Господине Иванов, четвртата македонска република ќе мора да се роди од пепелот и плевелот што вие и вашите ментори го оставате.
Спиете ли мирно, претседателе Иванов? Ви се тресеше ли раката кога го подигнавте филџанот со кафе на овој Велики петок, најтажен ден за православните верници, каков што се декларирате и вие? Имавте ли во овој дождлив ден, чист поглед од Водно кон Бутел, или се тешевте дека е тмурно, па не се гледа до таму.
Очајнички ја вртевте главата на друга страна, божем со тоа ќе заборавите колку јудејско било вашето помилување на едно невино лице, кое неодговорно го аболиравте како да е осомничено. И по голготата што тој ваш потег ја предизвика, денеска тоа лице ќе биде испратено во вечиот дом, далеку од ова ваше налудничаво „царство“.
Претпоставувам дека настрана го вртите погледот и од кошницата со тазе обоени јајца, бидејќи сега ве потсетуваат само на боите на шарената револуција. Седите во вилата Водно, не знаејќи што да правите со себе и сопствената компромитација. Во таа стуткана позиција наликувате на расходувана восочна фигура која треба да оди на репарација, а во чие обликување се препознаваат сите папиларни линии што ги оставиле вашите партиски шефови, додека ви ја вајале претседателската фигура според своја замисла и потреба.
Очекувано е во моменти на преиспитување да се прашувате како ќе бидете запишани во историјата – како претседател, партиски слуга, дворски шут или едноставно, како празно место во историјата. Би требало да сте свесен (не е добро ако не сте), дека денес ги живеете најсрамните денови во отвореното одделение на сопствениот затвор, каде што стигнавте по сила на вашата неограничена сервилност, понизност, отсуство на каков било личен, а камо ли државнички интегритет.
Верувам дека барем малку разбирате колку со одлуката за аболиција длабоко го погазивте Уставот, врз кој се заколнавте дека ќе го почитувате кога стапивте на функција. Од денот кога застанавте на различна страна со највисокиот правен акт, вие де факто престанавте да бидете претседател на државата. Вие денес можете да се легитимирате само како претседател на куќниот совет во резиденцијата на Водно.
Кога ќе го вратам филмот назад, најмалку и одмогнавте на Македонија, тогаш, кога плафонот на претседателската функција го густиравте шетајќи по разни пифтијади, празијади, ракијади, берби на калинки… Таа празнотија што ја рефлектираше вашиот политички хабитус беше толку многу бенигна во споредба со малигноста што сега ја инсталиравте во системот. Со колективната аболиција единствено што соопштивте е дека „фикусот“ еволуирал до перформансите на еден кабинетски Тото Рина (Салваторе Рина).
Од денот кога застанавте на различна страна со највисокиот правен акт, вие де факто престанавте да бидете претседател на државата. Вие денес можете да се легитимирате само како претседател на куќниот совет во резиденцијата на Водно
Да, господине Иванов, вие денес сте македонскиот Тото Рина. Тој стави половина тон динамит на патот од аеродромот до ценарот на Палермо, пат по кој требаше да помине обвинителот Џовани Фалконе. Вие со аболицијата поставите еден тон динамит под темелите на СЈО. На идентичен начин како што лица од партијата која ја штитите, наредија да се стави динамит под „Космос“. Уривањето стана поважно од градењето.
Дереџето на кое е доведена Македонија денес, е крунски доказ за тоа. Вратена е многу години назад, речиси во периодот кој често со гордост го потенциравте – времето кога апостол Павле на својот мисионерски пат, во 51 година, поминал и низ нашето Паљурци. Најавивте дека на тоа место ќе се изгради значаен центар во спомен на следбеникот на Исус кој го ширел христијанството во Македонија.
Денес, атарот на Паљурци е пуст и празен, за разлика од времето кога таму стигнал апостол Павле, а најавениот центар е со години заглавен во спор за денационализација. Намерата за оспоменичување на духовноста остана во сенка на тоа кој да ги добие, а кој не, тапиите, имотите…
Од такви „битки“ страдаше и Македонија во сите изминати години: дефлација од елементарен морал и инфлација од лица со лукративни намери. Не зборуваме за деца кои украле кајсии од комшиски двор. Зборуваме за злосторничко здружение распослано во институциите на власта и заштитетно од нив.
На крајот, господине Иванов, можам да констатирам дека џабе сте растеле во прекрасниот Валандовски крај, џабе сте се насладувале со најубавите калинки во Македонија, џабе сте играле на ливадите низ кои некогаш поминал апостол Павле, кога ништо не сте научиле.
Не само што денес не можете да се легитимирате ни како претседател ни како професор по право, вие не можете да беседите дури ни за калинките, бидејќи никогаш не сте ја сфатиле пораката што тие ја носат во себе. Калинката е приказна и симбол за единство и најцврста сплотеност.
Дали сте забележале како нејзините бисерно црвени зрнца се идеално подредени едно до друго, нераскинливо поврзани во едно компактно и совршено семејство, во кое сите тие се исти, еднакви, сплотени во хармонија едно до друго?
На таква „калинка“, господине Иванов, требаше да наликува Македонија. Држава на еднакви, рамноправни и сложни граѓани, еден до друг, во цврста граѓанска низа која ништо не може да ја раздели и раскине. Претпоставувам дека досега сте набрале килограми и килограми калинки, уште толку сте вкусиле, но за жал, никогаш не сте ја дешифрирале нивната порака.
Вие и раководството на партијата што ве кандидираше, се презентиравте како класичен антипод на сè што таа калинка симболично претставува. Мотивирате раздор и поделби меѓу граѓаните, ја менувате општествената ДНК преку ГМО – интервенции, за да ги поделите луѓето на предавници и патриоти, бидејќи можете да владеете само ако делите.
Господине Иванов, четвртата македонска република (по оние од 1903, 1945 и 1991 година), ќе мора да се роди од пепелот и плевелот што вие и вашите ментори го оставате. Нејзиното раѓање ќе биде нужност, кој не ќе може да биде спречен со динамит. Силината на таа општествена експлозија не се потпира на арсеналот од ТНТ што стои во вашите партиски магацини, туку извира од волјата на граѓаните.
Тие самите ќе ги соберат сите плодотворни зрнца, семиња, атоми на свест и совест и ќе ги обединат во едно големо и цврсто јадро налик на калинка, чие место ќе биде на висока и достојна гранка, до која повеќе не ќе можат да стигнат црви што ползат и други штетници.
И покрај тоа што сум песимист во однос на вашето натамошно поведение, од срце ви посакувам конечно да ги отворите очите кои во два мандата ги држите широко затворени, да соберете храброст и да погледнете околу себе, да ги препознаете лажните светци со кои сте опкружени, да ја повлечете скандалозната одлука и да побарате прошка од јавноста.
Во овие тешки денови за Македонија, тоа би било единственото нешто со кое барем малку ќе ги санирате штетите што и се нанесени на земјата.