Црвено-црна линија

Претседателот на Републиката Ѓорге Иванов во петокот беше веројатно единствениот човек во државата, а веројатно и во Грција, кој немаше мислење за предлогот новото име на Македонија да биде Република Илинденска Македонија! Имено, веднаш по завршувањето на лидерската средба одржана по овој повод, тој изјави дека очекува предлогот да го види во писмена форма, па потоа да го каже своето мислење.

Просто заличе дека му е потребна писмена форма за да може да ја однесе онаму каде што оди по сопственото мислење. Или барем по толкување на неговата синтагма „разумен компромис“. Од друга страна, неговиот грчки колега Прокопис Павлопулос, потенцирајќи ја потребата од широк консензус на политичките партии по ова прашање, практично најави дека пројавениот оптимизам на премиерот Зоран Заев можеби и нема некоја особена поткрепа во фактичката состојба.

За разлика од претседателите, лидерите на опозициите на двете земји, Христијан Мицковски и Кирјакос Мицотакис, покажаа дека немаат само слични имиња, туку и приближно исти мислења – и двајцата речиси истовремено го одбија овој предлог. Со тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше нешто пооригинален, истакнувајќи во негативна конотација дека „целиот процес се одвиваше тајно и егзибиционистички“ (?), збогатувајќи ја македонската политичка литература со еден сосема нов, иновантен и, што би рекол Заев, „креативен“ оксиморон – егзибиционистичка тајна!

Кога само некој час подоцна се разбра дека Грција го отфрла предлогот, гласовите што дотогаш се жалеа на комплетната нетранспарентност на „целиот процес“, веднаш почнаа да ја критикуваат избрзаноста на објавата на предлогот и „истрчувањето“ на Заев со прифатената промена на Уставот. Демек, името сега отпаѓа, ама „ерга омнес“ останува.

Без оглед на неразумните и неразбирливите уцени на грчката страна во однос на македонското име, ако сакаме да бидеме искрени, името на Илинден во македонско-грчките односи се искомпромитира уште во 90-тите години на минатиот век, кога по основните училишта во земјава на ѕидовите висеа официјално печатени географски карти на Македонија заедно со трите крака на Халкидики и, се разбира, сосе Солун и кога партијата што сега ја предводи Мицковски најавуваше конгрес – токму во Солун!

Со предлогот „Република Илинденска Македонија“, Македонија покажа подготвеност за отстапки, но конечно покажа и која е нејзината црвена линија. Пакетот што го предложи Македонија е токму таа црвена линија. Секое друго име ќе бара друг пакет мерки и веројатно намалување на отстапките

Па, сите оние полемики дали македонските партизани требаше да одат на Сремскиот фронт или на Солун, иако, се разбира, граѓанската војна во Грција немаше иредентистички туку идеолошки карактер, односно Македонците во одредите на грчките партизани не се бореа за приклучување кон Југославија туку за воведување комунистички систем во Грција.

Иако Грција е во позиција да уценува и да одбива и „најразумни компромиси“, сепак оваа фаза во преговорите мора да се оцени како напредок и како успех на македонската страна. Не само поради очигледната македонска иницијатива (што никако не е за занемарување – на крајот од краиштата, колку што се сеќавам ова е првпат македонската страна да ја преземе иницијативата во преговорите) туку токму поради начинот на кој што се води „целиот процес“, што би рекол Мицкоски.

Добро е, имено, што на извесен начин се маргинализираше јаловиот метод преку посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц, односно што модусот се крена на министерско, па и премиерско ниво. Во секој случај, на овој начин се потенцира сериозната намера на државата конечно да го реши проблемот.

Со предлогот „Република Илинденска Македонија“, Македонија покажа подготвеност за отстапки, но конечно покажа и која е нејзината црвена линија. Пакетот што го предложи Македонија е токму таа црвена линија. Се разбира, заедно со предложеното име. Секое друго име ќе бара друг пакет мерки и веројатно намалување на отстапките. Со самото тоа, во оваа фаза на преговорите за првпат сме во предност пред Грција и за првпат ние не сме „лошите момци“ во приказната за името.

Сега, конечно, на ред е Грција да ги трпи притисоците на меѓународната заедница и американскиот потпретседател Мајкл Пенс телефонски да го „охрабрува“ Ципрас да продолжи да работи со Заев на „заемно прифатливо решение“. Финесата во соопштението на Белата куќа е во синтагмите „историска можност да се реши ова прашање“ и „времето е од големо значење“. Со други зборови, притисокот е врз Грција да прекине да игра на временската карта и така да го исцрпува својот северен сосед.

Сега, конечно, на ред е Грција да ги трпи притисоците на меѓународната заедница и американскиот потпретседател Мајкл Пенс телефонски да го „охрабрува“ Ципрас да продолжи да работи со Заев на „заемно прифатливо решение“

Во овој контекст може да се гледа и посетата на британската премиерка Тереза Меј на Скопје. Ако веќе не можеме да се убедиме дека во најдобар интерес на Велика Британија е Западниот Балкан да влезе во Европската унија (бидејќи самата Велика Британија излегува од неа), а ѝ е, тогаш барем да разберевме што сакаше да ни каже преку изјавата дека сите заедно треба да се бориме против руските влијанија во регионот и во Европа. Како Македонија ќе се бори? Па, само преку евро-интеграциите.

Ако Европската  унија не ѝ е важна на Велика Британија (а тоа и како ѝ е важна), тогаш НАТО секако ѝ е битен. Како ќе влезе Македонија во НАТО? Во овој момент, само преку Грција. Со други зборови, посетата на Меј беше признание за Скопје, а притисок врз Атина. Со еден збор, Македонија за првпат во својата историја стана сериозен топоним на европската геополитичка карта како позитивен пример и битен фактор за стабилноста во регионот.

Иако грчката страна експресно го одби предлогот „Република Илинденска Македонија“, јас не би го напуштил пребргу, бидејќи станува збор за прифатлив, да не кажам одличен предлог, кој во стартот ги ништи сите оние небулози околу загрозување на национални идентитети и исчезнување на една нација. Напротив. Може само да го зајакне националното чувство.

Нема тука да ги повторувам аргументите кои се веќе кажани, за емотивната врзаност на Македонците за Илинден (дури и „античките“ Македонци се врзуваат за битката кај Херонеја, која наводно била исто така на 2 август), за неповредливоста на јазикот, за историјата итн. Конечно, со ова име македонската државност практично се признава од 1903 година, а со првата Република на Балканот и една од најстарите во Европа се гордееме и треба да се гордееме.

Веќе ги слушам скептиците кои ќе извадат аргументи дека Грција нема да прифати ниту еден предлог, затоа што нејзината агенда е да исчезне македонската нација. Не знам кој и како го замислува тоа. Ете, веројатно и Израелците сакаат да исчезнат Палестинците, па некако не им успева (иако тоа го прават со многу подрастични средства отколку што Грција може да замисли), како што впрочем и Хитлер сакаше Евреите да исчезнат и за таа цел користеше ептен драстични средства, па тоа не му успеа. Еве, и Турците не се во некоја особена љубов со Курдите, ама не гледам нешто дека Курдите исчезнуваат поради тоа.

Не е мое, не сум ни дипломат, ни политичар, ама мислам дека оваа офанзива не смее да се прекине на половина пат. На Грција ѝ е испорачан предлогот, време е ние да го засилиме притисокот врз меѓународната заедница. Да го тргнеме овој проблем веќе еднаш и на раат да се занимаваме со онаа Мира и дизел горивото што го користат исклучиво богатите.