Себичен ген

Сѐ уште не можам точно да разберам што значи консензуален кандидат за претседател во терминологијата на ДУИ. Придавката недвосмислено укажува дека се работи за договорена, заемно прифатлива личност за коалициските партнери, а како што потенцираше Заев, пред сѐ, прифатлива за граѓаните. За некоја личност да биде прифатлива, значи дека таа со нејзиниот општествен, професионален или политички хабитус ги рефлектира вредностите за кои се залагаат граѓаните и коалициските партнери.

И до овде е сѐ јасно. Но, кога ги слушам посакуваните имиња за кандидати што флуктуираат во таборот на ДУИ, произлегува дека консензуалноста имплицира нешто друго – личноста да има „албанска жичка“ или барем обемен минат труд во креирањето на Охридскиот договор.

Ако некој е добар и прифатлив кадар за претседател, што е важно на кој етникум му припаѓа и дали е 100 отсто Албанец или само со албанска жичка?  Прашањето е дали избираме високоморални и кредибилни личности и вредности, или инсталираме панаѓур на етнички суети.

ДУИ во последниот период агресивно почна да го промовира ова второто. Ја претвора оваа предкандидатска фаза во некаков етнички гранап, каде што партиски водич ќе ги посочува етничките трофеи наредени на полица: Еве, имаме 100 отсто Албанец претседател на Собранието, ова е Законот за употреба на јазиците, ова се двојазичните табли, ова е првиот конкурс за нови преведувачи, ова е идејата за претседателски кандидат барем со 37, 69 отсто илирски гени, а дај Боже да има и повеќе…

Разбирам дека партиите сега водат битки за рејтинг и гласови, но со ваков примитивизам може да го изгубат и едното и другото. Ако сакаат прифатлив кандидат, јавно нека објаснат кои се критериумите за таквата прифатливост. Ова другото со жички, гени и корени е навреда за јавната дебата и за целите кон кои се стреми општеството. Видовме до каде нѐ вратија таквите прикаски проверувани во оној славен швајцарски институт за генетика, ИГЕНЕА.

Кој сака консензуален претседател искрено нека дебатира, кој сака да тестира албански жички, нека испраќа плунки во епрувета на проверка во „Швицарска“

Кој сака консензуален претседател, искрено нека дебатира, кој сака да тестира албански жички, нека испраќа плунки во епрувета на проверка во „Швицарска“. Од ИГЕНЕА веднаш ќе откријат кој колку проценти илирски гени има во неговата ДНК. И тоа ќе биде ептен „веродостојно“. Како што за македонската нација соопштија дека во најголем дел има антички ген, дури 30 отсто.

Колку е голем поривот за тактизирање, покажува и растегливиот став на ДУИ. Од една страна има одлука дека на претседателските избори ќе оди со свој кандидат, а од друга, сепак остава отворена врата за договор: „ќе разговара и со другите албански партии за евентуален концепт на заедничко излегување на изборите, или со партии на другите етнички заедници заради концептот консензуален кандидат, но доколку се создадат такви предуслови“.  

Овие тактики и потенцијални фигури допрва ќе се распоредуваат на шаховската табла. Ќе се чека одговор дали и со кои кандидати ќе излезе конкуренцијата во албанскиот блок, дали е момент албанските гласови давани за Заев да се земат назад, односно дали изборите да бидат искористени за индивидуална проверка на рејтингот. Но, зад аголот демнат и последиците од таа проверка, бидејќи процентите може некому и драматично да му го одземат чаламот. Народски кажано, угоре високо – удолу длабоко.

Би било наивно да се надеваме на повеќе разум, бидејќи е видливо дека некои од партиските субјекти се решени разумот да го прокоцкаат за малку рејтинг, или во превод, да заколат вол заради една кременадла

Во слична позиција е и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која практично се соочува со двојни избори, бидејќи, од исходот на претседателските избори ќе зависи и опстанокот на лидерската позиција на Мицкоски. Тие што не се задоволни од неговата политика нема да се разочараат од пораз, дочекувајќи го како „нужно зло за потенцијално добро“, односно за неизбежна смена на кормилото и за почеток на реформирање на партијата.

Од друга страна, фактот дека Мицкоски наводно преферирал натпартиски претседателски кандидат, неговото најблиско опкружување го објаснува со два аспекта. Прво, дека со непартиски кандидат лидерот се надева на многу повеќе гласови од она што може да го испорача традиционалната база. Второ, ако тој кандидат не победи, Мицкоски би тврдел дека тоа не е негов или пораз на партијата, туку на непартискиот кандидатот што тие „само го поддржале“ во име на натпартиско обединување на опозицискиот блок.

Ваквите образложенија не фаќаат корен во базата, која е истренирана да очекува „тврдо партиско решение“ во претседателската трка. Но, одлуката за тоа ќе ја носат делегатите, кои според партиски извори, 90 отсто може да се сметаат за луѓе директно или индиректно избрани од Мицкоски и нему лојални. Особено, оние што ќе ги бројат гласовите.   

Ваквата фрагилна ситуација внатре во опозицијата и искричењата на релација ДУИ-СДСМ по прашањето за кандидатот, може да предизвикаат и одредени дополнителни тестирања на лојалноста, што ќе го обремени процесот на тековните политички предизвици, кои влегуваат во битна фаза од аспект на интеграциските интереси.

Би било наивно да се надеваме на повеќе разум, бидејќи е видливо дека некои од партиските субјекти се решени разумот да го прокоцкаат за малку рејтинг, или во превод, да заколат вол заради една кременадла. Пред таа да им залетне во грлото, ќе биде добро да прецизираат дали закланиот вол бил од мешана раса или баш чистокрвен. Колку да знаеме во кои детали се криел ѓаволот.