Тие се крадци и ќе одговараат

Колумна на Тамара Чаусидис

Цел живот зборувам и верувам дека ние, новинарите, сме гласот на обичните луѓе, а на протестот пред Уставниот суд имав можност да го чујам гласот, да ја искусам таа негова страшна потреба да биде чуен. И да биде пренесен.

„Вие сте онаа… новинарката?“ ме прашува една женичка додека стоиме на рабовите од протестот пред Уставен суд. И двете излезени од мака, и двете скутрени од очај и студ. Ми честита, а јас веќе по навика се заблагодарувам.

Не е таа единствената што така на улица ќе ме сретне, па ќе рече „браво“ . Одамна не се чудам и не прашувам зошто ми викаат така. Се правам дека знам. Сум избрала некаков сопствен одговор во главата. Обично зад тоа „браво“ се крие потребата да се споделат фрустрацијата, желбата за борба , оправданието зошто ја нема или прашањето „до кога вака?“ . А јас одговор немам, еднакво сум немоќна, а и незгодно ми е.

Незгодно е кога те фалат и ти викаат „браво“, а ти знаеш дека не заслужуваш, дека единствената твоја „храброст“ е да го зборуваш она што секој треба да го говори, да го правиш она што секој и треба да го прави. Зарем тоа те издвојува? Колку ли е страшно општество во кое она што е нормално, станува исклучок, изблик на храброст.

Обично таквите фалби бргу ги напуштам. Велам „благодарам“ и си одам што побргу. Но, сега не можев да заминам. Јас и жената на протестите пред Уставен бевме во толпа. А таа, како оние стари луѓе кои својата осаменост ја лечат со случајни минувачим ми се вдаде, ме прикова со поглед кој не ми дозволуваше да заминам. „Да им кажеш“ ми вели „во основа на оваа борба е криминалот на премиерот и неговите министри. И Хитлер и Сталин ја уништуваа државата, ама заради идеологија, овие заради криминал“. Повторува по неколку пати и нагласува „да им кажеш, ме разбра? Да им кажеш!“.

Кимам со глава свесна дека во истиот момент во мене почнува истата дилема која со години ја имам:„Колку смеам да кажам, треба ли баш така, директно, да не им давам аргумент?“

„Тие се крадци и ќе одговараат“ ми вели жената. Инсистира дека тоа е пораката која треба да ја пренесам. „Само така да им кажеш, крадци се и ќе одговараат. Запомни ли?“ ме прашува сомничаво. Ѝ ги повторувам зборовите како потврда дека сум запомнила. „Крадци се и ќе одговараат“ ѝ велам, а таа кима задоволно. „Ете така, тоа да им кажеш. Тоа ќе разберат. Ќе одговараат.“

„Нѐ покрадоа“, ми вели, „нѐ покрадоа и нѐ натераа и самите да размислуваме како криминалци. Покрија сѐ од градинка до пензионери, на народот не му влегува в глава, затоа само едно ќе им кажеш – тие се крадци и ќе одговараат“.

„Ги слушна ли што зборуваат едни за други. Ние немаше да можеме в очи да се погледнеме, ама ним не им пречи. Како секта се бранат. Најмногу ме боли што се крие зад ‘народот’ и му се обраќа на говедарски јазик. Многу ме боли тоа“.

Се обидувам да го напипам телефонот во џебот. Како за инает, баш сега не ѕвони. А жената ме држи за рака, да не заминам, а да не ми пренесе сѐ што сака да каже. Не разговара таа со мене, таа преку мене ја пренесува пораката. Цел живот зборувам и верувам дека ние, новинарите, сме гласот на обичните луѓе, на протестот пред Уставниот суд имав можност да го чујам гласот, да ја искусам таа негова страшна потреба да биде чуен. И да биде пренесен.

Тие се крадци и ќе одговараат.