Сепак се врти

Политичкиот прагматизам е чудна билка. Често не се може без него, и тоа го потврдува практиката. Но, ако политичкиот прагматизам стане доминантна вредност во општеството, особено оној тип на прагматизам кој оди против волјата на гласачите, ете ти нов проблем. Сега е нужно и политички прагматично да се донесе закон за Јавното обвинителство со консензус постигнат меѓу власта и опозицијата.

Тој прагматизам можеби и би бил продуктивен, во смисла на квалитетни законски решенија, доколку немавме две крајно спротивставени позиции во однос на иднината на предметите на СЈО. А зборуваме за закон кој е европски услов, зборуваме за правна држава, за неселективна правда, за елиминирање на долгогодишниот принцип на неказнивост на случаи од висок политички профил.

Но, ѓаволот се крие во деталите, а за тие детали зад затворени врати преговараат власта и опозицијата. Или поточно, се ценкаат и пазарат. Дури и на крајот да се усогласат, прашање е што добиваме со закон кој го пораѓале сто „бабици“? Одговорот го знаеме – килаво „дете“.

Гледано од овој аспект, не знам што е подобро – тотално да пропаднат преговорите за законот, или да „успеат“ со регулатива која поради вградените отстапки и концесии веќе утре ќе ни предизвика нов правен проблем, дилема или правна празнина. Правни дисконти повеќе не се потребни. И онака веќе сведочиме на големата распродажба на СЈО. Непромислената обвинителката чмае во притвор.

Во 2015 година гладните за правда правеа пресметки за колку време ќе завршат првите процеси на СЈО. Во 2019 веќе многу случаи требаше да имааат судски разрешници. А каде сме денес? Дури ни „Шамарите во Центар“ не се завршени, а да не зборувам колку се доцни со капиталното дело „Таргет“, заради чие расчистување и беше формирано СЈО.

Што имаме денес? Едни разбегани во странство, други влези – излези од притвор, на трети камилите и натаму богато им се товарат. Колку за илустрација, поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ (позициониран на фино место кога се градеше „Скопје 2014“), есента 2016 година се појави на распит во СЈО. Не разбравме во кое својство бил повикан. Денес веќе отвора хотел во Трст.

Но, ѓаволот се крие во деталите, а за тие детали зад затворени врати преговараат власта и опозицијата. Или поточно, се ценкаат и пазарат. Дури и на крајот да се усогласат, прашање е што добиваме со закон кој го пораѓале сто „бабици“? Одговорот го знаеме – килаво „дете“

Значи бројчаникот сепак вртел. Ама не на Триумфалната капија. Си вртел во приватни џебови, исто како и пред формирањето на СЈО. Па кој е ефектот од работата на СЈО досега? Ако се исклучи „Тенк“ –  нула.

Да, СЈО имаше големи опструкции, имаше блокади, но и со сето тоа вклучено во цената, учинокот е недоволен. Да биде трагедијата поголема, непромисленоста на Јанева донесе и друг негативен ефект: чувство дека во земјата владее аномија – состојба која се одликува со недостиг од општествени вредности, беззаконие, општа деликвенција, неефикасност на законите, конфузија, морална беда…

И тука доаѓаме до клучното прашање: како може општеството да биде здраво ако постојано се повторуваат истите грешки? Надежите на граѓаните за правна држава секогаш беа издигнати на максимум, а завршуваа под очекуваниот минимум. На максимум остана само општествената хипертензија.

Нема човек кој не се запрашал: аман, до кога вака? До кога ќе се пере криминалот? До кога ќе се полни тој наш хербариум од разни цвеќки кои дошле на власт со „тико“, а од државните позициии заминуваат оплементи со ресурси кои брзо се претвораат во ергели од возила, станбени комплекси и други објекти овде или во странство?  

Токму тие денес и се потсмеваат на правдата додека сечат ленти на своите нови бизниси, и им се смеат в лице на сите што скандираа „нема правда, нема мир“. За кого како. Тоа што нема правда, на многумина им носи мир. И благостојба стекната незаконски.

Не е само ова свртено наопаку. Кај нас генерално се измешани улогите. Во нашиот „вредносен“ систем чесниот е глупав, смотан и наивен. Нечесниот е успешен, снаодлив, мангуп, посакуван модел на однесување… Тоа е прва релативизација кога се има предвид значењето на правната држава.

Сите имаат можност да покажат кој за што се залага. И да не заборават: што ќе фрлат сега пред себе, тоа ќе најдат и зад себе, на следните избори. Ако се за правда, ќе бидат наградени. Ако се за замижување пред правдата, ќе бидат одминати

Втората релативизација е општественото „канонизирање“ на мангупите – преку медиумско аминување, разубавување и романсирање на нивните криминални биографии, создавање лажна слика за морал и деловен успех.

Сега пред нас имаме лакмус- хартија која ќе покаже до каде се подготвени да одат политичките елити во корекција на оваа приказна: дали сакаат здрав, правно фундиран закон кој нема да го продлабочи хаосот или да предизвикува нов, или сакаат закон – желботека, во кој сите политички интереси ќе бидат намирени, но општествен мир практично нема да има, а уште помалку правда.

Прашањето за законот за ЈО во суштина е вредносен судир, признание кој за што се залага – за правда или глумење правда. Рефлексијата од тој судир е слика за тешка социјална патологија: дали ќе правиме систем од аномично –патолошка ситуација која не се движи во рамките на поредокот, туку се лизга надвор од него, таму каде што не постои правна мера за нештата, или еднаш елитите ќе се одважат да направат нешто квалитетно, што навистина ќе ја врати вербата во правдата.

Сите се пред голем тест. Опозицијата мора да ги запре обидите за легализација на девијациите од груевистичкото правосудно наследство, кои не носат ништо добро за државата, освен личен профит на поединци. Власта не смее тие девијации да ги користи како алиби за други состојби, туку да инсистира на нивно искоренување, но и за санкционирање на оние од нејзините редови.

Сите имаат можност да покажат кој за што се залага. И да не заборават: што ќе фрлат сега пред себе, тоа ќе најдат и зад себе, на следните избори. Ако се за правда, ќе бидат наградени. Ако се за замижување пред правдата, ќе бидат одминати. Граѓаните судат еднаш на четири години, и да потсетам – по таа одлука политичарите немаат право на жалба до повисок суд. Највисок суд е граѓанскиот.