Аеродромскиот скенер, низ кој морало да поминат личните работи на косовската претседателка Вјоса Османи заради стандардна безбедносна проверка, најмногу откри што има во „багажот“ на ДУИ. Купишта фрустрации.
Ако досега важеше изреката – дај му некому власт и ќе видиш каков е, за ДУИ тоа остана видливо и откако не е на власт.
Разбирливо е дека по две децении, не им е лесно да се адаптираат на новата ситуација – да бидат опозиција. Сепак, на македонската политичка сцена, во изминатите три децении не е видено толкаво количество ламентирање и гнев колку што се насобра кај ДУИ откако не влегоа во владината коалиција.
Сме виделе многу партии – победувале, губеле, сме виделе разни суети и табиети, ама не и толкаво „плачење“ наречено битка за легитимитет. Во обидот да ја однесе водата на таа воденица, Али Ахмети, за помалку од два месеца драматично ја урна аурата околу неговиот лик и дело, исто како и на ДУИ.
Непобедливост не мора да значи секогаш да си во власта. Непобедливост е и кога сам избираш со кого сакаш да си во власта, а со кого не сакаш. Непобедливост е и кога свесно, тактички жртвуваш битка, за да се консолидирaш и да ја добиеш „војната“. Ништо од сето тоа не видовме кај ДУИ.
Рециклирачи на трошки
Од партија, која над 20 години се промовира како фактор на стабилност и мудрост, па дури и за геополитички компас на земјата, стигна до тоа да собира и да рециклира дневно-политички трошки и од тоа да прави политика.
ДУИ и претставници на партискиот врв, денешниот празник Илинден го поминаа претежно во извинувања до Косово и до претседателката Осмaни, бришејќи ред солзи, ред мрсули за инцидентот на скопскиот аеродром.
Целта им беше да искористат одредено (сѐ уште нерасветлено) недоразбирање, само за да ја дискредитираат Вреди, да ја портретираат со едни исти фрази – „вазал на моноетничка влада“, да ги потпалуваат односите меѓу Скопје и Приштина…
Што има тука мудро партиски, државнички или европски, како што го крстија фронтот што го предводат? Ништо. Опседнатоста од желбата да ги потценат партиите од Вреди не носи додадена вредност за Мала Речица. Во таква битка за „легитимитет“, ДУИ самата најбргу се делегитимира и дополнително се дискредитира.
Обидите да наметнува темпо со моноетнички теми, да инсистира дека, освен ДУИ нема друг легитимен заштитник на интересите на Албанците, и да ги с’ска Албанците дека губат со други албански претставници во власта, не е добро за албанската етничка заедница, ни за државата во целина.
Лавров без проблем
Ќе биде добро што поскоро да се расветли како се случил инцидентот на скопскиот аеродром, особено што лебди сомнежот дека можеби некој добро се потрудил тоа да се случи во предвечерјето на празничната средба Сиљановска – Вучиќ.
Зашто само во таков редослед, приказната добива заплет и расплет, можност за развивање конфликт меѓу ликовите, па Артан Груби со невидена леснотија ќе ги опишува разликите меѓу ДУИ и Вреди како „од Европа и Америка – до Русија и Србија, од Али Ахмети – до Иван Стоилковиќ“.
А сме ги слушнале многупати и контраодговорите од Вреди – дека во лажната проамериканизација, ДУИ заборава на нејзините кадри што завршија на американските црни листи. Дека поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, како претставник на Али Ахмети, во Будимпешта преговарал со Никола Груевски за негово враќање.
Дека Османи стана домаќин на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, односно првиот и единствениот што ги отвори вратите за Русија да дефилира во Европа по нејзината агресија во Украина.
На крајот, обидот низ серија реакции да се фрли во втор план Илинден, празникот кој им припаѓа на сите граѓани, доволно јасно говори кој како го разбира градењето единство, иднина, заедништво, надминување на поделбите и повикот за акција.
Граѓаните сѐ појасно препознаваат – има ли во земјата агенси, чинители, двигатели на важни процеси за промени, наспроти оние што само на зборови го глумат тоа? Рутинизација на тоа „како досега“ нема да има. Кој се надева дека ќе ги издејствува старите пракси, спие на погрешно уво.
Честит Илинден!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија