Големата слика го одразува стратешкото ситуирање на државата во западниот систем на вредности, како членка на НАТО и ЕУ, со култура на уважување на етничките и верските разлики, меѓународно етаблирана како пример за цивилизирано решавање на меѓусоседските спорови (договорите со Бугарија и со Грција). Следните ургентни прилози кон тоа ситуирање се реформите во правосудството, администрацијата и безбедноста.
Во тој контекст голема дебата се разви за „судбината“ на СЈО, по повод предлог-законот за Јавното обвинителство, при што дојде до израз негативниот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон СЈО, во низата на аналогно противење на споменатите договори, на уставните амандмани, пред тоа, при смената на власта, на конституирањето на Собранието (долготрајната опструкција и на крајот насилниот упад во Собранието).
ВМРО-ДПМНЕ не може да се најде во големата слика, зашто таа го негира светот на оваа партија. Во тој свет партијата беше поставена по урнек на касарна, а општото добро беше предмет на грабеж. Во идеолошкото огледало тој свет се отсликуваше/покриваше со идентитет и национално достоинство „позајмени“ од пропагандата на грчката борба за Македонија (Македоникос агон).
ВМРО-ДПМНЕ застана зад одбраната на лидерот. За да го спаси него и неговите крими-партнери од решетки, избра да ја стави зад решетки државата. Направи сѐ (вклучително атентат врз Собранието) за да го спречи конституирањето на новата власт и воспоставувањето на уставниот поредок
„Бомбите“ оцртаа ненадминлив аудио документарец, во кое алчното партиско раководство на чело со лидерот е фатено како се задавува голтајќи го Уставот и материјалните ресурси на земјата. СЈО доаѓа како природен и божји закон и застапник на правдата пред тој голем антицивилизациски престап, преку кој не можеше да се помине, а да се зборува за човечка заедница, за демократија, за правда, за владеење на правото. Раководството на партијата-сторител на тој престап, СЈО го квалификува како злосторничко здружение.
При состојбата на државата како проширена касарна (партија-држава или заробена држава), СЈО беше можно како нешто онострано, кое му бега на редот на касарната. Врховниот командант/лидерот, така жестоко таргетиран во обвинението на СЈО, е затечен. Само однадвор, странска сила, може да фрли таков камен по него! И тематизира антиномија наше и туѓо, автохтоно и наметнато, патриоти и предавници.
Обвинението против неговиот престап го идентификува со напад од странски сили (персонализирани во „Ванхојтевци-Катици“) против државата, во духот на : „Државата – тоа сум јас“, потврдувајќи го идентитетот на реалноста лидер-партија-држава-нација-Македонија. Надвор од тој идентитет, покрај СЈО, остануваат и СДСМ, и етничките Албанци.
Доблесни политички субјекти, кои ги почитуваат Уставот и законите (да не зборуваме за елементарните етички принципи), не прифаќаат ваква идентификација со осомничен/обвинет, туку промптно потегнуваат процес на индивидуална одговорност, за да се избегне имено таа идентификација на осомничен/обвинет со организацијата/колективот.
Се чини парадоксално, но СЈО работи ЗА партијата, а Груевски/Мицкоски ПРОТИВ. Останува на секој пратеник одделно дали ќе ја долови оваа логика, ќе излезе од менталните пранги на груевизмот и ќе си ја спаси душата
Во нашиот случај ВМРО-ДПМНЕ застана зад одбраната на лидерот. За да го спаси него и неговите крими-партнери од решетки, избра да ја стави зад решетки државата. Направи сѐ (вклучително атентат врз Собранието) за да го спречи конституирањето на новата власт и воспоставувањето на уставниот поредок.
Така, објективно, партијата го продолжува/„повторува делото“ на злосторничкото здружение и се самоуништува како политички субјект. Притоа применува тактика на нападот како најдобра одбрана, сублимирана во „идеологијата“ на почесниот лидер, според која државата/нацијата се идентификува со клиентите на СЈО и (по санкционирањето на насилството врз Собранието), на Јавното Обвинителство.
Тие биле патриотите и автохтони Македонци. Власта била предавничка, марионетска, а СЈО и ЈО со актуелниот претседател – нејзини инструменти за „политички прогон“ (од кој побегна и доби азил во Будимпешта почесниот лидер). Затоа треба да се укине СЈО, да се забранат „бомбите“, да се разреши претседателот на ЈО!
Не е соодветно оваа инфантилна рационализација да се смета за десна, конзервативна или националистичка позиција, бидејќи е спротивна на стратегијата на обезбедување услови за одржување и просперитет на нацијата. Тие неопходни услови ги носи продорот во евроатлантските интеграции и дејноста на СЈО и, сега, на „Русковска“ обвинителството и на „Кацарска“ судството. Додека бегството од одговорност и заштитата на криминалците е, просто, криминализам, што никако не оди со големата слика.
Се чини парадоксално, но СЈО работи ЗА партијата, а Груевски/Мицкоски ПРОТИВ. Останува на секој пратеник одделно дали ќе ја долови оваа логика, ќе излезе од менталните пранги на груевизмот и ќе си ја спаси душата.
А процесот, со помали или поголеми поревања, ќе продолжи. Зашто е дел од општочовечка европска и планетарна тенденција на обединување и споделување.