкоски, немаме никаква дилема дека се една душа поделена во две тела, кај Каменос тоа е тешко да се одреди. Дали е тој грчкиот Тодор Петров, Јанко Бачев, Филип Петровски или можеби и покрај малите родови разлики, тој е, сепак, грчката Билјана Ванковска…
Да, верувам дека многу тврдокорни вмровци кога ќе го чујат името на Ванковска ги фаќа јадеж во пределот на газот дека дадоа потпис за погрешна професорка. Ама тоа е, по потпишување, нема каење.

4. Но, тоа не е сè од постпреспанските маки на јужниот сосед. Не е само отпадокот од власта Каменос, кој колне и рика. И грчката дипломатија си има свои маки.
Не толку со нас, со словенското население што ја населува Северна Македонија, ами, пред сè, со оние нашите отаде границата, кои не успеале да ги протераат на време од својата територија.
И сега се дрзнале да даваат изјави за Би-би-си за своето потекло. И за теророт што го претрпеле нивните предци.
Амбасадорот на Атина во Лондон, извесен Карамицос (немаме податоци за негови сродни души во Македонија, но сè укажува на тоа дека би можеле да се презиваат Карамицкоски, на пример, или некако слично) пратил демант на прилогот.
Во комичниот допис во телевизијата не се демантираат фактите, логично, зашто лицата што се декларираат како Македонци од Грција вистински постојат, исто како и нивните лични судбини, но амбасадата демантира дека, цитирам, со Преспанскиот договор премолчано го признале македонското малцинство.
Смешничко малку. Ова ви е како да сте згазнале на лајно и да ги миете чевлите во шахта од фекална канализација.

5. Но, да си се вратиме ние на домашни проблеми.
Не знам колку сте по фудбалот, ама имаше изминатава седница еден важен фудбалски меч во Англија, финале на куп, и имаше една комична ситуација што ни ја приредија тренерот и голманот на лондонски Челзи. Имено, како што дел од вас секако знаат, тренерот Сари сакаше да го замени голманот Кепа, арно ама овој вториов не сакаше да излезе.
Прво го молеа со фино, потоа Сари урлаше крај аут-линијата, ја скина тренерката, кршеше столчиња, јадеше крампони од копачки, но сето тоа залудно. Кепа од својот голмански простор само му го креваше фраерски палецот и мангупски му намигнуваше.
Челзи изгуби што изгуби, а потоа, за да избегнат уште поголема бламажа и исмејување, од клубот објавија приказна дека станувало збор за недоразбирање.
Добро, ама каква врска има ова со нас? Нема.
Освен што ситуацијава малку потсеќа на барањето на премиерот Заев, директорот на затворот во Шутка, Котевски, да си даде оставка по инцидентот со притворениците Миле и Спиро. Тренерот Зоки побара, ама Ѓоко, сепак, остана да доигра.
Од владата објаснија дека било недоразбирање кога треба да си поднесе оставка и да излезе од игра. Ќе игра до крајот на претседателските меч.

6. Така е тоа во здрава држава. А, во здрава држава – здрава нација! Тоа дека сме паднале 12 места на Индексот на најздрави држави во светот на Блумберг мора да е некаква грешка.
Ние, всушност, не ни може да утврдиме колку сме здрави, да не речам колку сме болни, од најпрозаична, техничка причина – системот за мој термин е блокиран.

7. И за крај нешто што содржи вознемирувачка содржина и не е за оние со длабок џеб и слабо срце. Најпознатиот светски вложувач на берзите, Ворен Бафет, трет најбогат човек на светот, предупредува на неизбежноста од „голем удар“, односно катастрофата во однос на која ураганите Катрина и Мајкл ќе дејствуваат како „џуџиња“.
„Голема катастрофа ќе се случи – можеби утре, можеби за повеќе децении“, напишал Бафет во годинешното писмо за компанијата „Беркшир Хадавеј“ од Омаха….
Таа катастрофа може да ги урне берзите, да предизвика огромни економски кризи со домино-ефект. Значи, да скратам, последно предупредување до македонските граѓани. Вадете ги милионите од берзите. Не се зезајте.