СЈО е мртво! Да живее СЈО!

Колумна на Сашо Кокаланов

Се шета Трпе по шумата и среќава една мазга:

– Здраво, јас сум Трпе, ти кој си?

– Јас сум мазга.

– Што е тоа?

– Татко ми е коњ, а мајка ми магаре.

Оди понатаму и среќава еден волчјак. Го прашува истото, а овој вели:

– Татко ми е волк, а мајка ми куче.

Трпе со чудење ги поткрева рамениците и продолжува. Наидува на коњска мува.

– Здраво, јас сум Трпе, ти кој си?

– Јас сум коњска мува.

Трпе ја гледа со неверување.

– А, бе ај, не е можно…        

Да не се лажеме, СЈО од самиот старт беше коњска мува. Ама онаква каква што Трпе си ја замисли погоре во вицот: плод на, во основа, длабоко оксиморонски, принуден, недоброволен сексуален чин на правдата како општествена потреба и на криминогената политичка елита, фатена со спуштени гаќи, но без загубена политичка моќ.

Такви коњски муви ретко се среќаваат во природата, но ете понекогаш ги среќаваме и во општествата. Особено во таквите во кои не се знае кој кого онаква…

Во демократиите од рурален облик како оваа нашава, со многу нерасчистени лепешки на патот, коњските муви се неизбежни. Нивната специјална задача е да ги изедат лајната што друг ги истресол на патот, и тоа не е многу благодарна задача.

Но, проблемот со коњските муви не е што некоја од нив имала лепливи прсти и се удавила во лајната, стрвно лапајќи со лепливите прсти. Проблемот е многу посуштински – во нивното потекло, во фактот дека се настанати како плод на „сношај“ на правдата и на криминалците.

Поттекстот на македонската коњска мува СЈО и на ова што денес ѝ се случува со „Рекет“, а уште повеќе што нам ни се случува како хистерично губење на надежта дека борбата за правда ја загубивме пред вистински да почне, го гледам како биолошки крик на сите наши клетки пред внатрешната растргнатост, расеаност и распнатост.

Кога ќе заврши ваквиот афект, ќе сфатиме дека случајот „Рекет“, во таа смисла, не е самоубиство од заседа, туку меч со две острици: да, тој меч може да заврши во стомакот на правдата, но исто така може и да биде еден од најголемите триумфи на борбата за правда во поновата македонска историја.

Наместо да клапнеме, треба како јавност да извршиме уште посилен притисок за неселективна правда. Ако во оваа битка Катица била „најслабата карика“, нека си отпадне

Сега сè зависи од тоа како ќе биде водена истрагата и од правниот епилог. Ако има заштитени ѕверки, па макар тоа биле Каки, Кики, Фрики или само некои од овие митски суштества, тоа ќе биде тежок пораз по кој ќе ни требаат темелни општествени промени и уште години (децении) борба за да добиеме нова шанса да го регенерираме ткивото на туморозната правна држава.

Ако, пак, сите вмешани во „Рекет“ добијат по газот и завршат таму каде што им е местото, тогаш, не само што овој случај нема да биде погубен за правната држава, туку ќе стане точка на драматичен пресврт, спасена меч-топка, најголем елан и најзначајната адреналинска инјекција за правосудството во борбата против криминалот и корупцијата како таква.

Без да прејудицирам ничија вина, дозволете гласно да го кажам следново: Катица не може да ја урне битката за правда! Штитењето на Катица може!

Затоа, наместо да клапнеме, треба како јавност да извршиме уште посилен притисок за неселективна правда. Ако во оваа битка Катица била „најслабата карика“, нека си отпадне. Треба да го поднесеме тоа без да покажеме слабост пред криминалот.

Можеби ви изгледа дека криминалната банда има две меч-топки и сервира за меч, ама мечот не е изгубен. Не ни треба деконцентрација, нов бран малодушност и паника на база на распарчување, целта е иста, а и растојанието е цело време горе-долу исто.

 „Империја“ не може да падне затоа што некоја лакома будала (или повеќемина такви) се обиделе да се офајдат компромитирајќи го целиот процес за личен бенефит

Тезите дека сега треба да паднат во вода сите предмети на СЈО се исто така тези произведени како резултат на политичко-мафијашки и медиумски рекет. Во правото е јасно дека еден криминал не го отстранува постоењето друг криминал. Ако убиете човек и потоа обвинителот ве рекетира за да се браните од слобода, тоа не ве прави помалку убиец. Може само да си лежите заедно, ништо повеќе и ништо помалку.

„Империја“ не може да падне затоа што некоја лакома будала (или повеќемина такви) се обиделе да се офајдат компромитирајќи го целиот процес за личен бенефит.

Трите лекции што како општество треба да ги научиме од случајот „Рекет“ се овие:

  1. Никогаш не треба да ги персонифицираме идеалите. Сетете се, не шетавме по улиците за Катица, ами за правда. Така што, не велам не, можеби маицата со силуетата на Катица ќе послужи за бришење прав, ама ако идеалите ви се крпи, тогаш нешто е гнило во самите нив;
  2. Додека се борите со мафијата, таа не седи со скрстени раце. Ви ги бара најслабите „алки“ и прави значајни пробиви; и
  3. Во битката за правда нема конечна победа. За среќа, ни конечен пораз.

Коњската мушичка СЈО, да се вратам на суштината, има поголем проблем од евентуалната вмешаност на Катица во „Рекет“. Тоа е фактот што и натаму е коњска мушичка. Односно, што и натаму нејзиниот опстанок зависи од гласот на злосторничкото здружение, истото она што треба да го изведе на обвинителна клупа.

Ќе ни требаат коњски напори за правдата повторно да ја оплодиме, без сексуален чин во кој една од страните ќе е самиот криминал. Да не беше така, досега веќе гласно ќе извикавме: СЈО (со Катица на чело) е мртво! Да живее СЈО (без Катица на чело)!