СЈО како крстопат

Да се разбереме: ноторен факт е дека Специјалното јавно обвинителство е институција настаната како резултат на политички договор. И тоа на договор излезен од оние лидерски средби, познати како серијалот Пржино 1, 2, 3… итн. Од друга страна, факт е дека е тоа можеби е најуспешниот резултат на овие бесконечни, мачни и главно несуштински разговори/преговори.

Едно од круцијалните прашања што се поставува сега, во време на нови партиски разговори/преговори околу судбината на СЈО е секако дали партискиот разговорно-преговарачки апарат го има капацитетот да го укине СЈО токму онака како што го создаде? Одговорот е едноставен – да, партиите можат да го урнисаат СЈО и тоа ќе се обидат да го направат. Основното прашање всушност е – зошто тоа нема да успеат да го направат?

Овдешните партии (сите без исклучок) речиси органски се стремат кон партократија, и како систем на вредности, а уште повеќе како систем на форсирање на сопствени (лични) и групни интереси, а СЈО е симбол токму на спротивното – на правната држава!

Со други зборови, партиите не го формираа СЈО во полза на сопствената штета, односно како израз на сопствената волја за воспоставување правна држава, односно на државно уредување каде што дневната политика ќе нема никакво влијание врз судскиот систем. Дури можам да кажам дека не го формираа ниту под притисок на таканаречената меѓународна заедница (иако тој притисок никако не смее да се потцени), туку под притисок на времето.

Колку и да се обидуваме да ја направиме пуст остров, Македонија, сепак, не е тоа. Едноставно, дојде времето кога самоволието и саможивоста на политичките елити ќе треба да биде ставена под лупа и да се преиспита. Која партија тоа побргу и подобро ќе го почувствува, таа ќе има повеќе шанси да биде на власт.

СДСМ, како опозиција, го имаше токму тој мотив во пржинските преговори – власта. Многу повеќе отколку вистинската заложба за правна држава, што може јасно да се види од процесите што се во тек откога се тие на власт, односно околу политичките договори за разни видови амнестии, а според некои и за поделба на тендери, само за да се изгласа некоја политичка одлука, која без оглед колку е важна (уставни промени, на пример), повторно ја форсира партократијата наместо правната држава.

На крајот на краиштата, и одлуката нелегално снимените разговори повеќе да не се признаваат како судски докази не е ништо друго, туку партиска/политичка одлука за наводно повисоката цел, да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за изгласување на законот за јавно обвинителство.

Токму сега, како своевремено СДСМ (дури беше опозиција), ВМРО-ДПМНЕ треба да го почувствува мигот и во овие веќе реални партиски пазарења, не само да не бара укинување на СЈО, туку да бара негово зајакнување, враќање на прислушуваните разговори како судски докази, па и проширување на нивните ингеренции

Во таа смисла се и сегашните разговори/преговори меѓу таканаречените партиски работни групи за СЈО. Никого не изненадува речиси рововската битка на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на ова тело. На крајот на краиштата, СЈО, не само што стави крај на нивното владеење, не само што им ја разнебити партијата ставајќи го речиси целиот политички врв под основани обвиненија за сериозни криминали, туку и целата партија ја обвини како злосторничко здружение што работи на штета на државата.

Сепак, нивните заложби за минимизирање, па и укинување на Специјалното јавно обвинителство се – огромна грешка! Првенствено, за нив самите како партија. Имено, ако сега се затре СЈО, тоа би значело некаков спас за нивните сегашни и некогашни функционери од судски казни, но истовремено би значело и амнестија за сегашната власт, која и онака покажува чудни тенденции за непотизам во сите општествени пори, а богами и за некои други девијации.

Непостоењето на СЈО, едноставно, е претпоставка за враќање на инклузивна партократија и оставање одврзани раце за сите видови самоволија. Токму сега, како своевремено СДСМ (дури беше опозиција) треба да го почувствува мигот и во овие веќе реални партиски пазарења, не само да не бара укинување на СЈО, туку да бара негово зајакнување, враќање на прислушуваните разговори како судски докази, па и проширување на нивните ингеренции.

Само така може да ја придобие довербата на своите расколебани членови, на неопределените и на разочараните во сегашната власт. Односно, тоа е еден од поефикасните начини за повторно враќање на власт. Зашто, како што би рекол Дејвид Боуви, иднината им припаѓа на оние што можат да го видат нејзиното доаѓање. А Дејвид Боуви знае што зборува, верувајте ми!

Дури и прашањето за буџетот на СЈО и кој ќе го одредува, кое упорно го поставува ВМРО-ДПМНЕ, не е ништо друго, туку прашање кој, кога и како ќе може да го укине СЈО, со тоа што во некој одреден момент тоа нема да го направи ВМРО-ДПМНЕ, туку токму тандемот СДСМ/ДУИ. Се разбира, во моментов кога тоа ќе им биде потребно. Дали СЈО треба да има некаква контрола врз нивната работа? Секако. Ама таа контрола никако не смее да биде партиска (читај: парламентарна), затоа што видовме, а богами и сѐ уште гледаме дека партиските интереси не се секогаш (да не кажам: не се никогаш) истородни со државните или со националните интереси.

Специјалното јавно обвинителство е институција, која не само што ги исполнува своите службени (правни) ингеренции, туку е и симбол дека и ваквата држава каква што е нашата може да влезе во клубот на цивилизираните земји. И затоа сегашните разговори/преговори што, во принцип, ги водат партиски луѓе, а не професионалци, се всушност вистинскиот крстопат на кој се наоѓа Македонија. Ќе можеме ли да го видиме доаѓањето на иднината?