Вести

БИРН нуди грантови за истражување на судската архива на предметите на воени злосторства

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Аудиовизуелната архива на Хашкиот трибунал. Фото: МКТЈ.

Балканската истражувачка мрежа (БИРН), објави повик за новинари, уметници, историчари и активисти на граѓанското општество, за доставување на предлози за мали проекти, кои опфаќаат теми поврзани со архивите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и на локалните судови во поранешна Југославија, пред кои се суделе случаи на воени злосторства.

Предложените проекти, како што се наведува во повикот на БИРН, ќе треба креативно да ги искористат архивите на судовите, за промовирање на вистината, правдата и одговорноста на Балканот.

Со проектите, се вели во повикот, може да се „истражат прашања како што се кривичното право, сведочењата на жртвите, исчезнатите лица, репарациите, лустрацијата, одговорноста, како и други прашања поврзани со транзициската правда и соочувањето со минатото“.

„Можат да се пријават сите новинари, уметници, историчари и активисти на граѓанското општество, кои сакаат да копаат подлабоко по архивите на МКТЈ и на локалните судови од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија“, се вели во повикот.

Десет избрани апликанти, ќе добијат по 2.000 евра, за развивање на своите идеи, во период од шест месеци.

„Целта на проектот е да се промовира и шири архивата на меѓународните и на локалните судови, со цел да се изградат капацитетите на целните групи, за користење на наследството на судовите, во борбата против негирањето и дезинформациите меѓу општествата на Западен Балкан, со што би се зајакнал нивниот интеркултурен дијалог и изгледите за помирување“, потенцира БИРН.

Повеќе информации за процесот на аплицирање можете да најдете овде.

Повикот е дел од проектот „Обликување и промоција на наративите за судењата на воените злосторства во Западен Балкан, финансиран од Матра регионалната програма за владеење на правото (Matra Regional Rule of Law Program).